Маркови Кули (град Чрнче) на Водно / VI век
31.08.2015 • VI-XV век
Тип: Кастел
Година/ Период : VI век
Локацијa: Марково Крувче (источен крај на планина Водно)
Извор: wikipedia
Најстари остатоци
На зарамнетиот врв во VI век бил изграден еден необично силен кастел со големина 360 х 90 м. Ѕидовите му биле широки до 2,5 м и зајакнати со 40 кули. Страничните кули имале форма на пентагони со големина до 11 м; акрополата била бранета со 9 тригони. Челната триаголна кула се потпирала на масивен бастион, голем 16 х 13 м. Со ископувањата од 1976 до 1980 г. била истражувана стратиграфијата на слоевите и нивната хронологија, потврдена со монети од Јустинијан I до Ираклиј.
Откопани се делови од обѕидието и 7 кули; сондирани се цистерните за вода и делови од водоводната мрежа, како и делови од други градби. Овој голем и невообичаено силно укрепен кастел со невообичаено големи цистерни за вода и невообичаено голем број кули служел како главна заштита и збег на жителите од рановизантискиот град што стоел во центарот на денешно Скопје; градот кој несомнено може да се идентификува со Јустинијана Прима.
Средновековни остатоци
Благодарение на ископувањата и точната стратиграфија денес можеме со голема сигурност да зборуваме за историјатот на тврдината и низ средниот век. Најверојатно во X век почнала обновата на некогашната акропола. Новото обѕидие ги следи остатоците од VI век, наслојувајќи се врз нив. Укрепениот простор имал димензии од 130 х 80 м. Обновени биле 4 кули на источниот ѕид и челниот бастион.
Источниот ѕид е откопан по целата должина. Некогашната порта кон средната тераса во ова време била заѕидана, а на североисточниот агол е отворена нова потрена низ која се влегувало и низ која се цеделе отпадните води од цистерните. Ѕидот е широк само 1,6—1,7 м. Кулите имале неколку катови, судејќи според дупките за греди (етажни) што ги откривме во нив. Подовите во сутеренот лежеле врз рановизантиските подови. Покривните керамиди се од нов, Комнински тип и биле налепени со малтер врз сводовите на кулите. Во две кули откривме слој со силен пожар и во нив парчиња од словенски црепни и византиски монети од XIII век (Теодор I, 1204—1222 г.), како траги од освојување на крепоста.
Просторот во обѕидието бил изграден. Откопани се повеќе градби што биле користени во средниот век. Тоа се
Цистерни за вода
Од пресловенските градби останале добро запазени и непотрупани двете големи цистерни за вода. Биле градени извонредно масивно, длабоки до 10 м, а собирале најмалку 2.400 м³ вода. Помалата цистерна била препокриена со керамиди во XI и XII век. До неа била поставена и нова водоводна линија, градена од керамички тубули со малтер (водата била носена од изворите кај с. Горно Водно). Еден крак од водоводот водел до југозапаниот агол на поголемата цистерна, снабдувајќи ја и неа со питка вода. Меѓутоа, сводот над неа во средниот век веројатно бил веќе урнат, а северниот ѕид длабоко пробиен, така што можело однадвор слободно да се влегува во цистерната како во отворена просторија. Делот на цистерната веројатно бил користен како коњушница. Покриен бил со кос дрвен покрив многу понизок од работ на цистерната. На ова упатуваат дополнително всечените лежишта за греди низ пиластрите во западниот ѕид. Крај јужниот ѕид на оваа цистерна во XI и XII век стоела една долга градба паралелна со неа, ѕидана без малтер. Подот и лежел во височина на круништето на цистерната. Во неа е најдена сликана византиска грнчарија од XI – XII век.
Бања
Бањата била изградена на тесниот простор помеѓу помалата цистерна и обѕидието, а врз остатоците на еден магацин од VI век. Има специфичен систем за затоплување оздола, сосем поинаков од античките хипокаустни уреди. Носачите на подот се градени во вид на масивни крајѕидни банкини и средишни квадратни подиуми. Меѓу нив се оставени канали за проток на топол воздух, длабоки до 0,75 м. Помали каналчиња за топол воздух се всечени во масата на носачите, а цевките за вентилација вертикално биле вѕидани во ѕидовите и обложени со керамички тубули. Едно ложиште (префурниум) е откриено под прагот на западниот дел, лачно надсводено со големи тули. Подот во двете простории бил обложен очигледно со дрвени штици, чии што изгорени остатоци се најдени на целиот простор. Бањата горе била засводена и покриена со керамиди од Комнински тип, а глеѓосаната грнчарија датира од XII до XIII век.
Дворец
Дворецот се наоѓа во средишниот дел на акрополата. Има правоаголна основа (22,5 х 12 м). Граден со малтер, а бројните дрвени греди во ѕидовите му давале поголема цврстина (систем сантрач). Ѕидовите биле украсени со дерсување, а подот покриен со малтерна кошулка. Градбата имала 3 простории во една низа и отворен трем пред нив по целата должина. Има индиции дека градбата имала и кат. Ова е класичен тип на големи балкански куќи со чардак, сочувани и денес тука како „турски” тип куќи. Во северозападниот агол на тремот, однадвор, бил потпрен санитарниот јазол. Датиран е со сликаната византиска грнчарија и керамидите од Комнински тип во XI – XII век. Големината на оваа градба, квалитетот на ѕидањето и украсите, покрај доминантната положба над околината, зборуваат за нејзиниот репрезентативен карактер. Станува збор несомнено, за еден дворец (вила) на управните големци од Скопје од тоа време. Помошните градби околу неа само се наѕираат на теренот и не се откопани.
Воени бараки
На просторот до Челната кула, однатре, откопани се траги од две дрвени градби потпрени на обѕидието (северно и јужно). Имале под насипан од светол лапор добро нивелиран, а темелите биле направени од 2—3 реда кршен камен. Обновувани се два пати. Ѕидовите и покривот биле дрвени, а биле покриени со керамиди од Комнински тип. Од сето ова најдени се изгорени остатоци, проследени со клинци, спојки и со други наоди, потоа траги од секојдневно живеење – парчиња од огнишна грнчарија, бројни животински коски угазени во подовите и др. Во прашање се воени станишта — бараки, покрај челната кула која ја демнела целата тврдина и широката околина.
Во повелбата на кралот Милутин на манастирот Св. Георгиј на Серава забележано е името на овој „град”: Чрнче (1300 г.). Името му живее во денешната населба Црниче, сместена на падините на Водно северозападно од некогашната крепост. Функцијата на истата може да ја замислиме како висока стража, збег и дворец над Скопје.
Автор на статија: marh