Пробивање на булевар АСНОМ и изградба на нов мост на Вардар
28.03.2018 • Информации Урбанизам
Извори: Град Скопје
На 23ти март, градот Скопје излезе со соопштение на свиканиот прес, за отпочнување на постапката за изградба на коридор за поврзување на Аеродром, Гази Баба и Центар. „Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и истиот ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено“ – рече Шилегов.
Новиот проект освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.
Проектот којшто беше презентиран денеска е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршен во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.
Во јавноста за жал „современото хејтерство“ веднаш го нападна проектот кој е планиран повеќе од 50 години како дел од основната сообраќајна мрежа, со лесно нафрлање на зборови – екологија, загадување, уништување историја, повеќе сообраќај. Проблемот на Скопје со загадувањето е сериозна работа и бара целосна стратегија, но утопиското размислување дека во Скопје повеќе нема да постојат возила и дека сообраќајната мрежа треба да се доведе до колапс во најмала рака е незрело и површно размислување.
Автор на статија: Filip Koneski
булевар АСНОМ / Вардар / инфраструктура / нов мост / сообраќајна мрежа