Мост „Слобода” (Моша Пијаде) / 1939
10.02.2025 • Информации

Име : Мост „Слобода” (Моша Пијаде
Aдреса: ул. Филип II Македонски
Година: 1939
Проектант: Ѓорѓе Лазаревиќ
Изведувч: „Заедница“ Томиќ од Белград (M. Томиќ)
Историски главната оска на поврзувањето на двата брега на Скопје бил Камениот мост. Оваа оска ќе остане централна артерија за поврзување на „стариот град“ со ширењето на јужната страна на Скопје. По 1888 година седиштето на Косовскиот вилает се префрла од Приштина во Скопје и станува познат како Скопски вилает. Со оваа важна титула, во градот се подигаат забрзано голем број на административно управни објекти и градот подлежи на модернизација.
Како еден сегмент од истата е проширувањето на Скопје на јужната страна каде се наоѓа и железничката станица. Во 1905 ул. Махмуд Шефкед Паша (сегашен Бул. Крсте П. Мисирков) се поставува, поврзувајќи го Маџир маало со Бит Пазар. За истата се гради вториот цврст мост на Вардар или Железниот мост.
Овие два моста ќе бидат едиствените врски на градот до 1939 кога по новиот Генералниот регулационен план на Скопје се планираат дополнителни мостови по кој е и Мостот „Слобода” (првично име Моша Пијаде) во 1939 година. Мостот бил проектиран од Ѓорѓи Лазарвиќ инжињер од Белград а изведбата била на „Заедница“ Томиќ од Белград.
Распоните на мостот преку два столба се 23.8-35-23.8 м, ширина од 15м.
Модерниот и едноставен дизајн на мостот е довршен со полукружните врски со кејовите на двете страни. Дополнително мостот е опремен со армирано бетонски канделабри од кои 4 се поставени на мостот и по една на сите врски со кејот, кои му даваат една нота на импозантност. Истите биле обработени во терацо завршна обработка.
Мостот ќе го преживее земјотресот во 1963 и нема да го промени својот лик се до проектот Скопје 2014, кога мостовите се исто дел на промената на градскиот „имиџ“. За жал во 2015, канделабрите и оградата ќе бидат редизајнирани и нивната оригинална форма ќе биде променета.

Автор на статија: Мартин Ефремовски