Мостот без панорамско тркало

Пешачкиот мост на Вардар кој ги врзува левиот и десниот кеј на Вардар помеѓу Македонскиот Народен Театар и Мепсо, претставува уште една од редицата непромислени интервенции во Малиот Ринг. Тој урбанистички секако дека беше потребен но неговата појавност од аспект на естетика, габарит, обликување е тоа што е проблем.

 

 

Замислен како мост со панорамско тркало во времето на „Скопје 2014“, како највисок степен на деградирање на се што постои во околината, во периодот на владеењето на градоначалникот Шилегов, проектот беше ревидиран со оттргнување на делот со тркалото.

 

 

Во тој период се говореше за можноста за рушење или доградување со образложение дека исто би чинело што и да се одлучи. За жал, големите промашувања во архитектурата и урбанизмот се решаваат единствено со рушење и одлуката да остане во оваа форма е дел од визуелниот хаос што владее во просторот.

 

 

Мостот е нејасно и непотребно конструктивно решен, небаре го премостува Дунав или Сава. Воопшто не размислува за контекстот на просторот, ниту на пречењето на околината. Овој мост го деградира и сработеното во самиот проект „Скопје 2014“, пречи во сите правци  каде и да погледнете. А она кое најмногу пречи е блокирањето на симболот на градот – Камениот Мост.

 

 

Над сето тоа, покрај непотребните кулиси, сајли и естетика , на сред мост некој „добил идеја“ дека може да се постават локали за продажба. Со нив дополнително се оптоварува погледот. Вакви структури за да се изгубат во просторот, може да се постават на многу поголеми должини на мостови, каде во размерот на целокупниот пејсаж тие исчезнуваат.

 

 

Во збиена структура и широчина од среден обем, како коритото на Вардар, ова е уште една непотребна слика, која блокира објекти и маркер точки на градот.

Како и се останато од проектот, истиот веќе се распаѓа во делот кон Офицерскиот Дом, каде повеќето од плочките веќе се паднати, додека околината е несредена и валкана.