Мостот на ул. ,,Љубљанска” / Марковски, Доцевска Јованова
30.01.2026 • XXI век
Година на проектирање: 2020
Година на изведба: 2022-2024
Проектанти: Горан Марковски, Марија Доцевска Јованова
Соработник за темелна конструкција: Атанас Страшески
Архитектонско обликување: Митко Хаџи-Пуља
Консултант: Виктор Маркељ (Марибор, Словенија.)
Инвеститор: Град Скопје
Мостот на ул. ,,Љубљанска” преку реката Вардар во Скопје претставува дел од проектот за поврзување на булеварот Илинден со улица Словенечка во општина Карпош. Како Инвеститор се јавува градот Скопје.
Рачен цртеж – скица
Проектанти на мостот се проф. д-р Горан Марковски и доц. д-р Марија Доцевска Јованова, двајцата од Градежниот факултет, УКИМ во Скопје. Во проектирање на темелната конструкција учествува и м-р Атанас Страшески, дипл. инж. геотех., а архитектонското обликување на пилоните, столбовите и оградата е дело на проф. д-р Митко Хаџи-Пуља од Архитектонскиот факултет, УКИМ во Скопје. Консултант на проектот е д-р Виктор Маркељ од фирмата ,,Понтинг”, Марибор, Словенија.
Главен изведувач на мостот е ГРАНИТ АД Скопје. Преднапрегањето на внатрешните и надворешните кабли го изведе Freyssinet (Фресине) Скопје чиј производ се и внатрешните ,,седла” вградени во пилоните, лежиштата и дилатационите спојници.
Проектот на мостот е направен во 2020 год. Изведбата е започната во јули 2022 година, а завршена во јануари 2024 година.
Мостот е проектиран како “extradosed” што претставува хибридно решение помеѓу класичен греден мост и мост со коси кабли. Тој се протега на вкупна должина од 111m преку три полиња (27.5+56+27.5m) и има ширина од 24.1m (4 сообраќајни ленти, две пешачки и две велосипедски патеки).
Горниот строј на мостот претставува монолитна гредна скара „обесена” на паралелно поставени коси кабли распоредени во две паралелни рамнини. Гредната скара ја сочинуваат два претходно напрегнати главни носачи, напречни носачи и коловозна плоча. На дел од крајните полиња коловозната плоча е неколкукратно подебела со што е избегната појава на негативни реакции во крајните потпори. Пилоните се позиционирани над секое лежиште на средните потпори. Проектирани се како армиранобетонски со висина од 12.6m над коловозот. Поради нивната мала ширина, анкерувањето на косите кабли во нив е овозможено преку т.н. седла. Секој среден столб е составен од два поединечни, во основа заротирани квадратни столбови. Усвоено е длабоко фундирање на колови под сите столбни места.
3D приказ на мостот
Потпирањето на горниот строј врз средните и крајните столбови е преку 12 LRB (ang. Lead Rubber Bearing) лежишта, поточно изолатори, кои благодарение на оловното јадро поставено во средината се карактеризираат со високо пригушување (30%). Ваквите лежишта, кои патем кажано овде за прв пат се применуваат во нашата држава, ја намалуваат сеизмичката сила што дејствува на конструкцијата преку зголемување на периодата на осцилирање и овозможување на поголеми хоризонтални поместувања на горниот строј.
Нумерички модел на мостот
Кабелскиот систем го сочинуваат вкупно 32 меѓусебно паралелни коси кабли, секој сочинет од 31 јаже. Тие, поминувајќи континуирано преку седлата во пилоните, анкерувани се од двете страни во горниот строј на местата каде што главните носачи се спојуваат со напречните.
На коловозната површина усвоена е дилатација тип Wd/Wd+230, а на тротоарите тип PL230 (Freyssinet). За хоризонталните површини на мостот предвидена е хидроизолација на база на мета метил акрилат (ММА). За заштита на пилоните и косите кабли од директен удар на возила, помеѓу коловозот и тротоарите предивдена е New Jersey ограда.
Фото: Филип Конески
Горниот строј е изведен монолитно со едновремено бетонирање врз интегрирана скела која го премостува минор користото на реката. Поради тоа, при анализа на фазите на градењето земено е предвид постепеното активирање на сопствената тежина на горниот строј поради негово одвојување од скелата во процесот на затегнувањето на косите кабли.
Проектирањето е извршено согласно Еврокодовите и препораките од fib и PTI за ваков вид мостови. За нумеричката анализа применет е софтверот SOFiSTiK, како и некои дополнителни помошни софтвери.
Автор на статија: Filip Koneski
Атанас Страшески / Виктор Маркељ / Горан Марковски / Љубљанска / Марија Доцевска Јованова / Митко Хаџи-Пуља / Мост







