Музеј Мацура / Мијалковиќ

 

Локација: Бановци, Србија

Површина на интервенција: 450 м2

Година: 2020

Автор: Милан Мијалковиќ

Изведувач: TojeTo Inzenjering

Фотографии: Роберт Славик, Милан Стојковиќ

 

 

Во непосредноста на Дунав, во стариот дел на градот Бановци, на само 25 км од Белград е позициониран магацинот Мацура – Зенит 4, стара плевна претворена во простор за култура и уметност.

 

Ситуација

 

Отворен во 2008 година, музејот бил изграден со цел да ја вдоми една од најголемите приватни колекции на модерна и современа уметност во Источна Европа, тоа е и првиот приватен музеј во Србија.

Колекцијата на Владимир Мацура, ја сочинуваат некои од најдобрите примери на раниот XX век, од движењата зенитизам, дадаизам, надреализам, виенски акционизам и многу други.

Местоположбата на магацинот Мацура е прилично значајна,  во старо село, далеку од големите градови. Артисти, глумци и филмаџии често го претворат музејот во место на социјализација и споделено искуство.

 

 

Старата плевна се користела првично за чување на жито, потоа брашно и до неодамна за леб. Истата е конструирана од едноставна дрвена конструкција, со видливи спојки, во комбинација со ѕидови од тула и дасчан под.

 

 

Задачата за новата екстензија на објектот, бараше колку е возможно поголемо зачувување на постоечките квалитети на просторот, инаку доверена на виенскиот архитект, од македонско потекло, Милан Мијалковиќ .

Со средства од само 30,000 евра или помалку од 100 евра по м2, што е мала сума на средства дури и за српскиот стандард, Мијалковиќ се одлучил за едноставна интервенција со лесно достапни техники,  вклучувајќи челична конструкција и фасада  од полиуретански панели.

 

 

Вратите, прозорите и дрвениот под, се реупотребени материјали обезбедени од локалните отпади. За новиот магацин  е предвиден голем правоаголен волумен  паралелно по должината  на улицата, поставен нормално со стариот објект и подигнат над стреата. Розевата фасада го претставува новото присуство во селото. Двата црни кубуси, кои апсорбираат во себе функции на  продавница и магацин ја обликуваат базата на волуменот. Помеѓу овие „кутии“ е стариот објект, каде се позиционирани две влезни партии.

 

 

Тука,  витражното стакло проектира светлина во различни бои врз ѕидовите од тула, каде излупената боја е во контраст со новата интервенција.

 

 

Влегувајќи низ левата порта, низ лобито,  патот со дрвореди ве води во правец на дунавското крајбрежје.  Тука можете да уживате во седенка и пијалок од домашно приготвен сок од лаванда, сервиран во старински шишиња и чаши, истовремено комуницирајќи со сопственикот  (колекционерот).

Основа на приземје / стариот дел насреде новите кубуси

Основа на кат  / нова интервенција

 

Од оваа градина се упатувате кон долгиот изложбен простор во старата плевна. На крајниот фронт од  просторот, скалници ве упатуваат кон правоаголниот волумен на катот. Тука, повторно се креира голем отворен простор,во кој има  работни зони,  спална соба и бања , појавувајќи се во улога на експонати  во контекст на изложбата. Во овој простор,  гостинскиот артист може да претстојува, твори и да ја презентира својата работа.

 

 

На другата страна од стариот објект,  вториот влез ве води до отворен простор кој  изгледа како ништо да не се сменило со децении, што во суштина е точно. Оваа скромна по чинење, интервенција со реупотребени материјали,  создаде многу преку скромни делувања,  бидејќи употреби најповеќе од она што веќе беше таму како тековна вредност.