Музејот како нов играч на културната сцена / Предавање на Томаш Фудала
10.10.2025 • Информации
Во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, во состав на програмата на овогодинешното БИЕНАЛЕ на македонската современа архитектура, вчера се оддржа предавањето Museum as a new kid on the block / Музејот како нов играч на културната сцена.
Во Музејот на современа уметност- Скопје имавме можност да го проследиме истото, кое претставува пренесување на искуствата на Томаш Фудала (роден 1980) , историчар на архитектура и уметност, куратор во Музејот на современа уметност во Варшава. Тој е куратор и на Куќата на Оскар и Зофија Хансен во Шумин (2018–), како и на Фестивалот WARSAW UNDER CONSTRUCTION (2009–).
Има водено неколку изложби, семинари и јавни програми посветени на модерната и современата архитектура, додека неговите текстови се објавени во списанијата Domus, Artforum, Odra, Obieg, CzasKultury и Autoportret. Добитник е на наградата „Jerzy Stajuda “ за ликовна критика (2017) и на медалот SARP Bene Merentibus како признание за неговиот придонес во развојот на полската архитектура и придонесот кон Асоцијацијата на полските архитекти.
Museum as a new kid on the block / Музејот како нов играч на културната сцена.
Од 2009 година, Музејот на современа уметност во Варшава го организира годишниот фестивал „Варшава во изградба“ – изложба проследена со бројни настани посветени на урбанистичкото планирање. Идејата за фестивалот произлегува од потребата да се разберат промените што се случуваат во главниот град и од интуицијата дека јавниот простор може да се подобри.
Минатата година, темата на фестивалот беше историјата на центарот на Варшава, местото каде што се наоѓа зградата на музејот, како и историјата на самиот музеј, која е нераскинливо поврзана со оваа локација. По две децении функционирање во привремени простории, Музејот на современа уметност во Варшава се преселува на Плоштадот на дефилето (Plac Defilad).
Клучен контекст за новиот музеј е историската посткомунистичка трансформација, која предизвика промени низ целиот град. Долгиот процес на создавање на институцијата – додека некогаш „номадскиот“ музеј конечно се вгнезди трајно во центарот на Варшава е обележан со сложениот однос помеѓу зградата и нејзината локација.
Изградбата на Новиот центар на Варшава е во понапредна фаза и ветува дека јавниот простор на главниот град ќе стане попријатен, попрактичен и поудобен за сите корисници.
Фото: Борис Јурмовски
Автор на статија: Filip Koneski
Tomasz Fudala / Амбасадата на Република Полска / БИМАС 22 / БИМАС XXII / Варшава / Музејот како нов играч на културната сцена / Полска / Предавање / Томаш Фудала




