„Начинот на Чипан“ : Изложба + Дискусија + Публикација

По повод 70 години од изградбата на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ од Борис Чипан, како и во контекст на презентацијата на конкурсните проекти од неодамна спроведениот интернационален архитектонски конкурс „Наутички клуб – Охрид“, АРХРИД го организира настанот „Начинот на Чипан“, кој опфаќа изложба, дискусија и промоција на публикација.

Настанот ќе биде придружен со Регионална средба на овластени архитекти и инженери, со цел поттикнување на професионален дискурс поврзан со значењето на архитектонското наследство и современите предизвици во неговата заштита и ревитализација.

Датум и Локација

📅 22 март 2025 (сабота)
📍 Охрид
📌 Влезот на настанот е слободен.


Агенда на настанот:

Претпладневна сесија: Регионална средба на овластени архитекти и инженери

📍 Амфитеатар на УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид

11:00 – Воведно обраќање од претставник на Комората на овластени архитекти и инженери на Република Македонија

11:30 – Презентација на ценовници за инженерски услуги и тарифник за урбанистичко планирање

Вечерна сесија: „Начинот на Чипан“

📍 НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид

17:45 – Влез на посетителите

18:00Панел дискусија: 1955 година – Архитектонското наследство како основа за современо проектирање
Оваа дискусија ќе се фокусира на компарација помеѓу препознавањето, вреднувањето и третирањето на архитектонското наследство во минатото и денес, со осврт на институционалната заштита и современите практики во проектирањето.

19:00Отворање на изложбата (прв дел)
Изложбата ќе прикаже материјали поврзани со работата на Борис Чипан од 1955 година, како негови избрани цитати во корелација со графички прикази, анализирајќи го неговиот пристап кон архитектонската заштита и модерната архитектура.

19:30Панел дискусија: 2025 година – Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка
Дискусијата ќе ги анализира архитектонските конкурси како механизам за заштита и ревитализација на модернистичкото наследство, со акцент на неодамна спроведениот конкурс за ревитализација на Феријалното одморалиште во Охрид.

20:30Изложба (втор дел)
Презентација на наградените конкурсни проекти за ревитализација на Феријалното одморалиште во Охрид, прикажани во корелација со моменталната состојба на објектот.


Концепт на изложбата

Изложбата „Начинот на Чипан“ е поделена во два дела, секој од нив посветен на различен временски контекст и пристап во архитектурата.

1.  1955 година: Институционална заштита на архитектонското наследство и модерната архитектура
Изложбената поставка нуди ретроспектива на значајните архитектонски проекти и теоретски трудови на Борис Чипан, со акцент на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и Феријалното одморалиште во Охрид.

2. 2025 година: Современи пристапи кон модернистичкото наследство
Овој дел на изложбата ќе ги прикаже резултатите од интернационалниот конкурс „Наутички клуб – Охрид“, потенцирајќи ја важноста на конкурсите како метод за истражување и проектирање во рамките на наследените архитектонски структури.


Панел дискусии

1. „1955 година – Архитектонското наследство како основа за современо проектирање“

📍 Модератор: Симона Чингоска (АРХРИД)
Учесници:

М-р Горан Патчев – Виш конзерватор, директор на НУ Завод за заштита на спомениците и музеј – Охрид
Проф. Д-р Ана Ивановска Дескова – Архитектонски факултет, УКИМ

2. „2025 година – Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка“

📍 Модератор: Стефан Назифовски (АРХРИД)
Учесници:

Маг. инж. арх. Марија Димитриевска Цилакова – Архитектура Нова
Маг. инж. арх. Омар Рота – Коосновач на TerraViva
Проф. Д-р Јован Ивановски – Член на жирито на конкурсот


Публикација „Начинот на Чипан“

Оваа публикација претставува збирка на текстови од различни автори, поделена во три дела:

1. Преглед на делото на Борис Чипан – Фокус на неговиот придонес во архитектурата и заштитата на културното наследство во Охрид.
2. Феријалното одморалиште како пример на модернистичко наследство – Анализа на архитектонските, историските и урбанистичките аспекти на објектот.
3. Презентација на резултатите од конкурсот „Наутички клуб – Охрид“ – Компаративен преглед на конкурсните решенија и нивниот потенцијал за ревитализација на објектот.

📌 Публикацијата ќе биде достапна за набавка на денот на настанот.


Организатори и Поддржувачи

📍 Организатор: АРХРИД
📍 Финансиска поддршка: Општина Охрид, Комора на овластени архитекти и инженери на РМ
📍 Партнер: TerraViva
📍 Поддржувачи: Europe House, Knauf, MESH

Овој настан претставува значаен придонес кон актуелизација на архитектонското наследство и неговата интеграција во современиот урбанистички контекст.

АРХРИД можете да ги најдете на следните линкови:

web: arhrid.org 
ig: @arhrid_collective
fb: @arhridkolektiv
arhridproject@gmail.com


За настанот:

Со организацијата на настанот „Начинот на Чипан“ кој вклучува публикација, дискусија и изложба, влечејќи директна инспирација од работниот процес на Чипан (проучувајќи ја традицијата проектира современо), тимот на АРХРИД се става во истата позиција, но гледано од друга временска перспектива, каде модернистичкото архитектонско наследство е веќе составен дел на нашето минато кое треба да биде проучено, вреднувано и соодветно третирано од аспект на денешната современост. Освен одбележување на гореспоменатите јубилеи и паралелна промоција на конкурсните трудови од спроведениот интернационален архитектонски конкурс, крајната цел на настанот е афирмација на современото архитектонско творештво преку ретроспективно согледување на значењето на вредното проектантско и публицистичко творештвото на Чипан како архитект и конзерватор.

Со реализација на изложбата која е поделена во два дела (1955 г. – 2025 г.) целта е, преку анализа на два конкретни практични примери: книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и објектот на Феријалното одморалиште во Охрид – двете под авторство на архитект Борис Чипан, да се презентира компаративно согледување на предизвиците и процесот на работа во полето на архитектурата во Охрид од две различни временски перспективи – минатото во однос на сегашноста и сегашноста во однос на иднината.

Имајќи ја предвид комплексноста на изложениот материјал, со цел да се доближи значењето на физички изложените продукти до пошироката публика, но исто така и да се поттикне архитектонски дискурс кој подолго време му недостасува на Охрид, во рамки на настанот се планирани две панел дискусии коишто ќе претставуваат вовед во двата дела на изложбата соодветно.

Изложба (1 дел)
Изложбената поставка нè враќа во 1955 година. Две работи важни за архитектурата во Охрид (и Македонија) се случуваат во овој период: се воспоставуваат основите на институционалната заштита на архитектонското наследство и паралелно се прави исчекор кон модерната архитектура, а како предводник на истите се јавува Борис Чипан. Поаѓајќи оттука, замислата на првиот дел од изложбата е преку низа негови избрани цитати поставени во корелација со соодветни графички прикази да се направи компаративна анализа на процесот на работа во полето на заштита на архитектонското наследство како и пристапот кон современото проектирање, согледан од тогашна временска перспектива, каде Чипан се јавува како наратор кој ги води посетителите низ изложбената поставка.

Изложба (2 дел)
Фокус во вториот дел на изложбата е презентација на победничките проекти од неодамна спроведениот интернационален архитектонски конкурс за ревитализација на Феријалното одморалиште во Охрид – „Наутички клуб Охрид“, но прикажани во корелација со моменталната состојба на објектот. Идејата е преку примерот на овој конкретен модернистички објект, влечејќи директна инспирација од „начинот на Чипан“, да се да се започне акција за вреднување на модернистичкото наследство во Охрид кое согледано од перспектива на нашата современост веќе претставува составен дел од архитектонскиот идентитет на градот.

Публикација

Публикацијата претставува збирка на текстови од повеќе автори групирани во три дела. Првиот дел содржи краток осврт на ликот и делото на Борис Чипан преку кој се потенцира неговото значење за Охрид. Од целокупното негово творештво, фокусот е ставен на две негови значајни дела кои се работени во ист период (1955 г.) – објектот Феријално одморалиште во Охрид и публикацијата „Стара градска архитектура во Охрид“. Вториот дел од публикацијата е посветен на објектот на Феријалното одморалиште – „Младост“ кој е избран како еден практичен пример од низата на модернистички објекти во Охрид кои чекаат да бидат препознаени, вреднувани и заштитени. Во овој дел анализирани се сите фази на развој низ кои поминал објектот, презентирана е сегашната состојба заедно со актуелната планска документација и потенциран е потенцијалот кој го носи овој објект за негова ревитализација. Третиот дел претставува презентација на резултатите од успешно спроведениот интернационален архитектонски конкурс „Наутички клуб Охрид“ со што, целта е актуализација на конкурсот како можна алатка за тестирање на потенцијалите кои ги носи одреден објект.