Да се претставиме одново: Запознајте го тимот на МАРХ
22.11.2024 • Информации
МАРХ не е само збирка статии и фотографии, туку платформа за едукација, инспирација и дискусија каде јавноста може директно да се вклучи. Стотици часови истражување, собирање на информации, уредување на објави, фотографирање на објекти и креирање на објави влегуваат во она што вие го гледате денес. Зад сцената стои посветен тим на индивидуалци што неуморно работи за да создаде богата и мултидимензионална содржина за нашата публика.
Дозволете да се претставиме 🙂
Филип Конески е роден во Скопје. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, на тема „Институт за конзервација и реставрација“. На АФС го брани магистерскиот труд со теза „Враќање на животот во кастелите и утврдувањата во Македонија, преку интегрирање на современи функции и контекст во општеството“. Во неговите работни искуства се вклучени архитектонски, занаетчиски и уметнички студија. Покрај основањето на МАРХ и менаџирањето на страната, останатото време го посветува на повеќе области во полето на творештвото, додека во матичната сфера (архитектура) се стекнува со самостојни и групни награди на домашни и меѓународни конкурси. Од признанијата вредно е да се спомене Големата годишна награда за 2021 година. Тековно е дел од Одделението на архитекти при Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, како делегат и дел од уредничкиот одбор на списанието Пресинг.
Борис Јурмовски е роден во Скопје и дипломира на Архитектонскиот факултет. Неговото работно искуство вклучува повеќе архитектонски студија, при што паралелно ја развива својата пасија за фотографијата. Во оваа сфера е официјален фотограф на МАРХ. На полето на архитектурата вредно е да се спомене и првата тимска награда за идејно решение на скопскиот „Луна Парк“.
Мартин Ефремовски е роден во Скопје и е архитект – магистер за конзервација на споменици и локалитети. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје во 2012 година, а потоа студира на Меѓународниот оддел на Рејмон Лемер – КУ Левен во Белгија, каде што од 2019 година е гостин-предавач за конзервација на модерното наследство. Национален координатор на EPWG ICOMOS Македонија во периодот 2020-2023 година и член на одборот на ИКОМОС Македонија за периодот 2024-2027 година. Од 2014 година работи професионално во Белгија, изработувајќи планови за управување со заштитените споменици и нивна реставрација и конзервација.
Ноеми Чаусидис е родена во Скопје и магистрира на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ во 2019 година. Во текот на студиите се фокусира на студентски проекти, архитектонски тури и активизам за промоција и заштита на архитектонските споменици во Македонија, истовремено станувајќи дел од тимот на МАРХ. Учестува во бројни размени, преку кои работи во архитектонски бироа во различни земји низ Европа. Овие искуства ја водат до Белгија, каде што станува дел од проектантско биро кое се специјализира за енергетски реконструкции на станбени комплекси од повоениот период. Продолжува да се специјализира за одржливост во секторот на градежништвото и недвижнините, на што работи до денес.
Љубен Трајаноски е архитект, проектен менаџер и графички дизајнер. За време на студентските денови станува дел од МАРХ, каде што покажува особен интерес кон сакралната архитектура, истражувачките проекти и пресекот на уметноста и архитектурата, со посебен фокус на македонското градителско наследство. Професионалната кариера ја започнува како проектант, поминувајќи две години во истражување на архитектурата, пред да се префрли на проектен менаџмент, фокусирајќи се на внатрешно уредување и нови технологии во изведбата. Активностите во МАРХ значително ја информираат и надополнуваат неговата професионална работа, внесувајќи подлабоко разбирање и критичка перспектива во проектирањето и управувањето со проекти. Паралелно на тоа, тој е активен и на полето на илустрација и графички дизајн, комбинирајќи уметничка визија со технички вештини за создавање на инспиративни визуелни решенија.
Мартина Штериова магистрира на Архитектонскиот факултет во Скопје на тема „Контекстуално читање на индустриско наследство“. Како архитект, работно искуство го стекнува уште во текот на студиите, а денес има повеќегодишно искуство во сферата на архитектонското проектирање, како и искуство со работа на меѓународни и домашни конкурси. По студиите се стекнува и со искуство како соработник на Архитектонскиот факултет во Скопје, истовремено станувајќи дел од тимот на МАРХ. Во нејзиниот фокус се вклучува и градителското културно наследство, како и неговото значење и влијание врз современите архитектонски вредности. Покрај посветеноста во МАРХ, останатото време го посветува на повеќе области во полето на дизајнирањето и творештвото.
Автор на статија: Љубен Трајаноски