Нови дијалози: АРТитектура – Васе Петровски АМАНИТО
15.03.2018 • Информации Фотографија
Фотографии: Борис Јурмовски
На 08.03.2018, со почеток во 19:00 часот на скверот при АФС се одржа ново предавање од серијата Нови дијалози насловено како „АРТитектура“ каде пред публиката се обрати Васе Петровски – Аманито.
Васе Петровски АМАНИТО е професионален фотограф кој се занимава со архитектонска фотографија, но и меѓу другото како што кажа и самиот се занимава и со комерцијална фотографија. „Тие две фотографии се блиски една до друга, бидејќи голем дел од архитектонската фотографија се препокрива со комерцијална фотографија која што понатаму се користи со различни цели.“
Васе го започна своето излагање со општи информации за фотографијата низ историјата, почетоците на фотографирањето и развојот на технологијата за фотографирање. Првата оптичка направа која допринесе за откривање на фотографирањето се нарекува камера опскура. Потоа тој се осврна на важните елементи на кои треба да внимава секој кој сака да прави архитектонска фотографија. Според него брзината на експонирање на дигиталните апарати е многу важна за тоа што ќе се појави на фотографијата и што ќе ни одвлече поголемо внимание. Квантитативно и квалитативно осветлување се исто така важен аспект бидејќи фотоапаратите не размислуваат на начин на кој што размислуваат обичните луѓе во однос на јачината на светлината. Правите вертикали е добро да се запазуваат во архитектонската фотографија. Едноставно апаратот се поставува да биде вертикално и хоризонтално рамен. Потоа следува перспективна корекција.
Според него модерната архитектура е најголем влијател во однос на тоа што ден денес и се случува на архитектонската фотографија. Тука го посочи фотографот Julius Shulman кој имал големо влијание со својата добро позната фотографија која ја има направено за објектот Case Study House No.22. Современата архитектонска фотографија, практично е крајот на историјата на архитектонската фотографија. Iwan Baan како фотограф е исто така многу значаен.
Што се однесува до архитектонската фотографија во Македонија тој вели: „За архитектонската фотографија во Македонија како таква јас искрено не можам да најдам некакви податоци и не знам дали воопшто некогаш постоела, со еден мал исклучок за постземјотресно Скопје кога имало огромен интерес за фотографирање на тогашната состојба. Во суштина во Македонија нема архитектонска фотографија за жал.“ Според него фотографијата е таа која што може на некој начин да задржи нешто како белег на она што било претходно.
Во продолжение Васе презентираше негови лични материјали кои ги работел последниве неколку години во 3 селектирани категории: макети, екстериер и ентериер.
„Најпрво што треба да направите доколку сакате да фотографирате макети е да внимавате на димензијата на макетата, бидејќи тоа ќе ви даде дополнителни референци за тоа како да се поставите при фотографирањето на макетата. Не смееме без разлика дали фотографираме ентериер или екстериер објектите да ги деформираме. Вие како фотографи ја имате целосната контрола врз осветлувањето на макетите.“
Васе во соработка со МАРХ направи преку 1000 фотографии од макетите на ИАС11, со што идејата беше да се направи колекција на трудовите на студентите која што во иднина ќе послужи како достапна документација за увидот во работата на секој студент на Архитектонски факултет.
„Кога треба да фотографирате некој објект треба да отидете на локација, да го видите објектот, да ги видите сите можни локации околу објектот, да ги видите потенцијалните позиции на кои што можете да го поставите апаратот.“
Васе со ентериери се занимава последните 8, 9 години како официјален фотограф на Airbnb, Booking.com и како Google trusted photographer. Меѓу другото работи и за други клиенти кои се поврзани со ентериери.
„Фотографијата како таква е еден процес низ кој што фотографите треба да решаваат проблеми. Доколку не знаете да решавате проблеми, практично ќе завршите со кариерата во истата секунда. Иако се работи за архитектонска фотографија многу често архитектите не се главните клиенти, туку има разни потреби каде што архитектонската фотографија се користи. Сепак ако некој сака да работи професионално треба и професионално да се постави кон работите. За мене архитектонските фотографии играат главна улога во креирањето на историја и дека преку нив може да се набљудува и анализира архитектурата како таква.“
На крајот на предавањето од публиката се отвори дискусија со неколку прашања.
Колку и дали луѓето треба да се појавуваат на архитектонска фотографија?
„Луѓе во архитектонската фотографијата е дискутабилно прашање и нормално мислењата се поделени. Едните велат дека не е потребно да има луѓе на фотографијата бидејќи го одземаат вниманието. Ние сме програмирани психолошки така да доколку видиме некоја фотографија, прво во што гледаме е човекот доколку постои, уште полошо ако гледаме на фотографијата очи. Второ е дека во основа сум за фотографирање со луѓе на архитектонски фотографии по потреба. Има одредени делови во архитектонската фотографија каде што се фотографираат некакви апстрактни елементи и вие немате претстава за што станува збор, во тој случај според мене е тотално неопходно да има човечки фактор со кој што ќе имаме чувство за димензија, функционалност итн.“
Дали е поважна моменталната реакција на контекстот или објектот кој што се фотографира отколку обработката и подоцнежното процесирање?
„Во суштина кога се работи за новинарска фотографија моментот е одлучувачки, кога се работи за портретна фотографија исто така голема е веројатноста да моментот биде одлучувачки. Буквално психолошката игра која што ја има фотографот со актерот и моделот, која што треба да ја воспостави и да го долови она што сака да го извади од тој модел е апсолутно клучен. Вистинскиот одговор на тоа прашање е и да и не.“
Архитектите многу често ги фотографираат своите објекти бидејќи проекцијата за објектот е многу повеќе отколку фактографијата која што треба да се забележи. Имаат свој став кон објектот кој што го создаваат, некогаш е добро, но некогаш не од аспектите кои што им се само нив важни и низ тоа се прави личен запис.
На Архитектонски факултет ’70тите години постоел професионален фотограф, имало лабораторија и неговата работа била да ја документира работата на професорите, на настаните на факултетот. За жал во моментов факултетот се соочува со тој проблем на немање архива визуелно. Паралелно на овие настани што ги организира факултетот за среќа моментално има ангажирано фотограф кој што ги документира тие настани, на некој професионален начин да остави добра трага. Исто така спонтано без далечна идеја, се оформува критична група која самоиницијативно, од позитивен аспект за факултетот ја зачувува и документира неговата работа. Не е важно само да се генерира, да се открива, туку е исто така важно тоа да се сочува и да им се претстави на луѓето кои што доаѓаат потоа. Секој професионалец во својата работа мора да ја има и таа беспрекорна организација.
Автор на статија: Martina Shteriova
АРТитектура / Архитектонска фотографија / АФС / Васе Петровски АМАНИТО / Нови дијалози