Ново „Ново Маало“ / Петрова
19.04.2021 • Студентски проекти
Автор: Марија Петрова
Проект: Магистерска теза
Наслов: ОД ФРАГМЕНТИ НА МААЛСКА ЗАЕДНИЦА ДО НОВА КОЛЕКТИВНА ФОРМА
Ментор: Проф. д-р. Минас Бакалчев
Универзитет: „Св.Кирил и Методиј“- Скопје
Година: 2020
ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ:
„Градот е предмет на континуирани трансформации. Станбената архитектура од различни периоди, со различно типолошко и морфолошко потекло, станува основа за разнородни промени.
Тема на работа на овој магистерски труд претставува урбаниот фрагмент Ново Маало, како едно од последните маала во Скопје. Ново Маало е непосреден сосед на Градскиот трговски центар и хотелот „Холидеј Ин“. Источниот отсечок од Ново Маало е фрагмент во вид на урбан џеб, вграден помеѓу Трговскиот центар „Веро Џамбо“, населбата Пролет и Олимпискиот базен. Иако маалото денес е поделено на два дела, со воведувањето на булеварот „Кочо Рацин“, ќе биде разгледувано како една целина.
Ново Маало јасно претставува вонвременски фрагмент од ткивото на град Скопје. Покрај тоа што во современата ситуација се работи за маргинално подрачје сепак е дел од архитектурата на градот. Морфолошката конфигурација на ова маало произлегува од урбаниот слој од периодот на преминот од XIX кон XX век. После толку години, вредноста на Ново Маало почнува да расте на историско ниво. Тоа во современиот свет е временска секвенца која пружи увид во тоа како некогаш изгледале маалата во градот Скопје. Иако објектите не вредат во однос на својата појавност, тие зачувани како групација од карактеристично поставени ниски објекти на неправилна катастарска мрежа го чуваат духот на Ново Маало од периодот кога Скопје бил град-мозаик од урбани супкултури.
Нивото на социјална меѓузависност на семејството и соседството е истражено со анкетирање на неколку жители од маалото. Четирите интервјуа беа извршени во два периоди, април 2019 година и август 2019 година.
Пред се овој труд има алтернативен пристап на решавање на проблемиот со кои се соочува оваа локација денес, и еден во низата мисловни експеримент на темата за урбана транформација.
Оваа теза дава предлог за развој на Ново Маало преку два пристапа во начинот на трансформација. Предложениот план за развој има за цел да ги задржи уникатните квалитети на стариот град кој полека исчезнува од ликот на Скопје. Пристапот е од алтернативен карактер со кој препознатливата ниска станбена структура на маалото ќе коегзистира со новиот урбан слој. Новата динамика на трансформација можеме да ја искажеме преку новите прототипови на ситни кули –како форма на дефинирање на нови специфични станбени просторни и програмски конфигурации. Во овој труд е разработено екстремното сценатиото во кое кулите ја достигнуваат максималната висина од околу пеесет метри. Инаку флексибилноста на кулите наведува на безброј можни сценарија во кои ти имаат ниска или средновсиока катност.
Првиот метод е аплициран на источниот дел од маалото, каде во секој блок се интегрира новопроектирана колаборативна заедница составена од една до три вертикални единици со станбена намена и подножје од социјален карактер во функција на маалски центар. Новите структури се произлезени од мрежата на спонтано настанатите катастарски парцели, со што овој метод се надоврзува на процесот на настанување на Ново Маало оддолу – нагоре (bottom-up). Како пример е разработена трансформацијата на блокот В.
Станбената содржина може да се интерпретира како домување во вертикала. Ова произлегува од просторните можности на кулите. Тие се реинтерпретација на карактеристиките на постојната станбена текстура на објекти. Се надоврзуваат на големината на малите куќи и не ја разоруваат ситната текстура во основа. Вертикалните комуникации се поставени бочно на кулата, како еднокраки скали во два правци кои се преплетуваат меѓу себе по вертикала. Така во едниот правец скалите се од јавен карактер, како спирално поставен континуиран коридор, а скалите во другиот правец имаат приватна намена во рамки на становите. Преку преплетувањето, на една страна од кулата скалишниот крак и наизменично алтернира со приватен крак скали, јавен крак, приватен, јавен… Она што останува во структурата на кулата, е еден јасен простор. Ова е модулот за соба која може да биде дневна, спална или кујна со трпезарија. Собата е пристапна од секое ниво преку јавниот коридор во рамки на спиралата на заедничките скали, а од другата страна собата излегува на коридорот од приватниот домен на скали, кој овде функционира како можност за просторно проширување. Станбените единици од различна големина имаат иста димензија во основа, но се напластуваат во вертикала со што се зголемува нивната развиена површина.
На западниот дел од маалото станува збор за воведување на нов принцип на планирање – од горе – надолу (top-down) процес. Целината претставува мегаструктура, во вид на прстен на кој се редат неколку кули во утврден ритам, формирајќи мембрана која го зајакнува и штити идентитетот на маалото.
Оваа мегаструктура од прстен и кули ќе функционира како фортификацијална полупропустлива мембрана, која претставува граница на маалото, но и место за нова станбена содржина и социјално атрактивен простор. Овој прстен прави Ново Маало да функционира како град во град, јасно структуриран со прстен од станбени кули кон внатрешната страна, куќи кон исток и новопланирана шума на место на денешниот паркинг. Прстенот има двојна природа, да ги ограничи надворешните процеси на урбанизација, но и да го поврзе маалото со централната градска зона. На вториот кат од прстенот се влеваат пет мостовски врски. Тие го насочуваат пешачкиот проток од околните јавни објекти кон Ново Маало. Ваквата линиска екстензија е во вид на разгранет урбан ризом кој меко продира во затекнатото централно градско ткиво на јавни објекти. Главните правци на поврзување со Транспортниот центар, Градскиот трговски центар и премостувањето на реката Вардар се темелат на идејата за развој на оваа зона според проектот на Кензо Танге.
Овој експеримент на примерот на Ново Маало, има за цел да покаже дека е потребен поинаков пристап на урбана интервенција во скопските маала. Маалото како јасен просторен и социјален систем, може да продолжи да еволуира и да се надградува, доградува и наслојува на еден поинаков начин.
Промените се дел од сликата на градот и истите се реалност на нашето секојдневие, но тие не смеат да имаат неконтролиран и стихиен карактер. Таквите радикални промени се закана за идентитетот на една оформена просторно-социјална заедница. Напротив урбаните трансформации треба да имаат наслојувачки карактер, зачувувајќи ги квалитетите на урбаните фрагменти во еден еволуиран модел на истата заедница. Ваквиот проект е наменет најпрво да одговори на потребите на постојните жители и да укаже дека маалскиот живот може да се трансформира во современ вид на колективно домување, како и дека нападот на современиот урбанизам над градската куќа како несоодветна типологија во центар на градот е неоснован. Урбаната куќа треба да се сфати како неопходен елемент на градскиот социо-културен идентитет, а не привилегија.“
Од авторот
ВО ПРИЛОГ СЕ КРАТКИ ИСЕЧОЦИ ОД ИНТЕРВЈУАТА КОИ ИМААТ ЗА ЦЕЛ ДА ГО ПОСОЧАТ И СТАВОТ НА ЖИТЕЛИТЕ НА НОВО МААЛО, ВО ОДНОС НА НЕГОВАТА СОЦИО-КУЛТУРНА ИСТОРИСКА ВРЕДНОСТ.
Погледнете го и видеото за целото истражување и финалното решение >>>
Автор на статија: Martina Shteriova