Новости за „Треска“: предмет на Уставен суд, прва градежна дозвола и архитектонски визуализации

 

Контроверзниот ДУП за Буњаковец кој го опфаќа подрачјето на поранешната фабрика  „Треска“, ќе биде разгледуван од Уставниот суд. Предметот е оформен по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, кои тврдат дека ДУП-от е во спротивност со Генералниот урбанистички план.

Дополнително минатата недела Општина Центар ја издаде и првата градежна дозвола за оваа локација. „Голден арт“ и „Мега акустик“, кои претходно ги уплатија комуналиите во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар, добија дозвола за изградба на станбено-деловен објект.

 

 

 

Визуализации од станбениот комплекс на локацијата на поранешната фабрика „Треска“ / извор: www.libertas.mk

 

 

 

Вчера на македонските портали се појавија и визуализации од можниот изглед на овој станбен комплекс. Иако сите наслови сугериираат на ниски згради и големо зеленило, на видеото јасно се гледа дека станува збор за архитектонско решение кое ги следи габаритите зацртани во спорниот ДУП – Буњаковец 2.

Овие визуализации презентираат само еден дел од опфатот што не е доволно за формирање на целосната слика за идниот изглед на овој кварт. Ги каниме авторите да го испратат целиот проект за соодветно да го презентираме.

 

 

 

 

 

 

 

„Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“.

Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар.“

– велат од здружението „Шанса за Центар“

 

Пред две години МАРХ, во соработка со ИКС, изработи анализа на овој спорен урбанистички план, која исто така заклучи дека параметрите на овој ДУП се во спротивност со Генералниот урбанистички план. Погледнете ги сите детали во следната објава:

 

 

Нема простор за нови „градежни ламели“ кај „Треска“