Охрид 1913 / Musée Albert-Kahn

Тема: The Archives of the Planet

Автор: Albert Kahn

Сниматели: Jean Brunhes; Auguste Léon

Година: Maj 1913

Извор: http://collections.albert-kahn.hauts-de-seine.fr/

 

Помеѓу 1909-1931 година, францускиот банкар и филантроп Алберт Кан, финансирал проект за фото и видео документација на традиционалните животни и културолошки обичаи на народите, кои биле во постојано изумирање поради технолошките тенденции на новата ера.

Целта била да се придонесе кон меѓусебната почит и мир меѓу народите, преку перцептивно учење на различностите.

Денес, колекцијата која го носи името „The Archives of the Planet “, се состои од 72.000 автохроматски плочи (фотографии во боја на стаклени плочи) и црно-бели филмови, направени низ повеќе од педесет земји, меѓу кои и Македонија.

Историски контекст

Мисијата во Македонија во 1913-та година била предводена од Auguste Léon (фотограф) и Jean Brunhes (етнолог). Се одвивала во градовите (под српска окупација) Битола, Охрид, Ресен, Струга и Скопје.

Хотел Солун, Охрид

Нивната задача била да се документира животот и секојдневието на населението, а не крвавите настани кои биле карактеристични за тој период.

За потсетување, меѓу 1912-1913 година Македонија е боиште на пресметки меѓу балканските народи (Балканските војни), а македонските идеали за национална самостојност и државност се целосно изневерени по Лондонскиот мировен договор.

Aрхитектонско-урбанистички контекст (Охрид)

Материјалите сведочат за еден разурнат и напуштен град, далеку поразличен од оној кој го познаваме денес. По долгите немири, војни и различни востанија, изнемоштените лица на жителите на градот, ни говорат за еден мрачен и тежок период на Охрид.

Фотографиите биле направени во Мај, еден месец пред Втората балканска војна, во годината кога избувнало и Охридско-дебарското востание.

  • Повеќето куќи биле напуштени, со пропаднати кровови и оштетена столарија.
  • Се забележува присуството на фасаден колорит, односно сини и окер нијанси на бои (се руши тезата за апсолутната белина на охридската староградска архитектура).
  • Црквата „Св. Софија“ била користена како складиште за оружје. Минарето на Алипашината џамија било од темен камен и со посуптилно балконско решение (во споредба со новоизграденото денес).
  • Трговијата и занаетчиството биле главните извори на приход. Работилниците наспроти дуќаните, преовладувале во градот. Просторот пред Чинарот служел за товар и истовар на робата со добиток, кој тогаш бил единствен начин на транспорт.
  • Јавната хигиена била регулирана со канали во средишниот дел од камените улици (подоцна биле покриени).

Од 1986-та година, фотографиите на Алберт Кан се чуваат во францускиот национален музеј во Париз, кој го носи името Musée Albert-Kahn. Истите се преработени од страна на МАРХ. Оригиналните можете да ги погледнете на линкот во горниот дел од објавата.

Стар мост на излезот од Охрид