Опуси на ѕидање
27.05.2024 • Истражување
Човештвото ѕида ѕидови со мелениуми наназад, користејќи ги како основни елементи за создавање засолништа или одбранбени структури. Оваа градежна техника се развива со илјадници години и се распространува низ целиот свет како клучен метод за изведба на носиви конструктивни елементи.
Главните материјали што се користат се камен, тула и малтер. Преку различни начини на нивно редење и комбинирање, создадени се многубројни типови на ѕидови со различни структурни и естетски карактеристики.
Во оваа објава ќе ја разгледаме типологијата на ѕидање кои се најраспространети во нашиот регион.
Техники на ѕидање
Ѕидаријата се состои од редови материјал, најчесто камен или тула, меѓу кои се протегаат спојки (фуги) кои се празни или исполнети со малтер или друг материјал употребен како врзиво или како средство за пополнување. Тие можат да се протегаат во хоризонтални (континуирани) линии и во вертикални (испрекинати) линии.
Честопати вака градените ѕидни панели немале доволна носивост или одбранбена моќ, поради што тие се дуплирале т.е. се ѕидале два паралелни ѕидни платна, на одредена дистанца еден од друг при што простор меѓу нив се исполнувал со некаков секундарен материјал и тоа земја, песок, камен, римски бетон, градежен шут и др.
Различни техники на ѕидање, комбинации на камен, малтер и тула / извор: www.archdaily.com
Оригинално, начинот на ѕидање зависел од достапните материјали и локалните градителски традиции. Така, секој регион си имал сопствени техники кои се пренесувале од колено на колено. Ова драстично се менува за време на Римската империја, која воведува и класифицира универзални начини на ѕидање – опуси.
Латинскиот термин „opus“ значи работа, и во архитектурата се користел да укаже на начинот на изведба на одреден објект. Teрминот обично се комбинирал со друг збор кој ги објаснува карактеристиките на таа изведба. Пример „оpus quadratum“ – опус квадратум, означува ѕидање од камени блокови делкани во форма на правоаголник, поточно призма.
Овие техники продолжуваат да се користат и после римскиот период, посебно во византиската и отоманската архитектура, а при нивното класифицирање сѐ уште се користат оригиналните латински термини.
Во случајот на средновековните цркви, дел од опусите имаат доминантно декоративна функција и честопати среќаваме фасадни површини кои се изѕидани со низа различни опуси.
Koмбинација на декоративни опуси на фасадата на Св. Богородица Перивлепта во Охрид / фото: Н. Чаусидис
Опуси на ѕидање
1.Опус квадратум (Opus quadratum) – ѕидање на редови од правоаголни камени блокови со иста висина, најчесто без употреба на никаков малтер. Преку користење на блокови со различни големини се добиваат различни шеми и тоа правилен (опус исодомум) – кога димензиите на блоковите се повторуваат или неправилен (опус псевдомум) – кога тие варираат.
Опус квадратум на ѕидовите од древната гробница во Бразда, кај Скопје / фото: Ф. Конески
*Опус цементициум (opus caementicium) / римски бетон – технолошко достигнување кое овозможило многу поголема носивост на ѕидовите. Често се користел како исполна, додека надворешните површини на ѕидовите биле изведени во некој друг, подекоративен опус.
2.Опус инсертум (opus incertum) / неправилен опус – излеан ѕид од римски бетон во кој се вметнати камења со неправилни форми, со или без видливи фуги.
Опус инсертум на ѕидовите од Црква Св. Константин и Елена во Охрид / фото: Н. Чаусидис
3.Опус ретикулатум (оpus reticulatum) – ѕид излеан од римски бетон во кој се вметнати камења со правилни пирамидални форми. Врвот на камењата е вметнат во исполната, така што од надвор е видлива само квадратната база, формирајќи шари од ромбоидни форми. Понекогаш се употребува и керамика, или комбинации на керамика и камен за да се добијат полихромни шари.
Опус ретикулатум на источната фасада на црквата Св. Јован Канео во Охрид / фото: Els Slots
4.Опус латерисиум (opus latericium) – ѕид од правилни (најчесто тенки) цигли споени со малтер. Во нашиот регион овој опус најчесто се користи за формирање на полукружни елементи, како лаци и ниши.
Опус латерисиум на градбата со арки во Стоби / извор: https://uchitelj.livejournal.com/1300733.html
5.Опус спикатум (opus spicatum) – ѕидање со поставување на тули или камен во форма на рибина коска.
Опус спикатум во нишите на западната фасада на Св. Софија во Охрид / фото: Vmenkov
*Опус микстум (opus mixtum) – општ термин кој укажува на комбинирање различни начини на ѕидање на една иста површина. Опус листатум и клоазон се всушност типови на опус микстум бидејќи комбинираат камен и тула (опус ретикулум и опус латерисиум)
6.Oпус листатум (opus listatum) – опус микстум кој комбинира наизменични редови од камен и тула.
Опус листатум на ѕидовите од Алаџа џамија во Скопје / фото: Тамара Савеска
7.Опус клоазон (opus cloisonné) – наизменични редови од само тула и редови од камен и тула.
Опус клоазон со вертикални тули помеѓу камените блокови
Опус клоазон со вертикални тули на ѕидовите од св. Никита во Бањани / фото: Н. Чаусидис
Опус клоазон со хоризонтални тули помеѓу камените блокови.
Опус клоазон со хоризонтални тули на ѕидовите од црквата Св. Леонтиј во с. Водоча / фото: Тиверополник
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Византиска архитектура во Македонија / ѕидање / опуси / отоманска архитектура / Римска архитектура / Црква / цркви