Слика каде што се гледа веењето на француското знаме од балконот на банката / извор: фб група skopjani
Француско-српска банка (1914)
По потпаѓањето под српска власт се формирале парични институции според српските закони. Најголемата парична институција во Македонија, отоманската банка, преминала во рацете на Француско-српската банка, која продолжила со нејзиното делување, отворајќи свои подружници во Скопје и во Битола.
По Втората светска војна Француско-српската банка е меѓу ретките приватни банки која го избегна конфискувањето на приватните банки од страна на државата, во случај на соработка со непријателот. Градбата била срушена во 1954/55 година и заменета со поголема зграда на Комерцијална банка – денешната палата на АСНОМ.
Приказ од историскиот развој на квартот на местото на банката. Може да видиме како станбениот објект на Артемушкин, изграден до банката, е вклопен во палатата АСНОМ. Извор: фб група скопјани
Архитектура
Фасадата на зградата е симетрична, разделена со хоризонтални декоративни венци кои ѝ даваат ритмична поделеност по висина. Централниот влез е нагласен со полукружен архитрав, поддржан од столбови, со натпис на фронтонот и монументална метална порта со декоративна ковано-железна изработка.
Оргинална слика и интензивирана слика преку ВИ, каде јасно се гледа натипсот Француско-српска банка (Banque Franco-Serbe) / извор: Цеипа
Над влезот, во централната кула, се издига високо, издолжено засведено прозорско отворање во ориентален стил, со ромбоидна решетка, кое внесува ориентален призвук во иначе неокласичната композиција на градбата. Симетрично, лево и десно од централниот дел, сместени се странични ризалити со балкони, чии прозорци се засведени во горниот дел, а правоаголни во приземјето.
Мешавина на стилови околу централниот прозорец на готска и ориентална архитектура. / извор: flickr (лево) и pinterest (десно)
Заострениот (шилест) лак над централниот прозорец потсетува на готски профил, додека дијагоналната, дијамантско-шаховска релјефна декорација околу него следи ориентална геометриска орнаментика, налик на мукарнас (muqarnas).
Декориран кровен венец
Кровниот венец е збогатен со декоративни оџаци и урнообразни завршетоци – низа украсени вертикални елементи (акротериони, урни, оџачиња) кои го красат врвот на фасадата, придонесувајќи за нејзината силна хоризонтална и вертикална ритмичност.
Пред самата банка се наоѓал парк посветен на непознатиот борец, кој, заедно со банката, ѝ создава урбана целина на преминот кон старата чаршија.
Пракот на непознатиот војник пред отоманската банка / извор: kupindo
Симболика
Новите типологии на градби што се појавиле во Скопје по усвојувањето на Танзиматот претставуваат процес на премин од традиционалното кон модерното во однос на фасадите и просторните распореди. Скопје на крајот на 19 век е сѐ уште ориентален град со органска структура.
Изборот на локацијата, во централното подрачје, непосредно пред влезот на старата чаршија, носи длабока симболика: спој на ориенталниот свет на левиот брег на Вардар со модерниот, нов дел на градот на десниот брег.
Банката гледајќи од плоштад Македонија / извор: фб група skopjani
Планот на Скопје од 1929 година јасно ги оцртува отоманските елементи во ткивото на градот: органските улички и „исламската тројка“ составена од Даут-пашиниот амам, Ибни Пајко-џамијата, Караван-сарајот и неокласичниот објект на тогашната Отоманска банка.
Оваа поставеност покажува дека зградата на банката, иако изградена во еклектичен, европски ориентиран стил, била третирана како рамноправен урбан ориентир наспроти симболите на источната градска традиција, со што физички ја обележала границата и преминот меѓу стариот, ориентален дел на градот и новите урбани текови што допрва ќе се развиваат на десниот брег на Вардар. Токму оваа положба ѝ обезбедила на банката трајно место во колективната визуелна и просторна меморија на Скопје, дури и по нејзиното подоцнежно губење како физички објект.
- Gönül, A., & Durak, S. (2018). Bir Osmanlı Kenti Üsküp’ün Tanzimat’tan XX. Yüzyıla Fiziksel Değişim Süreci. Balkan Araştırma Enstitüsü Dergisi, 7(1), 87–110. https://doi.org/10.30903/Balkan.444779
- Levantine Heritage Foundation. (n.d.). Ottoman Bank photos. Retrieved July 27, 2026. https://www.levantineheritage.com/ottoman-bank-photos.html
- Autin, J. (1920). Chapter IX: The Prosperous Years (1900–1907). [Историја на Отоманската банка / Banque Impériale Ottomane]. https://books.openedition.org/igpde/4774


























