Отворени денови во Спомен-куќата на Лазар Личеноски

Дел од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија, во изминативе два дена беше отворен како дел од активностите од роденденската програма на Европската куќа во Скопје (Europe house).

Објектот во подножјето на Скопското кале, кој беше семејна куќа на еминентниот сликар, од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).

 

 

Само еден дел од Куќата ќе биде отворен и тоа одреден период, со оглед на тоа дека не е завршен процесот на обнова.

Во среда, од 12 до 14 часот беше отворена студентска изложба инспирирана од ликот и делото на Личеноски. Студентите и професорите од Факултетот за ликовни уметности ја изложија својата визија, интерпретирајќи ги ликот и делата на Личеноски, преку различни уметнички творештва.

 

Спомен-куќата на Лазар Личеноски во Скопје, како архитектонска творба, е дело на инж. архитект Славко Брезоски. Таа била проектирана во 1960 година, во консултација со нарачателот – сликарот Лазар Личеноски, со концепција да ги задоволи семејните потреби за домување и за непречено творење на самиот ликовен уметник, а истовремено и како креативен спој на архитектонскиот и ликовниот израз на тие двајца автори. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.

Објектот претставува градба изведена во традиционален стил, со употреба на традиционални материјали и со изворна функција на семеен станбен објект со сликарско ателје, креативно оплеменета со ликовни содржини, создадени од самиот уметник.

Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата во Спомен-куќата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.

 

 

„Спомен-куќата после долго време повторно ќе биде домаќин на уметничкиот свет, па во соработка со Национална Галерија помогнавме да го покаже својот шарм преку акција за чистење. Серијата настани кои ќе се одржат во спомен – куќата на Личеноски започна со снимањето на уметничко – танцово видео на музика од триото Зулу 3.4
Склопот на танчерите и музичкиот избор е алката помеѓу културното наследство и уникатниот звук кој преку спој на различни стилови и користење на модерна технологија, ја претставува денешната прогресивна младина“, – Европска куќа.

 

Личеноски (26.03.1901, Галичник – 10.04.1964, Скопје) се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Еден е од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж („Бачила”, „Долап”, „Афионски полиња”, „Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликал мртва природа и портрети, а создавал и мозаици. Заедно со Димитар Пандилов-Аврамовски и Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.

 

Извори:

https://www.facebook.com/euzakultura/posts/

http://uzkn.gov.mk/mk/

ДЕЛ ОД СПОМЕН-КУЌАТА НА ЛИЧЕНОСКИ ЌЕ СЕ ОТВОРИ В СРЕДА СО СТУДЕНТСКА ИЗЛОЖБА