„Палата на управата“, Скопје / Петар Муличкоски 1970
14.03.2016 • ХХ век / II половина
Автор : ПЕТАР МУЛИЧКОСКИ
Година : 1970
Локација : СКОПЈЕ, „Илинденска“ б.б кеј на р. Вардар
Извор : Библиотека на Архитектонски факултет, Скопје (Духот на македонската куќа, Петар Муличковски; Духот на македонската градба, Петар Муличковски) фото: Ф.К
Некогашниот креативен дух на македонските современи автори е поврзан со инспирацијата од традицијата на македонското творештво во минатото преку имагинарна слика од просторна структурална композоција преобразена во современа композоција од кубусни, македонски куќи и цркви во градски амбиент – идентични по облик, но различни по големина и содржина.
Инспирацијата за овој објект се црпи преку средновековните цркви во Македонија (Нерези, Старо Негоричани идр.) . Неговата просторна композиција беше раскошно развиена во повеќе димензии, како тродимензионална скулптура со мозаична фасадна пластика на сите пет страни.
Објектот се одликува со забележителен расчленет волумен по хоризонтален и вертикален план, преку ,коцкасти-идентични, објекти, но со различни височини. Меѓусебно поврзани со заеднички влезен хол во приземјето и со заеднички отворени галерии на кат преку кои внатрешноста култивирано и естетски се преточува од приземјето до катовите низ фунцкионалните коцки.
Коцкастите објекти од композицијата на планот имаат забележителни испусти-козноли(еркери), а покривањето е преку четириводни кровни површини покриени со бакарен лим во комбинација со застаклени површини за зенитално осветлување на јадрото од секој објект.
Во основа објектот е склоп од повеќе квадратни мултиплицирани – затворени дворови со надсветло со приземје и галерија – внатрешни чардаци со поместени скали аналогно на древната македонска куќа од антички период.
Изграден и свечено предаден во употреба во 1971 и промовиран како, извонредно дело на македонската архитектура, а од жири комисијата оценет како , извонредно функционално решение со беспрекорна хармонија во просторот каде динамичниот објект поставен на хоризонтално формирана платформа – плато ги решава основните главни функции на објектот : пешачките пристапи и колските пристапи.
Оваа расцутена композиција од шест кристали нудеше широка отвореност кон платформата и кејот на реката кои повикуваа на привлечност и беа меѓу главните адути во одлучувањето за реализацијата на објектот.
Овој објект беше најмногу вреднуван во современата македонска архитектура, и ги имаше добиено сите врвни изданија, признанија и награди за идејата, реализацијата и културно-уметничкиот придонес.
Ова современо јато како композиција од група на ,македонски куќи, поставени на подигната платформа, беше новата македонска агора (храм, собиралиште). Чисто обликуваната морфолошка структура е произлезена од логиката на намената и фукцијата на поединечните работни единици, каде драматично се потенцира просторната расчленетост на структурата.
Изградена во совршена прецизна техничко-технолошка синтакса на градежниот материјал – натур бетон, обесена фасада во вид на ѕидна завеса од стакло и алуминиум и украсена со стаклен мозаик и симболичен орнамент како препознатлив белег на традицијата.
Материјалот го приложи и обработи: Моника Крстевска
Автор на статија: marh
Влада на Република Македонија / Палата на управата / Петар Муличкоски / ЦЕКА