Параметар – добитници на Големата Годишна Награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024
27.12.2024 • Информации
Вчера се одржа годишната манифестација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – „Доделување на Големата Годишна Награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2024 година“.
Настанот годинава се одржа во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, на 26 декември (четврток) во 19:19 часот. Настанот беше под покровителство на Претседателот на државата.
Вкупно беа номинирани пет изведени објекти:
- ГМС Проект – Станбена зграда на ул. „Мајка Тереза“ бр. 20а, Скопје
- БМА Бесиан Мехмети Архитекти – Хотел „Кета“, Маврово
- БМА Бесиан Мехмети Архитекти – Комерцијален објект „Комбо“, Скопје
- Параметар – НС Куќа, Неготино
- Параметар – Мултинаменски комплекс, Скопје
Добитник на Големата Годишна Награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2024 година е студиото Параметар со објектот Мултинаменски комплекс во Скопје.
Авторскиот тим го сочинуваат: Методи Хаџи Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски.
Настанот беше отворен од модераторката Ива Петрунова, која во својот воведен говор ја истакна значајноста на архитектурата како клучен дел од културното и општественото живеење.
Потоа, деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, проф. Огнен Марина, зборуваше за долгата и значајна историја на факултетот, истакнувајќи дека низ изминатите 75 години мал број професори успеале да ја изградат и образуваат целата архитектонска фела во Македонија.
Архитект Валентино Константиновски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, се осврна на важноста на вредностите кои архитектурата ги носи во себе и потенцираше дека е неопходна сплотеност меѓу архитектите за нивно унапредување.
Проф. Митко Хаџи Пуља, претседател на комисијата за доделување на наградата, одржа говор за идентитетот во архитектурата и кризата на истиот во јавниот простор во Македонија. Тој истакна дека најважниот критериум за оценување на пристигнатите трудови беше животопоттикнувањето, односно способноста на објектот да создаде активен и жив простор за своите корисници.
На крајот, Претседателот на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, го заврши настанот со инспиративен говор, во кој нагласи дека архитектите претставуваат важен столб на нашето општество. Таа истакна дека Македонија има значаен придонес во светското градителско наследство и дека македонските архитекти имаат што да понудат и на светската современа архитектонска сцена, што го потврдуваат и пријавените трудови за оваа престижна награда.
Победничкиот проект беше презентиран од страна на авторите по што се одржа коктел забава во холот на вториот кат на Архитектонскиот факултет.
Во име на целиот тим на МАРХ, искрено им честитаме на добитниците на ова престижна награда! Во продолжение погледнете го наградениот објект претставен во нашата објава:
Автор на статија: Љубен Трајаноски
ААМ / Асоцијација на архитекти на Македонија / Голема годишна награда / Димитар Стефановски / Игор Сугарчев / Методи Хаџи Андов / Параметар / Сашо Андријевски