Патот на еден архитект 1958-2013
06.04.2018 • Литература
Година на издавање: 2015
За издавачот: Ана Ќовкарова, директор
Уредник: Ана Костовска
Лектор: Александар Џукески
Издавачка куќа: Култура
Права: Георги Константиновски
„Патот на еден архитект“ претставува архивска збирка на проекти на етаблираниот македонски архитект Георги Константиновски. Во неа можете да најдете избор на дела од 1958 до 2013 година. Авторот во професионалниот круг важи за човек кој грижливо и професионално ја чува сопствената архива, а со ова издание ни овозможува на сите да ѕирнеме во неа.
Во воведот арх. Минас Бакалчев ќе истакне: „Посветеноста на Константиновски кон архитектурата ја сублимира неговата лична и архитектонска историја во единствената приказна. Преку автобиографската форма сака да го открие сопственото искуство како заедничко добро на една заедница во којашто архитектурата се јавува како одраз на општествената еманципација.“
Авторот книгата ја конципира како личен пат во професијата, меѓутоа раскажана низ човечката призма. Исполнета е со биографски случки и приказни, имиња на индиректни личности и директни иницијативи за неговото професионално творештво. Покрај неговиот пат, од десната страна во посебна колона, ве пратат извадоци и архива од светското архитектонско наследство, кое покрај едуктативен аспект има тежина и на оддавање почит на големите архитекти.
„Патот на еден архитект“ за љубителите на творештвото на Константиновски претставува ризница во која можете да дознаете многу повеќе за објектите кои станаа симболи на современата македонска архитектонска мисла. Но, тука има и објекти кои не се доволно афирмирани, или пак никогаш не реализирани.
Изданието можете да го најдете во книжарницата Култура.
Автор на статија: Filip Koneski
2015 / Архива / Георги Константиновски / Култура / Патот на еден архитект