За архитектонските работи / Славко Брезоски

Наслов: За архитектонските работи

Година: 2005

Издава: Архитектонски факултет – Скопје

Уредник и предговор: проф. д-р Анета Христова-Поповска

Ликовен уредник: проф. д-р Анета Христова-Поповска, Владимир Стефановски д.и.а.

Компјутерска обработка: Родна Христова

Лектор: Сузана Стојковска

Тираж: 500

Извори: Брезоски, Славко. За архитектонските работи. 2005. Скопје: Архитектонски факултет – Скопје

Книгата „За архитектонските работи“ е збир на дел од стручните есеи на архитект Славко Брезоски во кои најстариот есеј датира од 1953 година. Секој од есеите се обраќа на специфична тема или пак дискусија која ја засегала архитектонската фела во тој период. Иако пишувани за своето време, во редовите на Брезоски можеме да препознаеме проблеми кои се сеуште релевантни .

Иако само извадок од пишаното творештво, со цел да добиеме увид во тоа на кои теми пишувал професорот Брезоски ви ја пренесуваме целосната листа на есеи од ова издание:

  • За нашиот архитектонски израз и традициите
  • Мијачки тип куќа
  • Порта – и симбол и функција
  • Ревитализација на селската архитектура во Мала Река
  • Инж. арх. Борис Чипан: „Старата градска архитектура во Охрид“
  • Прибирањето документација за старата градска архитектура е првата важна задача
  • Патот на исток 1911 година – порака за профаното (Триесет години од смртта на Ле Корбизје)
  • Ричардс: „Модерната архитектура“
  • Анонимноста во архитектурата
  • Градски видици
  • Градски бои
  • Влијанието на бразилската архитектура во Централна Европа
  • Писмо од Бразил
  • Созревање на една идеја
  • Скопје во иднина
  • Атриум куќа денес
  • Атриум кај општествените згради
Галичник. Извор: Реканска куќа – архитектонско наследство во Македонија

Во оваа објава ќе се осврнеме на есејот насловен како „За нашиот архитектонски израз и традициите“.

Во есејот насловен како „За нашиот архитектонски израз и традициите“, Брезоски ги изложува начините на кои тој смета дека треба да гледаме на нашето градителско наследство. Тој го критикува носталгичниот, романтичарски став кон традиционалната архитектура пишувајќи дека „таквото гледање на нашето наследство би не’ одвратило од реалните потреби на животот и луѓето денес.“

Тој продолжува да ги елаборира и постоечките ставови на домашната и светската архитектура:
…“Постојат сфаќања според кои треба да се користат чисто декоративните елементи од нашата народна архитектура (новите пошти во Охрид и Скопје). Тука се доведуваме во опасност да преминеме во регионализам или фолклорна архитектура. Ваквото сфаќање не е есамо статичко, туку и регресивно, бидејќи има тенденција да ги задржи формите од минатото настанати под сосем други општествено-економските и историски услови. Притоа (во Македонија) се одеше толку далеку што се препорачуваше „македонски“ архитектонски стил и „национална“ архитектура.

Прашањето на континуитетот во архитектонското творење е сеуште отворена дебата на глобалната и домашна сцена. Додека еден дел од архитектите би тврделе дека градбите од минатото се фундаметален аспект на идентитетот на местото, други архитекти го завземаат спротивниот став дека подобро е да се направи „место за новото“ и по цена на старото. Конфликтот меѓу овие две гледишта го сведочевме неодамна во дебатата за Универзална Сала.

Брезоски, Станбен блок во Велес (1954)

Брезоски завзема рационален став во оваа дебата и продолжува да испитува која точка на традиционалната македонска арихтектура е доволно стабилна за да ја потпреме нашата современа продукција: „Дали вредностите на нашата стара архитектура во нејзината сликарска живописност – во шаренилото на ќерамиди, во романтиката на кривулести улици и турски калдрми? Вредноста на нашата стара архитектура е на друго место. Таа е најарно изразена во нашите стари градски куќи за живеење. Употребувајќи најпримитивен материјал, камен тула и дрво, таа архитектура и ден-денеска ни се претставува со најрафинирани архитектонски форми. Отфрла секаков ефект што е од второстепена важност, а ни нуди ефекти што се резултат на конструкцијата, употребениот материјал и внатрешната содржина на планот. Единството на содржината и формата – тоа е основната вредност на нашата народна архитектура.

Професорот го заклучува овој есеј со низа на споредби за тоа како архитектурата се разликува во својата методологија, принцип на експеримент и процес на создавање од другите науки. На самиот крај можеме да забележиме позитивна нота при забелешката дека архитектурата се повеќе тежнее кон разумност во проектирањето: „Архитектурата е денеска се повеќе резултат на научна и експериментална анализа на функционалните, техничките и економските елементи што постојат, а не резултат на индивидуална предрасуда, на делумно или наполно окаменета традција, на формирани поими за убавина врз база на индивидуални гледања („архитектурата е работа на вкус“). Ваквата архитектура е само архитектура на фасади, формалистичка архитектура, донесена со традиции, предрасуди и навики.

 

Во минатото македонската архитектура е екстензивно документирана од низа на архитекти кои придонеле кон свесноста на архитектите и пошироката јавност за оставштината на нашите предци, мајстори чии вештини, естетска префинетост и инженерска ингениозност се сеуште предмет на восхит. Публикациите за Велес, Кратово, Реканскиот крај, како и генералните аспекти на традиционалната македонска архитектура, се запис, но и почеток на нашите лични љубопитни истражувања за времето зад нас, а воедно и за нас самите.

За авторот:

Славко Брезоски е роден 1922 година во Галичник. Гимназија завршил во Белград. Дипломирал во 1950 година на Архитектонскиот факултет при Техничката виша школа во Белград. Работел во проектантските организации „Проектант“ (1950-1961), „Пелагонија“ (1961-1963) и „Македонијапроект“ (1963-1966). Професионална активност и студиски патувања реализирал во Англија (1958), Бразил (1962-1963) и Либија (1966-1969). Во 1969 година е избран за вонреден професор на Катедрата за проектирање на општествени згради на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје по предметот проектирање општествени згради. Како редовен професор на Архитектонскиот факултет го завршил својот работен стаж во 1987 година. Бил декан на Архитектонскиот факултет во учебната 1979/80 година.

Значајни реализации:
Комунална банка, Скопје (1955-56); Стоковна куќа, Скопје (1960); Работнички дом, Скопје (1962); Југословенска амбасада, Бразилија (1963); Архиепископски соборен храм „Св. Климент Охридски“, Скопје (1973-93); Спомен дом, Шамарица (1977-1980); Хотел „Неда“, Галичник (1980); Хотел „Славија“, Попова Шапка (1981); Спомен дом, Шамарице Хрватска (1980).

Награди: 11 Октомври, Републичка награда од областа на културата и уметноста (1963); 13 Ноември, Награда на град Скопје (1964); Андреја Дамјанов, Награда на САМ (1993).