Дом за одмор и рекреација на пензионери – Катлановска бања / Г. Константиновски, 1967

Година: 1967

Автори: Георги Константиновски

Извори: Приватни архиви

Локација: с. Катланово

 

Домот за одмор и рекреација на пензионерите се наоѓа во комплексот на Катлановска бања и е изграден во 1967 година, направен и прилагоден за краен комодитет на возрасни лица. Објектот со својот скулптурален изглед, естетика и просторен говор е редок пример на контекстуална архитектура.

 

Домот за одмор и рекреација во поширок контект на локацијата
Ситуација на постоечкиот објект со проширувањето 

 

Главниот архитектонски белег претставува станбената структура која лежи сосем природно во дадениот амбиент и која не само што се вклопува органски во него, туку и го збогатува и оплеменува целиот соседен предел. Просторните волумени се протегаат по падината на теренот.

Станбениот дел содржи 28 двокреветни соби опремени со комплетни бањи, како и со најсовремен мебел. Во состав на овој дел, речиси низ целата структура се појавуваат и мали општествени простории за разонода, односно простории во кои претежно се играат мирни игри, како што се карти, табла, билјард и друго. На судирите помеѓу вертикалните и хоризонталните комуникации се јавуваат проширувања кои се користат како катчиња за седење.

 

 

 

Движењето во објектот е решено со помош на скалишно јадро на источниот дел од станбениот комплекс, односно на границата помеѓу станбените единици и општествениот дел (планиран подоцна во проектот за проширување) во кој е сместен снек барот и ресторанот. Ова јадро е главно скалишно јадро кое ги снабдува сите нивоа по вертикала. Објектот е комплетно изведен во натур бетон.

Во 1980 година е направен нов проект за проширување на содржините на Домот за одмор и рекреација. Авторот со доградувањето на новите содржини предвидува и комплетна адаптација на внатрешните содржини на објектот. Во сите спални се уфрлаат комплетни бањи и се врши целосна промена на постојниот инвентар како и комплетно внатрешно уредување.

 

 

Со проектот се предвидува проширување на капацитетот од 28 кревети на 72 кревети. Со новото архитектонско решение се планира проширувањето да се одвива кон северната страна, односно кон ридот, што придонесува да се зачува ритамот на просторните волумени. Новите содржини на станбениот дел, на логичен начин, се надоврзуваат на изградениот станбен дел. Тие се протегаат по падината на теренот, качувајки се со нови четири нивоа со што ја надополнуваат општата композиција на просторот. Ова проширување не било изведено.

 

Фотографии од денешна состојба: