„Поинакви архитектонски доживувања“ – изложба на Стојковска

Во тек е  изложбата „Поинакви архитектонски доживувања“ на македонската уметница и архитектка Тијана Стојковска. Делата се последица од откривање на врската меѓу имагинативниот свет во нас и реалната перцепција за светот околу нас.

Македонската архитектура од 20-тиот век е сеприсутната тема во сите дела,  а реимагинацијата на нејзиниот контекст e главен начин за создавање нови нереални архитектонски светови. Богатиот опус на архитектонски дела од наши архитекти е неиспцрпен извор за нови креативни визии во дигиталната уметност кои поттикнуваат  поинакви доживувања на веќе добро познати простори.Со оттргнување на архитектурата од околниот контекст, таа се оддалечува од негативните конотации со кои е поврзана со оглед на тоа дека архитектурата е естетска и функционална експресија на својата околина, период и општество.  Во делата се визуелизирани повеќе различни наративи и атмосфери преку поврзување на архитектурата со природата, со небото, со водата.

 

 

 

Со одредени контексти се прикажува поинаква утописка средина, додека со други се потикнува размислувањето за не толку “романтична” средина и занемарениот проблем со глобалното затоплување кој се повеќе станува неизбежен дел од нашата вистинска реалност. Во делата,  архитектурата е претставена и низ надреален објектив,  како би се доживувала низ имагинативното око на децата.

 

 

 

Архитектурата и просторите кои ги дефинира секогаш се доживуваат субјективно, во зависност од емоциите и чувствата на тој што ги доживува. Целта на изложбата е да создаде нова перспектива за необичноста на архитектурата од нашата “обична” стварност и да поттикне нови начини на доживување на истата.

 

 

Изложбата беше отворена на 12-ти април (среда) во галеријата „Пионери“, а ќе биде изложена две недели. Делата се продаваат и истите можете да ги набавите во галеријата или online >>>