Полихармос во Стоби: станбен и базиликален објект

Помеѓу 1930 и 1933 година археолошки истражувања на Стоби биле спроведени од страна на Народниот Музеј од Белград на чело со Д-р. Влада Петковиќ. Во текот на неколку години, тимот на Петковиќ прво истражува источно и во непосредна близина на Епископската Базилика, а потоа и на неколку стотини метри источно од оваа локација, во непосредна близина на самиот центар на локалитетот. На првата локација, археолозите ќе откријат раскошна палата која подоцна ќе стане позната како Теодосијанска палата, а на втората локација ќе откријат комплекс од две градби – базиликален објект и станбен објект. Откривањето на овој комплекс ќе обелодени информации конкретно за градењето и одржувањето на овие два објекти, и генерално околу населението кое живеело во Стоби во II век од наша ера.

Заветниот натпис на Полихармос. Извор: Петровић (1932)

Пишаните извори се сметаат за едни од најважните археолошки наоди. Важните информации за јавноста во времето на Римската империја најчесто се пишувале на трајни подлоги како каменот, па затоа денес токму тие се најчестиот наод во археологијата кога станува збор за пишани извори. Овие наоди професионално се нарекуваат епиграфски споменици и нив ги проучуваат епиграфичарите кои се експерти по латински и старогрчки јазик. Причината зошто епиграфските споменици се важни за археологијата е тоа што тие се директен медиум низ времето кој ја поврзува денешницата со еден момент во минатото. Тие претставуваат фактолошки информации за науката и помагаат на археолозите да разберат во какви услови тие натписи биле подигнати и какви дејствија тие опишуваат. Ваков примерок бил пронајден при истражувањата во Стоби во 1931 година и истиот понатаму станува есенцијален наод со чија помош се одредува функцијата на базиликалниот и станбениот објект. Станува збор за столб кој бил пронајден во атриумот на базиликата на кој бил испишан текст на старогрчки јазик во кој се споменува името на одреден (Клаудиос) Тибериос Полихармос, познат како Ахириос, татко на синагогата во Стоби. Во продолжение натписот појаснува дека Полихармос, по свој завет и со свои средства, на тоа место изградил објект со триклиниум и перистил во кој горниот спрат ќе го користи за себе, а останатиот дел од куќата за потребите на синагогата (повеќе околу читањето на натписот на следниот линк). Па така, во наредните две истражувачки сезони, археолозите ќе ги пронајдат и двете градби споменати во натписот – синагогата и куќата на Полихарм (исто така позната како Куќа на Псалмите).

Објектот всушност се состои од неколку стратиграфски единици и она што е зачувано денес претставува последната фаза на објектот кој имал функција на христијанска црква. Во 70-тите години се извршени дополнителни истражувања под актуелното подно ниво па така се пронајдени остатоци од две дополнителни фази на објектот за кои археолозите сметаат дека биле дел од оригиналната градба која имала функција на синагога. Последната фаза на објектот, она што е презентирано денес на локалитетот Стоби, станува збор за типична ранохристијанска базиликална градба. Влезот во објектот се наоѓа на западната страна и преку него се пристапува до атриум во форма на перистил кој е обиколен со четири ходници од сите страни и одвоен од нив со пет столбови и преграден со ниски ѕидови. Западната страна од перистилот била комплетно заѕидана, а на него се наоѓа и писцина обложена со црвен малтер. Столбот со натпис се наоѓал на источната страна од атриумот свртен кон исток т.е према нартексот. Преку нартексот, кон источниот дел од објектот, се пристапува до трокорабен наос. Нартексот и наосот биле одвоени со ѕид во кој се направени три отвори, по еден влез за трите брода од наосот. Подот на наосот бил поплочен со печени тули,  јужниот и северниот брод биле одвоени со колонади, а источниот ѕид на централниот брод бил завршен со апсида. Според движните наоди (монети) најдени под подот на оваа фаза од базиликата, археолозите ја датираат градбата во крајот на IV или почетокот на V век н.е. Во текот на 60тите години, Конзерваторски Институт на Македонија ќе направи дополнителни истражувања за да се исчисти просторот а потоа и ќе се направат серија конзервациски и реставрациски зафати на базиликата.

 

Основа на базиликата. Извор: Петровић (1932)

 

 

Во текот на 70тите години истражувањата продолжуваат, но овој пат во многу помал размер. Интернационалниот тим предводен од Џејмс Вајсман, предводен од претходните сознанија од 1930-тите и самиот натпис, ќе работи претежно во наосот од базиликата, односно во централниот и северниот брод. На овој простор тие ќе ги откријат двете фази од синагогата кои пак одговараат со куќата јужно од базиликата. Овие две фази археолозите ќе ги именуваат како Синагога II и Синагога I. Подот на Синагога II бил целосно покриен со мозаик на кој се претставени геометриски фигури, а еден дел од него (под централниот брод) бил изваден за да се конзервира и реставрира. Над ова ниво се пронајдени и монети кои биле ковани во Стоби. Под овој мозаик се наоѓаат остатоците од Синагога I каде што се пронајдени остатоци од ѕидно сликарство, а еден таков фрагмент содржел натпис на кој повторно се споменува името на Полихармос. Синагога II археолозите ја датираат во III век од н.е., додека Синагога I била датирана во II век од н.е. Гореспоменатиот столб со натпис бил датиран во III век од н.е., а со овие истражувања се потврдува дека натписот веројатно стоел во овие долни фази од градбата но подоцна бил реупотребен и во актуелната форма на базиликата во атриумот. Од архитектурата на овие постари фази се останати само неколку ѕидови и подниот мозаик поради тоа што просторот бил уништен и реконструиран неколку пати.

 

Основа на Куќата на Полихармос. Извор: Петровић (1933-34).

Според сознанијата од истражувањата, базиликата и куќата јужно од неа биле јасно поврзани меѓу себе и во одреден период двата објекти сочинувале еден комплекс. Куќата на Полихарм и базиликата биле одделени со еден ѕид кој припаѓа на двете градби (јужниот периметрален ѕид од базиликата) додека на планот од базиликата од 1931, под број 13, се забележува отвор кој ја поврзува базиликата со куќата јужно од неа. Влезот во куќата се наоѓа на јужната страна и истиот бил означен со портик. Куќата има повеќе простории и ходници организирани околу централен перистил. Перистилот е формиран од осум столбови, а во внатрешниот дел од перистилот е сместен еден поголем базен и бунар. Ходниците околу перистилот се поплочени со мозаици кои претставуваат геометриски фигури. Источно од перистилот се наоѓа апсидална просторија – триклиниум, која исто така е поплочена со мозаик.

Мозаикот во триклиниумот. Извор: Blazhevska, et. al. (2021)

Овој мозаик е поделен на неколку полиња и е украсен со барски птици, пехари и разни предмети, додека во средината е поставена фонтана. Централниот мотив на овој мозаик зазема полето со претстава на две срни помеѓу кои се наоѓа кантарос од кој извира вода. Оваа илустрација алудира на псалмот 42 од библијата. Како и базиликата до неа, се смета дека и оваа куќа била користена во неколку фази. Куќата на Полихарм првично го добива името поради поврзаноста со синагогата односно можноста дека просториите од оваа куќа одговараат со оние спомнати во натписот од столбот. Се претпоставува дека куќата имала и втор спрат каде што се наоѓале просториите кои Полихарм ги подигнал за себе, а долниот спрат со перистилот и триклиниумот биле за потребите на синагогата. Сепак, во овој случај, фазите на куќата не се концизно одредени, па така археолозите објаснуваат дека куќата оригинално била изградена во II век и била во употреба заедно со двете синагоги, а подоцна во V век таа егзистирала заедно со базиликата кога и всушност го добива мозаикот во триклиниумот.

Откритијата во рамки на археолошките истражувања многу често се третираат со одредена доза на претпоставки поради тоа што фактолошките информации од минатото се многу ретки. Во овој случај проследивме пример за тоа како еден натпис ги води археолозите каде да продолжат со своите истражувања и да потврдат како тој простор се користел и менувал низ времето, и да воочат кој тип на грабди егзистирале на тој простор и каква била нивната функција.

 

 

Автор: Кристијан Тошески

 

 

Извори:

Петровић, Ј. (1932). Ископавање у Стобима 1931. Старинар VII, 81-86. Београд.

Петровић, Ј. (1933-34). Стоби 1932. Старинар VIII-IX, 171-191. Београд.

Blazhevska, S., Pencheva, A., Stewart, J., & Vasilev, I. (Eds.). (2021). Master conservation plan for the archaeological site of Stobi, R. of North Macedonia. Balkan Heritage Foundation.

Marmorstein, A. (1937). The Synagogue of Claudius Tiberius Polycharmus in Stobi. The Jewish Quarterly Review, 27(4), 373-384.

Wiseman, J. & Mano-Zissi, Dj. (1971). Excavations at Stobi, 1970. American Journal of Archaeology, vol. 75, no. 4, 395-411. Archaeological Institute of America.

Wiseman, J. & Mano-Zissi, Dj. (1972). Excavations at Stobi, 1971. American Journal of Archaeology, vol. 76, no. 4, 407-424. Archaeological Institute of America.

Wiseman, J. & Mano-Zissi, Dj. (1973). Excavations at Stobi, 1972. American Journal of Archaeology, vol. 77, no. 4, 391-403. Archaeological Institute of America.

Wiseman, J. & Mano-Zissi, Dj. (1974). Excavations at Stobi, 1973-74. Journal of Field Archaeology, vol. 1, no. 1/2, 117-148. Taylor & Francis, Ltd.

Куќа на Полихарм (Куќа на Псалмите)

Синагога Базилика