Повторна јавна презентација на предлог ДУП за Ј14 – Расадник во Кисела Вода
01.09.2020 • Информации Урбанизам
Општина Кисела Вода, за утре во 10:30 часот, во службените простории, во барака 7, Голема Сала, најавува повторна јавна презентација на планот за градска четврт Ј14 или поточно Расадникот во Кисела Вода.
Јавната анкета ќе трае до 11 ептември, 2020 година.
Ги повикуваме сите заинтересирани, особено оние кои сметаат дека во овој дел на Скопје недостасува нов Градски парк и зеленило, да присуствуваат на презентацијата.
Овој простор е од огромно значење на општината, но пред се од големо значење за Градот Скопје. Во повеќе наврати говоревме на темата и упатувавме јавни повици сериозно да се преобмисли менаџирањето со овој слободен простор во градот.
Правдањето со приватната сопственост на парцелите е изговор во кој општините се одземаат од можноста да понудат рационално менаџирање на просторот, бидејќи со реализирањето на изградбата обезбедуваат комуналии од кои на крајот јавноста добива единствено некоја помала асфалтирана улица , тротоар или детски игралишта. Цената што ја плаќаме со губењето на просторот, за комуналиите од кои не се обезбедува средства за ниту еден посериозен проект од поголемо значење е далеку од рационалноста.
Менаџирањето со ваквите простори во вака поставениот капитализам е возможен единствено преку креирањето и обединувањето на сите парцели во една. Од тука сите помали сопственици стануваат процентуални ко-сопственици и нема да бидат приморани во својот дел од поседот да инсистираат на изградба на станови .
Тогаш урбанистичкиот план би бил ослободен од „бркање“ на парцелите ( што е приватно, а што е државно) туку ќе го третира просторот како една целина. Слободно ќе може да креира голем градски парк со спортско рекреативни содржини на 40-50% од површината, додека на останатата ќе може да ги предвиди станбените згради, општествени објекти и слично. Заработката од вкупната продажба на новите парцели за изградба се дели процентуално според процентот на сопственост, на сите ко-сопственици…
Ова не е утопија, туку единствениот начин да се најде соломоново решение. Процесот ќе се усложни за некоја година и ќе треба сериозно вложување на професијата и општината во организација и менаџмент, но целта е голема со трајни вредности за општеството, за заедничкото добро…
Доколку дозволиме Расадникот да исчезне, Кисела Вода по 10 години може да прогласи мораториум на своето егзистирање!
Предлог планот можете да го превземете од тука >>>
Анкетните листови можете да ги пронајдете тука >>>
Автор на статија: Filip Koneski
ДУП / згради / Ј14 / Јавна презентација / Кисела Вода / Парк / Расадник / Скопје