ПРЕ-ФАБРИКАТИ – Растечките куќи на Скопје
01.03.2018 • Изложби
На 26 јули 1963 г., во екот на Студената војна, катастрофален земјотрес уништи голем дел од градот Скопје. Оваа природна катастрофа поттикна бран од меѓународна солидарност и доведе до појава на заеднички хуманитарен проект кој обедини светови со крајно спротивни идеологии. Пристигнатата итна помош од Истокот и Западот, како и понатамошната реконструкција на градот, беа насочени кон создавање општествен утописки модел на место засновано на активна солидарност, т.н. „отворен град“.
Разурнувањето и сериозните оштетувања на дури 80 % од градбите оставија 150 000 жители, односно три четвртини од населението, без дом. Обезбедувањето станбен простор стана најприоритетната задача. Проектирањето на 17 нови населби на краевите од уништениот град започна да се одвива истовремено со уривањето и расчистувањето на урнатините. Целта на првата фаза од реконструкцијата беше да се обезбедат фиксни живеалишта пред почетокот на зимата. Населбите требаше да се состојат од монтажни, претежно еднокатни куќи. Првата испорака на монтажни елементи пристигна во Скопје само десет дена по земјотресот. По три месеци, градежните работи на „монтажните населби“ беа во полн ек, а веќе во декември беа предадени 10 000 станбени единици. До крајот на 1964 г. беа изградени вкупно 14 068 станбени единици, со што се обезбеди нов дом за околу 70 000 луѓе.
Со изградбата на овие куќи, дел од кои беа и опремени, повеќе земји добија можност да дадат видлив и јасно препознатлив придонес во реконструкцијата. Иако повеќето од куќите беа произведени во Југославија, во колективната свест на градот останаа запишани околу 2 500 куќи донесени од други земји, од кои 914 беа донација. Архитектурниот увоз на монтажни куќи, кои денес во Скопје сѐ уште се нарекуваат „бараките“, трајно го обликуваше ликот на градот. Иако се во употреба повеќе од 50 години и претрпеле повеќекратни проширувања и трансформации, основната структура на населбите и елементите на архитектурата од Финска, Мексико или САД се забележливи и ден-денес. Растечките монтажни куќи на Скопје ја создадоа густата текстура на градот.
„PRE/FABRIC“ трага по приказните на куќите во ова малку истражувано поглавје од историјата на главниот град на Македонија. Проектот ја разгледува историјата на градбите на шест куќи и искуството на домаќините од животот во нив. Преку начинот на кој ги користеле објектите низ годините и оптимално ја приспособиле нивната структура заради задоволување на личните потреби, жителите на реконструираниот град се тие кои ја преиспитуваат оптимистичната верба на модернизмот во индустриското производство и можностите за префабрикување. Документирањето и анализата на домашниот пејзаж, кој се развивал преку интервенирање, приспособување и проширување, овозможува конкретно разгледување на овие сомнежи и нивна тематизација.
Проект на Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек
Фотографии: Горан Димов;
Видео обработка: Ана Хојс; Превод: Милица Ѓорчевска
Отворање на 13. март 2018, во 19 часот
Изложбата ќе ја отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а воведен говор ќе одржат професорката Елке Красни (Elke Krasny) од Австрија и архитектката Даница Павловска.
Автор на статија: Vase Amanito
Изложба / Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек / МСУ Скопје / префабрикати