Најавени се предавања и панел дискусии за Втората годишна средба на архитекти и урбанисти во Битола
26.11.2023 • Информации
Во рамки на Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, Ислам Беркин ќе сподели искуства од неговиот професионален ангажман во Заха Хадид архитекти. Како дел од тимот кој работел на проектирањето, во фокусот на своето излагање Беркин го става проектот за Музеј на научна фантастика во Ченгду, НР Кина. Улогата на архитектот во процесот на проектирање на овој проект, целокупниот процес на проектирање и следење на реализација на истиот во еден поинаков контекст, ќе бидат презентирани на Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти.
Ислам Беркин веќе пет години работи во Заха Хадид архитекти, во Лондон. Своето професионално образование го завршил на Школата за архитектура, при Асоцијацијата на архитекти во Лондон, а веќе е регистриран архитект од Одборот за регистрација на архитекти во Обединетото кралство (ARB) и овластен архитект од Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA).
Др. Марко Ицев, е историчар на архитектура и урбанизам, планер и архитект со академско образование стекнато на престижни Универзитети во Соединетите Американски Држави (САД), меѓу кои се истакнуваат неговите докторски студии по историја и теорија на архитектура и урбан дизајн на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA).
Во моментот работи како доцент професор на отсекот по архитектура на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје.
Има публикувано повеќе трудови, а истовремено, особено е горд на стипендија од Фондацијата Ендру Мелон за Урбани Хуманистички науки.
Симбиоза од неговото теоретско и практнично искуство, како планер и урбанист, кое го има стекнато низ годините во Македонија и во САД, ќе биде споделена со посетителите на тема Теорија и пракса, тука и таму.
На Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти предвидени се две панел дискусии:
- Улогата на планерот во процесот на планирање визави улогата на планерот во Законот за урбанистичко планирање
- Улогата на архитектот во процесот на градење визави улогата на архитектот во Законот за градење
Делот на панелисти е резервиран за претставници на: Собранието на Република Северна Македонија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за планирање на просторот и членови на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Се очекува на панел дискусиите да се отворат повеќе прашањата меѓу кои и прашањето дали во националната регулатива, архитектите и планерите го уживаат статусот кој им следува, согласно обврските што ги преземаат во процесите на урбанистичко планирање и градење.
Томаж Криштоф е роден 1974 година во Марибор, Словенија. Како основач на Студиото Криштоф, професионално дејствува со големи станбени проекти, реновирање на станбени блокови од периодот после Втората светска војна, а исто така ја истражува архитектурата како медиум за изразување на општествени пораки.
Тој е докторанд на Архитектонскиот факултет во Љубљана и редовен соработник на Факултетот за градежништво, сообраќајно инженерство и архитектура на Универзитетот во Марибор. Од 2019 до 2023 година бил Претседател на Комората за архитектура и простор Словенија, а моментално е Претседател на одделот за архитектура. После катастрофалните поплави во Словенија од август 2023 година, назначен е за претставник на архитектонската професија во Владиниот совет за обнова.
Автор на статија: Filip Koneski
Битола / втора годишна средба / КОАИ / панел дискусии / Предавања