Предлози до идните градоначалници / 4: Пренамена на индустриски објекти – низ примерот на магацините на Славија

Автор: непознат

Година на изградба:  1930- 1940 ( според потеклото на околните објекти со слична намена од тој период)

Локација: Чешма – Општина Кисела Вода, Скопје

 

Пропаднатите индустриски капацитети  или објекти во служба на производствената индустрија, како што се магацините, во градските средишта одамна во светот се предмет на преразмислување и давање нов контекст во културното живеење на општеството. Оние напуштени објекти кои често се доживуваат како сведок за распаднатата економија во светот ги гледаат како градителско наследство кое може да добие поинаква функција.

Кај нас истите се сведок единствено на тагата, на изгубените работни места и пропаста на едно поорганизирано општество пред 3 децении.

За поинаков поглед тешко можеме да говориме, бидејќи ситуацијата со планирањето е сведена на неразумни површини за градба единствено на колективни станбени објекти и некој трговски центар. Се останато е некако на маргините по желба на инвеститорот.

Скопје и онака не се грижи за своето наследство и од највисока категорија  кое константно  се угушува, подрушува, игнорира, девалвира. Но, крајно време е целиот став за урбанизмот да се промени. Мораме да ги спасиме историските траги и да ги перцепираме како богатство во слоеви. Колку повеќе видливи и активни траги, толку традицијата е жива и сведоците присутни.   Треба да се напушти идејата за учење историја низ фотографии .

Старите објекти кои биле во служба на индустријата се простори во кои може да се вгнезди алтернативната културна сцена, креативна индустрија и функции посветени на младите.

Во прилог еден успешен концепт од Ајндховен, Холанција, кој сеуште е жив проект и константно се надоградува, адаптира, менува но притоа чувајќи ги урбанистичките историски траги од просторот:

 

 

 

Богатството на јавниот простор е сочинет од различни амбиентални доживувања, погледи  и форми. Новиот урбанизам не произведе скоро никакви квалитети на долга стаза, туку една монотона и ефтина слика во полза на оние кои имаат капитал, да имаат повеќе. Општините се посиромашни и безидејни, а бизнисмените во градежната индустрија побогати и помоќни. Затоа следните мандати може да бидат предизвик за посмели и ослободени идеи од притисокот на инвеститорите, бидејќи средствата од комуналиите не придонесоа многу за јавното добро.

 

Нова надеж

Изминатите  години, здружението Културно Ехо, успеа да го организира граѓанството преку својата иницијатива да се сочува КУПРОМ, како објект со јавна намена ( во случајов студентски град) наместо  терен за нови станбени и просечни станови.

 

Постојна состојба на фабриката Купром

 

Позитивниот наплив, но и вистинската ангажираност на младите успеа да истрае и оваа идеја да ја всади и во главите на локалните власти, што е успех за поздравување и нова надеж.

 

Случај Кисела Вода

Тажната општина, која е целосно без визија за себе,  со неспорен потенцијал во Расадник да го изгради својот идентитет, е на праг да загуби уште еден потенцијал  во непосредна близина на општинските бараки.

По злосторот над Сапунарата „Цветан Димов“, која имаше квалитети да прерасне во културен дом, кино, театарска сцена или мултимедијален простор кој ќе ги обединеше сите овие во едно и растењето на истото место на имитацијата на њујоршкиот симбол, следен простор за поздрав, со целосно незабележан потенцијал на списокот се стовариштата на Славија.

Меѓувремено Кисела Вода е една спална без крај, која преминува во индустриска зона и исчезнува во предградието. Но, можеме ли  да забележиме нешто во помеѓуто?

 

 

Магацини „Славија“

Во сопственост на некогашниот југословенски гигант на ланец самопослуги „Славија“ или првата  форма на супермаркети во нашите краеви е комплексот на стоваришта лоцирани на Чешма. Од центарот на Скопје одалечен само 1600 метри, што го прави достапен за целиот град.

Објектите низ времето ја одржале сопствената функција низ концептот на издавање. Истите се дефинирани во ист архитектонски јазик и стил, практично составени се од модул кој се повторува одреден број пати.

 

 

3Д анимација од комплексот магацини

 

Она што денес можеме да го забележиме е комплекс кој се развива во форма на буквата Г, од кој едната страна се отвора кон булеварот „ Борис Трајковски“,  додека другата страна се развива паралелно на улицата „Жил Верн“. Внатрешниот агол е дефиниран со аголен објект во континуитет од 50 метри до прекршувањето и 100тина метри по истото, развивајќи се на приземје.  Во комплексот не среќаваат 5 објекти со П+1, од кои 4 се истотипски а насреде нив е најдоминантниот објект со организација П+3. Секако во комплексот има и доградби измени и адаптација според потребите на корисниците. Инаку сите се решени со двоводен кров.

 

Од 3д модел / Магацини „Славија“

 

Истотипските објекти се интересно обликувани, со поделба меѓу модули со потпорни крупни пиластри,  по еден прозор на приземје и кат додека како челна фасада и влез во надолжните објекти се користат калканските страни. Она што го заокружува идентитетот се рампите преку кои пристигнувате на катот, што го олеснува пристапот и дотурот на производите за одложување.

 

Нова визија за просторот 

Просторот урбанистички зрачи со сопствена внатрешна амбиентална слика на јавни и отворени простори – плоштади дефинирани од фасадни вертикали во ист манир.  Во зоната до булеварот „Борис Трајковски“,  потенцијално главниот плоштад е отворен кон него што го прави физички и визуелно достапен и по сите параметри квалитетен јавен простор.

 

Фото: Од булеварот кон потенцијалниот плоштад 1

 

Од работен 3Д модел / Постојна состојба на Плоштад 1

 

Кисела Вода не поседува плоштади, ниту соодветен простор на кој може да се организираат јавни настани ( концерти, панаѓури, изложби од отворен карактер, претстави и сл.). Од тука овој простор кој е присутен, не е забележан до сега од никој како потенцијал.

 

 

Возможни сценариja со модели од датабазата на Sketch Up

 

Следејќи ја внатрешната улица, нормална на булеварот, се пробиваме кон вториот и поинтимен плоштад  овојпат отворен единствено кон исток каде се надоврзува најголемата отворена површина.

 

Фото: Од улицата „Жил Верн“ кон потенцијалниот плоштад 2

 

Од работен 3Д модел /  Постојна состојба на Плоштад 2

 

Зависно од идната функција или пак збирот од повеќе сродни функции, овој простор создава поинтимна форма на средишен јавен простор – плоштад, каде можеме да очекуваме летни тераси, поинтимни настани, поетски читања или можеби релакс зона. Можностите се бескрајни.

Гледајќи кон исток и најголемата отворена површина од каде колски се пристапува во просторот преку улицата „Жив Верн“, згодно е организирање на внатрешен паркинг простор за посетителите и корисниците,  потоа парковска површина, скејт парк и сл.

 

Од работен 3Д модел /  Постојна состојба на Плоштад 3

 

Комплексот овозможува интеграција на поголем растер на дејности. На пример објектите во приземјето можат да бидат организирани во повеќе локали дефинирани во еден модул или поголеми локали дефинирани од неколку модули.  Тие се идеални во себе да примат  студија за архитекти, уметници,  тату артисти, занаетчии и останати форми на креативни струки. Или пак локали кои ќе понудат комерцијално-трговски содржини како што се skate shop, outlet продавници на брендови, локални брендови, кафетерии, продавници за книги, музички продавници и сл.

Катовите од објектите се погодни за организација на хостели или поалтернативни форми на хотелско сместување, ресторани, барови, библиотеки, изложбени галерии, дискотеки, мултимедиа, кино итн.

Просторот поседува пријатна атмосфера и безброј можности. Истиот може да се набљудува и како предизвик за алтернативна форма на индивидуално домување на  единици во низа, можеби сместување на образовна институција вклучувајќи го и студентското домување и сл.

За жал општината овој простор го доживува единствено како простор за површини за градба на станбени објекти/ блокови со височина од П+7, од кои веќе во околината се реализираат лошите пропорции на грамади на мали улици.

 

 

Од ДУП Реон 4 / Четврт Ј 12

 

 

Бидејќи станува збор за нејасна до крај сопственост, се разбира дека во било какви случувања на овој простор, општината треба да најде начин да го постави својот интерес на пиедестал,  притоа не оштетувајќи го сопственикот.

Манипулацијата дека за истото се потребни единствено финансии ( доколку сопственикот е приватен), ја заслепува можноста за менаџерски пристап преку трампање и замена на земјиште, со што општината друго државно земјиште со површини наменети за изградба ќе може да го замени за овие стоваришта. Затоа урбанизмот не смее да е роб на желбите од секој запуштен простор да се извади нова површина за станбени комплекси, бидејќи постојат поинакви начини кога визијата е јасна.

За финансиски средства за организирање на еден јавен повик и реализација на добиеното решение, веќе имаме успешни примери во соседството преку финансирање  и помош од UNDP.

Враќајќи се кон оваа лична идеја и иницијатива која стои во фиока околу 15тина години, сепак сметам дека решението за овие простори треба да се бара на отворен и јавен конкурс. Од тука желбата да не се наметне личниот авторски пристап кон овој простор во објавата, не се презентирани  личните авторските решенија, туку единствено се посочува потенцијалот на просторот.

 

Фотогалерија 2015-16 година 

 

До сега во Македонија нема успешни приказни за пренамена на комплекси, но постојат неколку добри примери за пренамена на функции на објекти. Позитивни примери од нашата сцена е пренамената на коњушницата на МВР во она што денес го знаеме како Јавна Соба,  потоа Мала станица во мултимедијален центар, Дел од комплексот на Тутунски Комбинат во простории на IT  секторот ( Seavus)  и последниот светол пример пренамената на старата хидроцентрала на Матка во музејски простор.

 

Дали Кисела Вода и магацините на Славија можат да бидат следниот успешен пример и промена на менталната матрица?!  😉