Проект: „КензО“ – предлог за нов јавен градски простор во центарот на Скопје
12.01.2021 • XXI век Урбана опрема
Година: 2020
Автори: д-р Радмила Томовска; д-р Ива Петрунова, Хекуран Мусли
Локација: Просторот пред поштата кај главниот Транспортен центар, Скопје
oПроектот КензО е резултат на продлабочени анализи и истражувања на одржливите и биоклиматски стратегии кои се во корелација со подобрувањето на квалитетот на воздухот, намалувањето на температурите во летниот период, како и јакнењето на социјалната кохезија на жителите кои гравитираат кон овој дел од градот. Поточно, ова истражување дискутира за можните начини на примена на биоклиматски урбанистички стратегии за постигнување одржливи урбани решенија и проектирање на јавен простор пред железничката станица во центарот на Скопје. Новиот јавен зелен простор пред проектот на Кензо Танге од 1965 година представува контекстуализирана и еколошки третирана целина. Овој проект е обмислен да биде ново „збирно место„ – точка за средби, со силен модерен став во неговите форми, кој воедно го почитува природниот, историскиот, социјалниот и културниот контекст во кој е сместен.
Градовите, објектите и јавните простории мора внимателно да бидат планирани и да соодветствуваат и за граѓаните и севкупната околина. Тоа кај овој проект се постигнува преку аналитичките и проектанските методи применети на локацијата во центарот на градот Скопје. Анализираната локација во моментов е непривлечен, дехуманизиран асфалтен паркинг пред Транспортниот центар. Освен овој паркинг, околу железничката станица и под неа има многу паркинзи и зонско паркирање. Се отвара прашањето: како постојната локација да ја претвориме во зелен, компактен, прооден (без бариери), здрав, социјално енергичен и кохерентен простор што ќе им овозможи висок квалитет на секојдневен живот на граѓаните кои гравитираат во овој дел од градот. Идејата и целта на овој проект наведува дека оваа локација треба да биде проектирана како јавен и впечатлив простор во градот – нов архитектонски симбол на градот, кој во истовреме ќе го велича културното наследство пред кое е сместен. Името на проектот „КензО„ е во чест на архитектот Кензо Танге, кој се смета за еден од основоположниците на новото Скопје во пост земјотресниот период од историјата на овој град.
Концепт
Главниот елемент представува модуларен цилиндар (челична конструкција) со дијаметар од 8m. Модуларноста го следи нумеричкиот редослед на Фибоначи. Челичните профили во форма на прстени се поврзани со челични жици и формираат цилиндричен тунел покриен со локална природна вегетација – бршлен. Бршленот се смета за издржлива билка која е истовремено многу ефикасна во прочистувањето на воздухот. Оваа јака челична конструкција е издржлива на временските услови, а воедно е и економски прифатлива што ја прави идеална за јавни простори. Урбаната опрема е изработена од челик, дрво, јажиња и гумирани површини. Внатрешниот простор е засенчен и зелен. Отворите што се одземаат од зелениот тунел се во корелација со сончевата инсолација и воздушната циркулација. Во исто време, тие овозможуваат подобра циркулација на пешаците низ локацијата и функционираат како отвори (врати и прозорци). Трансформацијата во антропоморфна и природна средина се смета за совршено решение за подобрување на социјалната кохезија и збогатување на просторот со различни функции што можат да привлечат повеќе граѓани да ја посетат оваа локација во различни периоди од денот. Просторот во ноќниот период е осветлен со помош на енергетски ефикасно осветлување: соларни канделабри, флуросцентни бои кои ја рефлектираат светлината и „паметни„ артифицијални светлечки уреди. На просторот е предвиден и паркинг за велосипеди.
Поради големата густина на население во Скопје и загадувањето, можноста за планирање просперитетен и жив град со намалена емисија на јаглерод диоксид, е итна. Градот мора да го зголеми процентот на зелени површини и овој проблем да го смета за свој главен приоритет. Без развој и примена на урбанистички стратегии ориентирани кон одржливо и биоклиматско планирање, овој густ и загаден асфалтен град нема да го достигне својот целосен потенцијал.
Цел
Целта на проектот е: дизајнирање јавен простор пред објект што претставува културно наследство и е од големо значење за градот, кој истовремено е и зелен, еколошки и биоклиматски простор. Овој простор представува континуум – тунел кој го поврзува животот на минатите, сегашни и идни генерации на овој град. Проектот се обидува да ја спои живоста и антропоморфноста на старите скопски маала како на пример Маџир Маало и фрункционалноста на Транспортниот центар, преку зелен и одржлив јавен простор. Мултифункционалната структура ќе овозможи ревитализација на локацијата преку редизајн на постојниот паркинг и додавање на голем број нови урбанистички содржини. Ревитализација на локациите во градот кои го изгубиле својот сјај со текот на времето со помош на додавање на нови урбани содржини кои го потенцираат контекстот на природата и социјалната кохезија претставува еден од главните принципи на одржлив урбанизам.
Густината во центарот на градот расте секој ден со додавање на нов објект на секоја локација што е празна или зелена. Идејата на овој проект е да се врати природата во градот. Биоклиматските принципи, насочени кон прочистување на воздухот и намалување на летните температури со едноставни, ефтини, но внимателно одбрани методи, имаа централна улога во процесот на развивањето и проектирањето на ова решение. Околу 85% од локацијата се трансформира во зелена и водена површина. Водената површина позиционирана во непосредна близина на објектот на поштата делува како огледало што ја потенцира важноста на овој архитектонски споменик, а воедно ја намалува и температурата на воздухот, бучавата и создава пријатна атмосфера.
Резултат
Спроведените анализи помогнаа во откривање на реалните проблеми присутни на овој конкретен случај. Врз основа на сите анализи, биоклиматските принципи и стратегии се покажаа како најсоодветни за имплементирање на избраната локација. Инкорпорираните биоклиматски и одржливи стратегии можат да го подобрат квалитетот на воздухот, да ги намалат летните температури, да ја ревитализираат избраната локација, да ја подобрат социјалната кохезија и да учествуваат во процесот на редефинирање на градските вредности.
Градовите треба да функционираат во хармонија со природата, а не да ја отфрлаат од себе. Градовите се потенцијално еколошки, бидејќи имаат капацитет да станат самоодржливи и да произведуваат енергија наместо само да ја конзумираат и трошат. За да го реализираме овој потенцијал, мора да го развиеме концептот на враќање на природата во градот. Треба да создадеме свест кај младите архитекти, урбанисти и граѓани да размислуваат за намалување на ресурсите и да ги мотивираме да го променат своето однесување. Одржливата урбана ревитализација треба да се сфати како мултидисциплинарен пристап: анализа на сите можни аспекти важни за одредена локација со цел да се постигнат квалитетни решенија кои ќе им служат добро на сегашните и идните генерации што ќе им овозможи да живеат во здрави, еколошки, одржливи и социјално енергични средини.
Автор на статија: Martina Shteriova