Пролет на Македонскиот Дизајн – 28 Мај

Фотографија: Борис Јурмовски

Архитектура, мебел, занает и претприемништво – три перспективи што се сретнаа на третиот настан од „Пролет на македонскиот дизајн“.Овој месец настанот се одржа на две места. Почетокот беше во еспресо барот Подвиг, кој се наоѓа веднаш зад Кино Култура на улица Македонија.

Таму, ко-основачката и дизајнерка на ентериерот, Катерина Трпковска, ја претстави својата работа преку студиото Rinocca и ко-основачката улога во Подвиг, со фокус на одржлив дизајн на мебел инспириран од европската архитектура од 20 век, каде функционалноста и долготрајноста се клучни принципи во создавањето современи и внимателно обликувани парчиња. Преку примери од самиот ентериер, каде што предавањето се одржа, посетителите беа запознаени со приказната за Подвиг, овој пат низ призмата на дизајнерот кој во овој случај е и сопствен клиент.

Потоа групата се упати кон Плочник, каде што вечерта продолжи во гастро барот ФРАНЦ – неодамна отворен културен и социјален простор.

Таму посетителите го слушаа предавањето на дизајнерот на ентериерот Борјан Менкиноски, заедно со изведувачите на столарските работи во ентериерот – Благој и Гаврил Ѓорчевски од Studio LOTOS.

Преку предавање кое беше одличен спој на разговор и стручно излагање, тие ги претставија процесите зад ентериерот на ФРАНЦ и развојот на мебелот и дрвените елементи, истакнувајќи ја врската помеѓу архитектонската идеја, прецизната изработка и материјалот како носител на атмосферата во просторот.

Во рамките на предавањата активно учество имаше и Бојан Јанев, сопственикот на ФРАНЦ, кој ја раскажа приказната за создавањето на просторот и соработката со Борјан, Благој и Гаврил, отворајќи дополнителен увид во процесот на трансформација на идејата во реален ентериер.

Во конференцискиот дел на ФРАНЦ, архитектот и изведувачите подготвија изложба на изведбени цртежи и скици, кои беа увид во работата на овој значаен проект кој природно минува низ многу итерации и промени.

По завршувањето на предавањата се одржа и Q&A сесија, каде посетителите имаа можност да поставуваат прашања директно на дизајнерите. Панел-дискусијата отвори важни теми поврзани со дизајнерската пракса, релацијата клиент–дизајнер, како и улогата на дизајнот во поширокиот општествен контекст и неговата одговорност.

Во овој дел од вечерта се отвори поширока дискусија за односот помеѓу дизајнот и изведбата, како и за улогата и значењето на соработката меѓу авторите и изведувачите во креирањето долготрајни и квалитетни решенија.

Ви благодариме на сите што беа дел од уште една инспиративна вечер во рамките на „Пролет на македонскиот дизајн“. Се гледаме на следниот настан на 18 Јуни!