Разговор со Александра Петрушевска Ристовска>
Александра Петрушевска Ристовска e родена во Скопје, 1981 година, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2005 година, во 2011 се стекнува со звање Магистер по графички дизајн а во 2017 година докторира на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” Институт за македонска литература, оддел за културолошки студии во Скопје. Ристовска има реализирано повеќе независни и групни изложби, Њујорк (2010), Берлин (2010), Виена (2009), Бејрут (2009), Амстердам (2008), Белград (2006) Музеј на современата уметност Скопје (2005, 2006, 2008 ). Досега има учествувано во неколку меѓународни проекти и резиденции (KulturKontakt Austria, Европска културна фондација, Проелветија Скопје). Од 2009 година работи како професор и Декан (2016-2019) на Факултетот за Арт и Дизајн (Меѓународен Балкански Универзитет). Во нејзината визуелна практика се видливи социјални и егзистенцијални прашања изразени преку интердисциплинарен медиум. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.
Во продолжение разговорот кој го водевме викендов со Александра >>>
Марх : Најпрво, претстави ни се 😊 Која е Александра Петрушевска Ристовска во неколку збора?
Петрушевска Ристовска : Ја сакам уметноста, дизајнот и нивното значење.
Марх : Кога Ви откри битисувањето дека ќе се бавите со уметност, што беше пресудно во животот?
Петрушевска Ристовска : Од најрана возраст посетував курсеви за музика и цртање, тоа беше основната дилема. Слободата на креативното изразување повеќе резонирала кај мене, во споредба со природните и општествените науки. Визуелниот јазик преку кој учиме и се изразуваме има свои развојни процеси, технички, но повеќе културолошки и мисловни.
Марх : Колку просторот и општеството во кое живееме не обликува како автори? Што вели твоето искуство?
Петрушевска Ристовска : Авторот живее во истото општество и простор како и сите останати. И кај уметниците од минатото го препознаваме потписот на времето во кое твореле, со некои исклучоци кои биле поголеми визионери и не биле прифатени во конкретното доба.
Уметничкото дело многу често е производ и рефлексија на општествениот живот. Без разлика дали делото ќе биде миметичко прикажување на реалноста или пак ќе располага со значењата на нештата, неизбежно е авторот да биде вклучен во одредени општествени процеси. Не треба да заборавиме дека создаваме уметност. Не треба да ги забораваме естетските, филозофски и теоретски дискурси на уметноста, вредности кои создаваат културна свежина на сцената. Треба да градиме соптвена нарација, репрезентација која партиципира преку субјективните искуства. Сепак уметноста во себе содржи силен субјективен став кој се труди да биде објективен.
Марх : Она што го забележавме во твојот опус е присуството на архитектонската форма и односот на светлината со истата. Темата е извлечена од конкретни и реални простори – ентериери од златниот период на македонската архитектура. Раскажи ни повеќе за овој циклус.
Петрушевска Ристовска : Не користев хронолошка мапа за избор на локации. Скопје не е голема метропола, местата се тие. Тие ни се на располагање и затоа се повторуваат. Не се поврзувам со архитектот но повеќе со просторот кој е создаден и го имаме денес онаков каков што го имаме, со ширината, просторноста, ехото …
Можеби треба да размислуваме во насока како да се оддржуваат или создадат нови јавни места за развивање на есенцијални прашања.
Од секогаш ме фасцинирал ентериер. Преку состојбата на ентериерот градам своја нарација за одредени актуелни субјективни теми. Во овој циклус што го работам во моментот станува збор за ентериери на јавни простори. Особено ме интересираат оние кои биле замислени да служат за културолошки развој а денес се полни со отсуство.
Архитектурата и ентериерот разбрани од двата аспекти на функционалност и креација сами по себе зборуваат за нашите потреби и процеси на размислување. Преку својата поетика тие говорат за времето кога се создадени. Ние тоа само треба да го прочитаме, а за тоа зборува и фактот дека мислата може да се пренесе преку неограничен извор на изрази, не само вербално или текстуално. Како ќе се оддржува и живее понатаму просторот, тоа не можеме да го знаеме.
Присутноста на сенките и светлината го дополнуваат амбиентот со својот став и аргумент на постоење, на моменти полни со луминизам, на моменти полни со својот контраст кој во себе ја носи својата симболика. Дијалогот со просторот ви открива нешто ново, духовна хармонија, стимул за креирање на своја интерпретација на видливото. Па дури и да биде и илустрација на меланхолијата на современоста која не може да се избегне. Симбол на бегство од реалноста, неодредена меланхолија од дигиталниот свет која рефлектира врз стварноста со приказ на дисконекција и дезорентираност.
Марх : Дали се работи само за обликовна импресија или постојат покомплексни лични доживувања на овие места кои ги третираш во своето творештво?
Петрушевска Ристовска : Илустрирањето на просторот е разбран како физичка рамка на материјалниот свет, кој се прострира и зрачи со својата екстензивна временска дистанца. Во тие простори секој од нас креира сопствен контекст и гради емоции врз база на лични искуства.
Некогашната идеологија читана од денешна дистанца добива нов концепт на разбирање, кај мене тој ентериер на јавен простор предизвикува соединување со минатото, односно замислата за иднината. Дистописка празнина во која се измешани времињата на постоење. Може да се каже дека токму таа форма на тишина сакам да ја доловам.
Марх : Дали Скопје е во центарот на твоето внимание или тоа е само една фаза?
Петрушевска Ристовска : Постојат многу локации во други градови и држави кои одлично би се вкопиле во мојата визија. Има уште неколку локации кои сеуште не се ставени на платно. До средина на циклусот сум.
Марх : Што мислиш за архитектурата во Скопје и Македонија, во последните 30 години?
Петрушевска Ристовска : Во Скопје постои асиметрична мултипликација на архитектонските форми. Има нови објекти кои драматично го преуредуваат градот. Тоа зборува за неизбежната конфронтација со реалноста што јасно ги дефинира суштинските цели создадени од динамиката на наметната “модерност”.
Марх : Дали го изгубивме градот или тука е негде помеѓу натрупаноста ?
Петрушевска Ристовска : Визуелно, градот како што бил, е одамна изгубен, но затоа луѓето се тука. Нормално е да има нови објекти, да се гради и создава но мора да се има визија која треба да се следи низ генерациите и покрај тоа што интересите се менуваат.
Марх : Што мислиш за тековното домашно творештво од областа на сликарството? Дали постои зрела и активна македонска сцена која чекори со современото сликарство или овој правец е засенет од современите форми на инсталации и концептуална уметност?
Петрушевска Ристовска : Слободата на изразувањето и изборот на медиум од секогаш биле предизвик и дискусија во визуелната уметност. Мултимедијалноста, интердисциплинарноста како и теоретските дискурси се дел од визуелната реалност во современите светски рамки, а ние следиме трендови.
Не знам дали имаме капацитет за постојано да имаме нова зрела сликарска сцена, истото важи и за сите уметности. Доколку ги погледнеме хронолошки интересите кон сликарството, тие се движат во бранови. Тоа може лесно да се види со патриципацијата на младата популација во ликовната сцена некогаш и сега.
Марх : Набројте неколку македонски сликари кои според вам се одвојуваат или автори кои влијаеле во вашето зреење?
Петрушевска Ристовска : Антологијата на македонското сликарство не е мала, особено од минатиот век до денес. Би ги споменала сликарот Александар Ристевски – Шулц, професор од средно уметничко како експресивна личност која знаеше да ја пренесе љубовта кон оваа професија на единсвен начин, од првиот час ни кажа да се откажеме додека е време, и професорот по сликарство Душан Перчинков со својата неизмерна трпеливост.
Марх : Дали се живее од уметност ( колку и да звучи ова погрешно ) во Македонија?
Петрушевска Ристовска : Во многу земји додека траела економска криза, уметноста го достигнала нови хоризонти, затоа што се посветува време на други прашања кои не се од материјален карактер, туку од духовен, идеолошки, егзистенционален. Рефлексиите од уметничкото дело, дали како креатор или реципиент носат не само материјални бенефиции.
Марх : Во кој правец се движи Александра во моментов? Подготвуваш нешто ново, можеби изложба?
Петрушевска Ристовска : Временски процесот за реализирање на целата замисла за самостојна изложба трае подолго. Стилот го наметнува спорото темпо на одвивање. Се надевам побргу ќе се надминат новите актуелни случувања и навикнеме на “новата нормалност”, потоа со задоволство би ве очекувала на изложба.
Автор на статија: Filip Koneski
Александра Петрушевска Ристовска / Ентериер / македонска уметност / Сликарство