РАЗГОВОР СО КРИСТИНКА РАДЕВСКИ, претседател на КОАИ

Оваа година Комората на овластени архитекти и инженери, прославува 15 години од своето формирање. Веќе одминува втората година од новото раководство, додека минатиот месец се донесе долго очекуваниот ценовник за минимално чинење на услуги во делот за високоградбата. За овие теми и многу други поводи разговараме во големото предновогодишно  интервју со Претседателот на КОАИ, М-р Кристинка Радевски, диа >>>

 

Марх:

Кристинка најпрво да Ве поздравиме во име на МАРХ. Архитектите беа пријатно изненадени од веста за вашиот избор за претседател, па од тука би прашале која е Кристинка Радевски, кое е професионалното искуство кое стои зад вас?

Кристинка :

Ви благодарам за убавите зборови и поканата на МАРХ за овој разговор. Еве едно кратко претставување за мене. Родена битолчанка, работам и живеам во Скопје веќе 17 години. Архитектонскиот факултет го завршив на државниот универзитет во Скопје. Магистерски студии завршив не заради титулата магистер, туку заради личните афинитети за специјализација на темата „Менаџирање со човечки капитал“. Мојот професионален ангажман како раководител на повеќе функции низ годините наназад, беше неминовно и директно поврзан со работа со различни профили на вработени и токму тоа ме насочи да ја изберам оваа тема за стручна доквалификација.

Инаку за време на моето, сега веќе 30-годишно професионално искуство, поминав низ сите фази на професијата (скоро сите, освен наставната, никогаш не сум учествувала во професијата како едукатор 😊). Значи, активен професионален ангажман во проектирање, ревизија, изведба, надзор, но и раководење со големи проекти, како и работа на меѓународни проекти. Како Директор за градба за цела Македонија во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, во својот четири годишен мандат раководев со тим од повеќе од 70 инженери од сите инженерски професии. Потоа работев како дел од тимот за имплементација на Проектот за Локална и Регионална Конкурентност, кој претставуваше финансиска операција на ЕУ, Светска банка и Владата на РСМ во износ од околу 24 милиони евра, за развој на туризмот, од кои ¾ беа наменети само за градба. Пред ангажманите во Комората, долго време бев активно вклучена во работата на ААМ.

Во својот работен век имав прилика да дадам активен придонес во работата на бројни стручни комисии, архитектонски конкурси и други стручни тела, бев ангажирана како советник за инвестициски активности на институции од значење за државата: Министерството за образование, Министерството за Финансии, Министерството за култура, Министерството за одбрана и Министерството за здравство. Повеќе од две децении сум член на Асоцијација на архитекти на Македонија, а како активен член во работењето на асоцијацијата бев вклучена петнаесет години не само во битолскиот огранок, туку и во Управниот Одбор. Како член на Македонската делегација учествував во работата на Генералното Собрание на 23th World Congress of Architecture, UIA 2008 Turin, Italy и на 24th World Congress of Architecture, UIA 2011 Tokyo, Japan, најпрестижните светски настани од областа на архитектурата.

 

 

Доделување на награда за животно достигнување на SHARE Skopje 2022

 

Марх:

Дали е ова прво ваше присуство во Комората и што Ве натера да се кандидирате за функцијата која ја извршувате веќе втора година?

Кристинка:

Во работата на Комората се вклучувам од 2012 година како делегат во Собранието на Комората за мандатниот период 2012 – 2016 година, со активно учествува во работењето на нејзините одбори, комисии и тела. Во мандатниот период 2016 – 2021 година, од делегатите на Собранието бев избрана за Претседател на Надзорниот одбор на Комората. Исто така, во тој период бев и претставник на Комората во Одборот за доверба и соработка со јавност при Архитектонскиот факултет во Скопје.

 

Марх:

Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, сеуште не ужива позитивна репутација кај голем дел од фелата. За жал повеќето не го разбираат нејзиното постоење. На што мислите дека се должи тоа?

Кристинка:

Репутацијата на една институција се гради низ годините напорна работа, голема посветеност и чесен пристап не само на луѓето кои работат во и за институцијата, туку и на корисниците на услугите на таа институција. Оваа година Комората прославува 15 години од своето постоење, период што од една страна не е краток за етаблирање на една институција, но од друга страна, имајќи ги во предвид приликите на нашето општествено опкружување – сепак е прилично млада за осуда. Без никакви дилеми, Комората постои за нејзините членови, а не обратно и тоа е што секогаш треба да биде јасно.

Фактот што во нашата Комора, правото за стекнување со јавно овластување за работа во струката го имаат архитектите и инженерите од 12 професионални одделенија, веднаш укажува на еден сложен систем на функционирање. Од тука и произлегува состојбата во која секојдневно треба да се излезе во пресрет на потребите, барањата и очекувањата на сите професии вклучени во градбата, кои по природата на својата струка се слични, но сепак толку многу различни, а тоа воопшто не е едноставно. Моето вклучување во работата на Комората во 2012 година беше поттикнато токму од желбата да се придонесе во напорите на сите нас за подобрување на условите за работа во струката. Сѐ додека човек не се доближи до Комората, уште подобро и да се вклучи во нејзиното работење, може да се стекне со погрешна слика за нејзиното постоење и улога. Грижата на институцијата и членството е двонасочна релација, во која секој треба да е свесен за сопствената позиција и можностите за унапредување на струката. Од друга страна, видливоста на активностите на Комората е многу важна во насока на информирање на стручната јавност за сѐ што се работи во Комората. Во периодот на назад не било посветувано поголемо значење на тоа, но праксата покажува дека треба многу да се работи на ова поле. Моја лична перцепција за моменталната репутација се темели на повеќе состојби на кои веќе интензивно се работи токму со цел враќање на довербата во инстиуцијата. Би наброила неколку од нив: ценовникот за инженерски услуги, борбата за утврдување на минимална инженерска плата, подобрување на законската регулатива, зајакнување на борбата против нелојалната конкуренција, дисперзија и децентрализација на активностите во насока на анимирање на целокупното членство и што поголема видливост на сите активности на Комората со цел информирање на членството и целокупната стручна јавност за сите активности на Комората на сите полиња.

 

Конференција GREDIT2022 Green development

 

Марх :

Комората е едно сложено тело од повеќе одделенија. Како функционира внатрешно и која е нејзината структура?

Кристинка:

Сложената функционална структура на комората произлегува од нејзината унитарна улога да ги обедини сите професии кои се вклучени во процесот на градба. Највисокиот орган на Комората е Собранието предводено од Претседавач и брои 75 членови, претставници на 12те професионални одделенија застапени не само по пропорционалност на вкупниот број на активни членови од соодветното одделение туку и по принципот на регионална, родова и национална застапеност. Секое професионални одделенија има свој раководител, кој воедно е и член на Управниот Одбор. Со Комората управува Управниот Одбор кој брои осум членови, од кои пет се постојани членови, еден ротационен, Претседател и Потпретседател. Собранието го избира Претседателот на Комората кој воедно е и Претседател на Управниот Одбор. Од сите членови на управувачките органи во Комората платена функција е само позицијата Претседател на Комората за избраниот мандатен период од четири години, а сите останатите членови работат како надворешни соработници. Стручната служба на Комората брои 7 вработени и е предводена од Генералниот Секретар.

 

Марх:

Кои се најголемите предизвици со кои посакувате да се справите во вашиот мандат?

Кристинка:

Подобрување на условите за работа во струката во државата, подигнување на дигнитетот на архитектите и инженерите, спречување на исселувањето на нашиот инженерски кадар особено на младите, подигнување на бројот на активни членови и враќање на довербата на нашите членови во Комората. А како?!

Ценовникот за инженерски услуги е од највисок приоритет. Потоа, дигиталните трансформации во градежниот сектор се процес кој е одамна започнат, но кај нас не прогресираат со исто темпо како што тоа се случува во светот и тука мора да се превземат сериозни чекори во насока на што побрзо воведување на БИМ мандат. Подобрување и усогласување на легислативата која ја регулира градбата, е активност во која Комората, како центар на инженерскиот потенцијал мора да биде клучниот партнер на законодавецот. Воведување на Комората на европската проектна сцена и искористување на финансиските фондови за подршка за развој на инженерските капацитети, вештини и компетенции, е одлична можност и за истовремено промовирање на нашите инженери. Иако Македонија е мала земја, сепак централизацијата во работењето на сите институции па и на нашата, има негативен ефект врз рамномерниот локален развој. Токму затоа дисперзијата и децентрализацијата според мене е вистинската насока во која треба да се движат процесите во Комората, а не во насока на концентрација на сите активности на институцијата на едно место.

 

Претставниците на КОАИ и Министерството за Транспорт и врски, пред годишното собрание на КОАИ 

 

Марх:

Пред само неколку недели се случи изгласувањето на долго очекуваниот ценовник за инженерските услуги во високоградбата. Колку долго траеше внатрешниот процес во комората?

Кристинка

Обидите за подготовка на еден таков документ датираат пред да биде конституирана Комората, уште во рамки на работење на ААМ. Но поинтензивна работа на таа тема Комората отпочнува во периодот од 2010 година. Во мандатниот период на претходното раководство што траеше од 2016 до 2021 година, работната група која напорно работеше на овој сложен документ конечно успеа да ги усогласи ставовите на сите одделенија и во ноември 2018 година Собранието на Комората го изгласа Тарифникот. Следниот чекор беше добивање согласност или коментари од ресорното министерство, но тоа не се случи сѐ до почетокот на јуни 2021 година. Неколку дена после изборите за претседател на Комората, Министерството за транспорт и врски достави допис со кој даде насоки како усвоениот документ во 2018 година да се усогласи со Законот за урабанистичко планирање и да се доработи делот од ценовникот што ќе ги третира објектите од  нискоградба и линиските инфраструктурни објекти. Во Комората беше оформена централна комисија за доработка на ценовникот која што имаше за задача да го координира работењето на вкупно 11 работни групи, по динамика усвоена од сите и со рок за завршување на работата до крај на ноември истата 2021 година. Делот за високоградба беше усогласен во септември 2021 година и се чекаше изработка на ценовник за нискоградба за овој документ комплетно се достави до министерството за повторно разгледување. После неколку ургенции од страна на надлежниот орган за недоставување на ценовникот, поради различните специфики на градбите од високоградба и нискоградба, Министерството во април 2021 година дава можност овој документ да се раздвои на два Ценовници. Ценовникот за високоградба, усогласен по насоки на Министерството беше предмет на јавна и стручна расправа, на која претставници на сите релевантни субјекти, стопанските комори, компании од градежниот сектор и локалната самоуправа ги дадоа своите коментари. Конечната согласност од надлежното министерство беше основа за финална верификација на Ценовникот, свечен чин со кој на 19 ноември оваа година делегатите на Собранието на Комората го легитимираа овој историски документ.

 

 

Марх:

Како ќе успееме да го контролираме пазарот од измами и непочитување на ценовникот? Многумина се скептични околу неговото имплементирање.

Кристинка

Механизмот за контрола и санкција е неизоставен и нужно неопходен за да секоја регулатива биде комплетна и одржлива. Во Комората се оформува комисија која ќе ја има задачата за следење на доследна примена, контрола и санкција на Ценовникот. Во тимот ќе се вклучат лица кои имаат сериозни познавања од струката, од нашето законодавство и секако економските аспекти. Тука неминовно е присуството на ИТ секторот од каде и ги очекуваме услугите за надградба на софтверските алатки што веќе се во употреба на системите на е-одобрение и е-урбанизам. Во Европа во оваа насока веќе постојат практики кои веќеа се анализираат и ќе бидат превземени сите апликативни и позитивни искуства.

 

Марх:

Во комората постојат многу одделенија, со што често се случуваат несогласувања помеѓу сродните струки. Дали е тоа неминовна ситуација или нешто пропуштаме уште во процесот на образованието. Често се добива впечаток дека не си ја познаваме позицијата во процесите, а од тука и ги предизвикуваме сопствените суети наместо да се обидинеме преку меѓусебна почит. Стереотипите постојат и се повеќе се развиваат наместо да се рушат. Какво е вашето размислување на оваа тема?

Кристинка: 

Унитарната улога на Комората во обединување на сите 12 професионални одделенија, од една страна претставува огроман товар и создава потешкотии во процесот на работење и раководење. Но од друга страна пак, токму тоа ја потенцира позицијата на Комората и моќта на единството, особено кога е неопходна критична маса за воспоставување на релации со законодавецот. Праксите во регионот се различни, но веројатно нашата Комора е ретка, можеби и единствена со ваква организациска поставеност. Несогласувањата меѓу струките се разбирливи, но клучно е прашањето: што е целта на спротивставеност!? Прогресија на цела струка или само интереси на мала група на луѓе!? Имајќи ја во предвид целокупната општествена клима во нашето опкружување, која за жал предолго трае, со тотално нарушен систем на вредности, отсуство на професиоанлизам и соодветни компетенции на лицата поставени на клучните позиции, а наспроти страшно високо присуство на лични и партиски интереси, точно таков е резултатот – прикривање на сопствената неспособност преку настап од позиција на сила, суета и надменост. Човек што нема почит за другите, во суштина страда од себеНЕпочит. И да – образовните институции се местото каде што покрај домот и семејното воспитување, идните генерации треба да ја градат својата личност со цврсти принципи на интегритет, морал, чесност, несебичност, доблесност и хуманост.

 

Од доделувањето на Инженерскиот прстен за 2022 година, во претседателската вила на Водно

 

 

Марх:

Во последните 3 децении, пред очи ни се случи распаѓање на урбанистичките вредности кои ги формиравме во втората половина од XX век. Дали комората од нејзиното формирање правеше доволно во борбата за јавното добро?

Кристинка: 

Урбанистичките вредности се сликата на една една нација. Историјата покажала дека промените на општествените вредности во чекор ги следат промените на општествениот поредок, што како процеси се неминовни особено за мала и не многу богата земја како нашата. На тој начин се поврзани и распаѓањето на урбанистичките вредности кои ги формиравме во втората половина од XX век. Не мислам дека во периодот на своето 15 годишно постоење Комората имала некакво големо и значително влијание во борбата за јавното добро директно во таа насока, освен можеби индиректно. Но можам да посведочам за последните наши реакции кои беа доставени до законодавецот во неколку наврати во периодов од година и пол на назад, кога на маса беше Законот за легализација на бесправно изградени објекти, како и предлог измените во регулативата за олеснување на постапката за изведба на градби за производство на електрична енергија од сончева енергија. Нашите реакции беа дадени во форма на стручни коментари, по претходно прибирани на мислења од широката стручна јаност преку опсежни анкети, анализи и најважно од сѐ со конкретни предлози за квалитативно подобрување на регулативата.

 

Работен состанок со градоначалникот на Општина Битола на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“

 

Марх:

Како архитект, дали сметате дека струката ја добива заслужената позиција во општеството? Влијаееме ли доволно во создавањето на градот и уредувањето на просторот или сме само извршители на инвеститорите?

Кристинка: 

Во една прилика, на отварањето на еден од прочуените Dani ORIS’a – денови на архитектура во Загреб, еден постар колега, најавувајќи го Претседателот на државата како покровител на настанот, даде една многу точна, но за жал поразителна констатација: „Не постои архитектура без политика, но за жал има многу политика без архитектура!“ Затоа јас велам: да си помогнеме себе помогајќи им на политичарите да ја градат архитектурата на системот од темели кон кров. Тоа значи – нашите позиции во општеството зависат од нас, само од нас и од никој друг. Колку повеќе сите ние заеднички ќе се вложиме во оваа насока, толку поголеми ќе бидат резултатите. Во процесот на создавање и уредување на градот сите сме инвеститори, извршители и корисници во исто време. За да тоа функционира во синхроницитет, пак се враќаме на неопходноста од сериозна усогласена легислатива во која мора безмилосно да владее принципот на светото тројство: регулатива – контрола – санкција! А ние како Комора мора постојано да сме присутни и вклучени во процесот на креирање на тие политики.

 

Марх:

Градовите во Македонија, секојдневно го губат сопственото градителско наследство. Во Скопје исчезнуваат историските визури на градот, се рушат последните еклектични куќи а со тоа исчезнуваат спомените од предземјотресниот град. Можеме ли во сферата на заштитата на градителското наследство да поттикнеме промени?

Кристинка: 

Градителското наследство е нашиот идентитет, исто како нашиот јазик, храна, обичаи и сл. Но ние – градителите на архитектурата што треба да сведочи за нашето време, должни сме да го заштитиме наследството што ни го оставиле нашите претходници, а притоа водејќи сметка тоа да не биде во конфликт со напредните цивилизациски текови. Политиките на заштита се креираат почнувајќи од темелна валоризација на градителскиот фонд, а потоа преку воспоставување на системска законска регулатива. Праксата покажува многу неусогласености на законската регулатива што го третира културното наследство и Законот за градење. Токму затоа по иницијатива на одделенијата на архитекти и на урбанисти во Комората отпочнаваме процес на усогласување на таа законската регулатива, процес во кој што на иста маса седнаа да разговараат претставници од Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство, Министерството за транспорт и врски и локалната самоуправа. Дебата почна со дискусија на општи и конкретни состојби во Битола, по основ на Законот за заштита на старото градско јадро, со план – истото да се продолжи и во сите градови во Македонија кои имаат посебни закони за заштита културното наследство. Но ништо од ова нема да вреди ако колективната и индивидиуалната свест продолжи ретроградно да се однесува кон она што сме го добиле во наследство. Должни сме не само да го зачуваме туку и да го спречиме неговото секојдневно уништување. И ДА – можеме во сферата на заштитата на градителското наследство да поттикнеме промени ако останеме доследни на започнатото и безмилосно упорни сѐ додека не ги видиме првите резултати од нашите напори.

 

 

Годишно Собрание на АСЕ (Architects’ Council of Europe) за 2022 година

 

Марх:

Се соочуваме со постоење на огромен број на факултети за архитектура, додека повеќето од димпломираните ја напуштаат земјата или ја менуваат професијата. Дали треба да се ограничи оваа масовна продукција и како да се влијае во процесите на стручното образование?

Кристинка: 

Од своја позиција Комората слабо влијаела во насока на ограничувања во оваа појава на постоење на огромен број факултети за архитектура и секојдневно отварање на нови, па со тоа и масовна продукција на архитекти. Ама затоа пак Комората е таа што мора да влијае во насока на подобрување на условите за работа на сите архитекти за да не ја напуштаат својата земја. Тоа е нашата мисија. Но не само тоа, туку мора да отвори процес на анализа на состојбите во струката и со колкав реален квантум на знаење доаѓаат младите архитекти од факултетските клупи. Високото образование треба да ги добие повратно информациите што се случува на терен откако младите архитекти влегуваат на реалниот свет, какви кадри регрутирал, колкав е нивниот степен на знаење, колку е потребно да се воведе праксата уште во текот на студиите и сл. Во професионалните одделенија на Комората членуваат прилично голем број на професори, колеги кои се директно вклучени во академскиот дел на струката. Неопходно е сите тие да се зафатат со овој аспект што е од исклучително значење за конструктивно креирање и водење на високобразовните политики. На тој начин ќе се прекине процесот на маргинализирање на младите таленти, нама да дозволиме да си одат и надвор да ја бараат својата егзистенција или да ја менуваат професијата, нешто за што сите ние сме вложиле време и средства.

 

Марх:

Македонија е општество со сериозни контрасти, со многу силни духовни и културни големини од минатото и истовремено општество со силен негативен набој на спротиставености. Ни недостасува ли самокритика во делувањето во било која сфера од прфесионалното делување, разговор меѓу себе а со тоа и љубов за нашата земја?

Кристинка: 

Се согласувам, навистина Македонија е општество со сериозни контрасти, со многу силни духовни и културни големини од минатото. Сметам дека токму отсуството на самокритика е една од причините за тој силен негативен набој на спротиставености што се чувствува во секоја сфера на нашето живеење. Способноста за самокритика е состојба на високо ниво на свест, претставува доблест. Таа произлегува од многу, многу работа врз себе. Така се стекнува свесноста за сопствените квалитети, маани, недостатоци, но и спремноста да се прифати квалитетот на другиот. За жал, на многумина им е полесно да полемизираат, филозофираат, критикуваат, со леснотија да плукаат по туѓиот труд, отколку да седнат и да си го видат сопствениот образ во огледало. Да разговараме, но со љубов! А не како до сега, долго време наназад разговорите или третираат политика, или се сведуваат на лични квалификации и дисквалификации, од дрвата не можеме да ја видиме шумата, промашени суштини, потрошени саати и саати на непродуктивни, па дури и деструктивни состаноци. Со сѐ се занимаваме, само не со самите себе. Секој треба да си ја работи работата за што е платен, вредно и посветено. Да не дозволиме заслепеноста од личните интереси да ја уништи љубовта во нас и за нас.  Ако човек нема љубов за самиот себе, никогаш нема да има ни за другиот, ни за татковината.

Конференција Autodesk Digital Transformation Day-  Скопје 2022

 

Марх:

Која е пораката која би ја упатиле кон архитектите и останатите инженери, особено кон новите генерации?

Кристинка: 

Сите ние имам интелектуален долг кон татковината која не школувала, вредно и чесно да го одработиме своето. Велат богатите земји се богати не заради тоа што се големи, (таква е на пример Швајцарија), туку затоа што нивното богатството пред сѐ е во духот и умот, на начин што безрезервно ја почитуваат својата нација, себично ги чуваат своите културни вредности и природни богатства, доследно го применуваат своето законодавство, се владеат според високи морални и етички принципи, со бескромисен интегритет. Да учиме од подобрите за да одиме напред, а да им помагаме на полошите за да и тие станат подобри. Само тоа е спасот за излез од нашата долгогодишна самоуништувачка психолошка матрица.

 

Марх:

Во име на Марх Македонска архитектура Ви се заблагодарувам за одвоеното време и Ви посакувам успех во борбата за достоинство на професијата.

Кристинка: 

Пред сѐ Ви благодарам за тоа што постоите како медиум како и за можноста тука да ги искажам своите ставови и заложби. Борбата за достоинство на професијата ќе има успех само ако сите ние се вклучиме несебично и безрезервно, на свој начин, секој од својата позиција.

 

Разговорот го водеше Филип Конески, во име на МАРХ Македонска архитектура