Разговор со Сања Лилиткин – проект менаџер на СУПЕР БЛОК

Студиото СУПЕР БЛОК произлезе од она што долги години го препознававме како SMART LIVING. Проектирањето се случуваше во рамките на компанијата се додека во развојните идеи не се одлучи проектантскиот дел да се оддели од она што значи продажба на мебел и додатоци за домот и внатрешното уредување.

Со формирањето на СУПЕР БЛОК, дојде и поинаква поделба на одговорности и организација на студиото. Со цел да ја запознаеме јавноста со концептот на оваа успешна приказна денес разговараме со Сања Лилиткин која има улога на проект менаџер во СУПЕР БЛОК.

 

 

Сања здраво. Најпрво претстави ни се накратко и твојот пат со SMART LIVING и СУПЕР БЛОК.

САЊА: Здраво, за почеток да Ви се заблагодарам на поканата за овој разговор, се надевам дека ќе биде убаво взаемно искуство. По дипломирањето на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, активно работам во оваа професија околу 12 години, од кои осум се поминати во Смарт Ливинг и Суперблок. Патот во Смарт Ливинг започна со еден комбиниран ангажман во концепт студиото, каде проектите за архитектурата и дизајн директно беа надополнети со опремување на просторот со мебел и светло. Тоа беше еден мошне динамичен и интересен период, полн со многу различни обврски во текот на денот, а често пресудно за да се реализираат беше “мултитаскинг” работењето. Кога ќе направам ретроспектива на изминативе години, можам да кажам дека тоа искуство ми помогна многу во оформување на позицијата проект менаџер. Во Смарт Ливинг дојдов со веќе неколкугодишно искуство, што придонесе за целосна доверба од страна на сопствениците Иван и Бојана Мирковски, да бидам вклучена и во интерните аспекти на работењето (од финансии до комуникација со добавувачи и клиенти). Како резултат на тоа, имав можност уште од самиот почеток самостојно да водам проекти. Секојдневната комуникација со различен профил на луѓе, консултација при нивниот избор во дооформувањето на нивниот дом или работен простор, само го зголемува искуството на еден архитект при анализирање на барањата на клиентите, нивниот вкус, потреби и желби. Тоа искуство ни помогна во тоа да уште на првиот состанок кога започнуваме со нов проект, можеме лесно да процениме што точно сака клинетот, што е многу важно за ефикасно работење и исполнување на рокови. Она што посебно ме радува, а е последица на комбинираното работење во концепт студиото, е создавањето на многу контакти, па така голем дел од клиентите кои доаѓаа да купат парче мебел или светло, сега се враќаат токму кај нас за понатамошни поголеми проекти. Така после неколку годишно директно влијание на архитектите во концепт студиото, се оформи самостојното архитектонско студио Суперблок. Секако Смарт Ливинг и Каре се неизбежна врска со нас, со нив можеме да понудиме комплетен продукт од проект до изведба со опремување, што е најчесто барање на клиентите во денешно време.

 

 

Што значи улогата да се биде проект менаџер и дали оваа функција е задолжителна во сите проектантски студија?

САЊА: Не е задолжителна, но е потребна кога тимот расте и работи на повеќе проекти во исто време. Во нашето студио, речиси секогаш тековно се работат од 15-20 проекти, со различен обем на работа. Во ваквите ситуации секогаш треба да има некој кој ја има целосната слика на ангажманите во студиото, кој донесува одлуки, го води и одржува тимот. Од друга страна, прогресот на архитект во проект менаџер е начин да им дадете шанса на архитектите да напредуваат во повисок степен на функција и одговорност, како и мотивација да стекнуваат што поголемо искуство. Функцијата проект менаџер во архитектонско студио освен што бара следење на процесот на проектирање (изведба) од почеток до крај, според зададени барања, рокови, регулатива и буџет, бара и добри комуникациски способности со луѓето засегнати во целиот процес.

 

Колку е значајна оваа релација архитектура – менаџмент? Што архитектот придонесува за проект менаџирањето и обратно? 

САЊА: Кога проект менаџерот е воедно и архитект, тој може да се потпре врз искуството кое го има и познавајќи го целиот процес да успее да направи баланс меѓу процесот на проектирање / изведба, роковите и најважно во архитектурата –  да остане доследен на идејата и дизајнот, што не мислам дека е можно во позиција кога проект менаџерот не е архитект. А пак на страна од дизајнот, истиот треба да ги изменаџира сите засегнати во процесот клиент/архитект/изведувач. Оваа врска кај нас е важна и ја нагласувам бидејќи нашето студио се стреми кон финален продукт, што значи дека од процесот на проектирање до целосна изведба клиентите можат да се потпрат на нас.

 

 

Дали оваа функција може да ја понесе колега од другите фази или е клучно да се биде архитект како водечка фаза во високоградбата?

САЊА: Носител на секој проект е архитектот, така што би рекла дека архитектурата не е фаза, туку е сублимат на повеќе фази. Секојдневно работиме со фазисти, тие се неизбежни во целиот процес на еден објект, но главната функција и естетика на објектот ја дефинираме ние архитектите. Самото тоа кажува дека архитектите се тие кои треба да го водат процесот, но во истиот да ги почитуваат мислењата и барањата на фазите, така единствено би била комплетна и остварена секоја архитектонска замисла.

 

Дали оваа позиција ги поставува стандардите во едно студио?

САЊА: Секако, реализирањето на проекти и одлуките што се носат во однос на проектирање, дизајн и начин на работа ги поставуваат стандардите препознатливи за едно студио. Кога ќе ги поставите, успехот се гледа во тоа да се остане доследен на нив, со стремеж во секој нареден проект да се поставуваат нови и повисоки.

 

Како проект менаџер на СУПЕР БЛОК, дали вашата индивидуалност се наметнува над тимот, или концептот на делување е поинаков? Дали оваа позиција ве отргнува од проектирањето или пак го менува начинот на креација?

САЊА: Нашата работа е обемна, а тоа повлекува да е тимска, отсекогаш била, можеби технологијата ќе го промени тоа да еден човек  успее сам да работи целосно, но тоа само ќе го комплетира процесот во финален продукт, она што ќе недостасува е размената на меѓусебните идеи, што е многу важно. Со ова сакам да кажам дека добар проект менаџер е оној кој му верува на тимот и кој му дозволува на секој проектант да се изрази на проектот во кој е вклучен. Улогата на проект менаџерот е паметно да ги распредели обврските во тимот и да ги процени нивните квалитети поединечно. Архитектот, чија позиција вклучува и проект-менаџирање, значи дека е вклучен во целосниот процес на секој проект на студиото. Од моментот кога треба да пренесе во кој правецот на проектирање треба да се насочи тимот, да го постави дизајнот согласно барањата на клиентите, до тоа да провери истиот дали е согласно буџетот со кој располага, да одлучи  дали  и на кој начин замисленото може да се реализира, како и да даде одобрување на сработеното или да побара соодветна корекција – сето ова дава можност за индивидуален импакт при проектирањето.

 

 

Дали можеме да поставиме некоја рамка за развојот на позицијата – од архитект до проект менаџер? Колку години би биле потребни и колкаво искуство за да се биде успешен на оваа позиција?

САЊА: Несомнено е дека во архитектурата е важно искуството, што повеќе искуство имате, толку само подобар  може да бидете на оваа позиција. Под искуство не мислам на години туку на квалитет, квантитет и интензитет на проектите на кои сте работеле/работите. На страна од тоа, секој архитект и проект менаџер треба да се стреми кон тоа дополнително да се информира, да ги прати трендовите и новитетите во својата професија, да се дообразува и да напредува. Она што би им го порачала на младите архитекти е да се трпеливи и да се трудат да стекнуваат што поголемо искуство, нека не скокаат чекори за побрзо да стигнат до ниво на кое не можат соодветно да одговорат.

 

Кој го сочинува тимот на Супер Блок?

САЊА: Моментално тимот на Суперблок го сочинуваат 10 одлични архитекти, вклучувајќи ги и сопствениците Иван и Бојана Мирковски. Повеќето се млади луѓе, полни со енергија, идеи, во чекор со своето време, секој од нив има свои квалитети и ставови и пред се сите се одлични колеги и личности со кои е задоволство да се поминат 8 часа во текот на еден работен ден. Некои од нив се приклучија во тимот со веќе стекнато искуство, а некои започнаа како практиканти и продолжија успешно да го градат својот архитектонски јазик во нашето студио. Студиото постојано се труди да дава шанса на нови и млади архитекти.

 

 

Како функционираат архитектите во Супер Блок? Дали работат на одреден дел од процесот или се оди во правец на еден проект – еден проектант кој го следи развојот од идеја до реализација?

САЊА: На почетокот, во Смарт Ливинг политиката на студиото беше дека секој сам води проект од почеток до крај, што беше одлична можност за да се спознае целиот процес на работа. Сега, со зголемувањето на тековните проекти, се постави хиерархија, која придонесува за подобра организација и систематизација. Во Суперблок денес имаме проект менаџери, сениор и јуниор архитекти и практиканти. Како што напоменав погоре, архитектурата е тимска работа, така што во студиото иако секој има шанса да работи на различни проекти согласно неговата позиција, сепак се стремиме секој да го работи она во што е најдобар и да се надградува во истото. Така е во секој поголем тим во светски рамки.

 

На какви проекти најчесто работите и дали сте конкретно врзани со домашниот пазар?

САЊА: Иако уште од Смарт Ливинг сме познати по ентериерно уредување, сега работата на Суперблок вклучува се’ поголем број разновидни проекти. Посебен предизвик ни се реконструкциите и пренамените кои значително се зголемија со почетокот на пандемијата и продолжија со голем интензитет до денес, а кои настанаа како резултат на промените во дејноста на индустриите.  Што се однесува до пазарот, најчесто сме ориентирани во нашата земја, особено во останатите градови низ државата, бидејќи се почесто наидуваме на клиенти кои сакаат да инвестираат и да ја вратат живоста на истите.  Сепак, ме радува фактот што годишно реализираме и по неколку успешни проекти и надвор од државата.

 

Какво е вашето искуство со работата во Македонија, дали можеме да ги следиме стандардите на професијата од морален и етички аспект?

САЊА: Архитектурата е одраз на времето и општеството во кое живееме, затоа тешко можеме да зборуваме за морал и етика. Во реалноста се соочуваме со многу предизвици, често се соочуваме и со апсурдни ситуации во кои сме ограничени со законската регулатива и мора да се водиме по неа, иако не секогаш е смисловно оправдана. Не велам дека истата не треба да ја има, но треба да се има простор за дискусија, можни исклучоци. Сепак архитектурата e уметност и му служи на човекот и неговите потреби, не треба да се темели на закони и регулативи.

 

 

Како би ја оцениле архитектурата во Македонија, во последната декада? Одиме ли кон подобро, го следиме ли чекорот со светот?

САЊА: По прашање архитектура, ние одамна се разминавме со светот, тоа е периодот кога престанавме да ја следиме архитектурата од модерната и да се надоградуваме на неа, да стануваме се подобри. Напротив, ние тргнавме во надолна линија. Во последните години има многу архитектонски студија кои навистина имаат одлични објекти (и ме радува фактот што повеќето од нив се изведуваат), но се движат во рамките на објекти на приватни инвеститори и најчесто се објекти од станбено домување, деловни објекти и ентериери. Архитектурата на еден град/држава ја дефинираат објектите од јавен и општествен карактер, а такви се помалку ги проектираме и изведуваме. За жал, нашата држава нема доволна архитектонска продукција за да можеме да одговориме на светските критериуми.

 

Колку се достижни светските искуства во Македонија? Може ли архитектот да го исполни својот проектантски порив дома?

САЊА: Со оглед на тоа дека дел од македонските архитекти студираат или работат на проекти во странство, сметам дека тие светски искуства се трудат да ги пренесат и дома, повеќе или помалку успешно. Генерално, архитектите кај нас својот проектанстки порив го исполнуваат преку конкурсите, а тоа е исклучително важно бидејќи архитектонското дело се раѓа со неговата мисла и идеја, а не со неговата реализација. Проблемот настанува во пракса, кога започнуваат ограничувањата со кои се соочуваме – желбите на клиентот во судир со реалноста, законите со институциите и буџетската рамка. Со сите овие ограничувања/предизвици, ние се соочуваме секојдневно и се трудиме кон создавање архитектонско дело кое наспроти горенабројаното, ќе ги задоволи нашите професионални критериуми и со кој ќе оставиме придонес во нашето творештво.

 

За да го погледнете краткото видео, кликнете на фотографијата

 

Сања ти благодариме на одвоеното време! Ти посакуваме и понатаму успешно менаџирање на СУПЕР БЛОК и одлични архитектонски реализации!

 

Во име на МАРХ, разговараше Филип Конески