МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Никола Узуновски
17.01.2020 • Информации
Последниот гостин на МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот е македонскиот уметник, Никола Узуновски. Тој со години твори низ светот, изработувајќи дела кои се темелат на односот помеѓу индивидуалецот и општеството. Така почнува да го адресира и најважното глобално прашање денес – климатските промени. Неговите проекти ги спојуваат дизајнот и науката и креираат вистински достигнувања, како летечки балон кој имитира сонце или кујна која е целосно соларна.
Во ова интервју разговараме за како би можеле да се трансформираме во одржливо општество, но и за улогата на нас – архитектите, дизајнерите и уметниците во овој процес на транзиција.
- Многу од твоите проекти се занимаваат со изработување на комплексни физички модели, како летачки сонца и соларни кујни. Како реши да се занимаваш со волку напредни техники на изработка?
Во уметноста, најважна е пораката. Но јас да ја акцентирам таа порака, треба да најдам што подобра техника. Така што, треба да ги испробам сите методи и да го искористам оној кој ќе остави најголем впечаток.
- Која е главната порака која ја обработуваш преку твоето творештво?
Сите овие проекти зборуваат за една тема – сегашната еволуција и револуција во економијата. Поминување од економија базирана на карбонски горива во економија базирана на одржливи извори на енергија. Затоа јас пробувам да ги акцентирам тие проблематики кои се случуваат во другите гранки од општеството и да ги претворам во некој вид на бајка, која ќе нѐ натера да размислуваме за тие проблеми и да работиме на нивно решавање.
„My Sunshine“ (2009) е проект за вештачко сонце, оригинално наменето за пределот над Артичкиот круг каде сонцето во зима воопшто не изгрева. Бидејќи неговите зраци ги достигнуваат облаците, но не и земјината површина, Никола го дизајнира овој објект – проѕирен балон со огледало, кој го пушта високо во атмосферата да ги одбива светлосните зраци и да симулира вистинско сонце.
Проектот доживува интернационален успех и ја застапува нашата држава на Венециското Биенале во 2009. Oд овој проект се развиваат и неколку нови како „Solar Clouds” и „Thermal-Solar Aircrafts”.
- Дали темата варира зависно од твојата локација? Која е главната порака која ја адресираш кога работиш во Македонија?
Живеев во разни држави кои имаат разни култури. Во светот се соочуваме со глобални проблеми, како климатските промени, но и со локални проблеми, како тука корупција. Некаде пак го нема тоа, а има други локални проблеми.
Во македонија промовирам sustainability локално, по принципот на think global – act local. Но, исто така работам и како критика на најголемите моментални проблеми во Македонија. На пример, дури и моите уметнички проекти се истовремено образовни, кога јас ги фаќам луѓето за врат и се трудам да им објаснам нешто.
- Можна ли е трансформација на општеството без промени во архитектурата и дизајнот?
Сличен пример е ситуацијата од пред 200 години за време на индустриската револуција. До тогаш сите работи се изработувале рачно, скоро се што користевме целиот наш живот, беше рачно правено. Но, потоа се отвори можноста скоро сите тие работи да бидат направени машински. И тука требаше да се размислува на сите нивоа – од игла до локомотива. Така и сега, ако сакаме да направиме одржливо општество треба да се размислува на секое можно ниво, од политика и право до архитектура и уметност.
Уште пред 10 години во 2017, кога зборот sustainability беше најгугланиот збор, шведската влада имаше директива до сите универзитети дека треба да работат на таа тема. Ако си правник треба да пишуваш закони за sustainability, ако си архитект треба да го промениш начинот на проектирање и градење архитектура, а ако си уметник треба да правиш дела кои го промовираат тој начин на размислување.
„Соларна Кујна“ (2018, Битола) е структура од 150х60цм. која содржи конкавно огледало кое овозможува сончевата енергија да се концентрира во една точка и да достигне температура од 150 степени целзиусови. Дополнително преку сајла огледалото се криви со што може и да се подесува температурата на готвење.
„Соларна кујна“ (Капри, 2019)
- Која е улогата на уметноста во ваквите општествени танзиции?
Уметноста е секогаш еден вид на предгласник на иднината и секогаш служи токму за тоа. Да им ги прикаже проблемите метафорички и пренагласено на луѓето за сите да се вклучат во тој начин на размислување. Но, тоа не се кажува како буквално што треба да правиш, туку се отвара тема за ти сам да сфатиш што треба да правиш. Да не ти биде тоа наметнато.
- Дали истото важи и за естетиката на јавниот простор?
Урбаниот простор е наменет за комуникација помеѓу луѓето, или меѓу индивидуи или за некаков вид на пропаганда. Како на пример, кога ќе ставиме некој вид на споменик кој треба да зборува со секој поминувач. Порано кога се градела бруталистичката архитектура, таа била инспирирана од машините и функционирала како образование. Нашиот македонец, необразован селанин, да не живее веќе во истото тоа земјоделско-овчарско општество, туку да премине во индустриско општество каде сѐ ќе е правено од машините. И токму таа естетика на машините е преведена во бруталистичката архитектура. Сега ги бришеме тие симболи на прогрес и индустрија и ги заменуваме со симболи на традиција. Ова се има случувано и на територијата на цела Европа за време на постмодернизмот, но ние се враќаме многу повеќе во минатото, тотално заборавајќи ја иднината. Но, токму тоа недостасува кај нас, размислување на иднината и планирање 20 или 40 години однапред. Затоа треба да имаме такви некакви физички потсетувачи. На пример, ако наместо да правиме антички храмови правиме згради во стилот на Заха Хадид, кажуваме дека ја сакаме науката, дека таа не носи кон поквалитетен живот и дека ќе продолжиме да ја користиме во иднината.
- Кога зборуваме за вакви драстични промени во архитектурата, како сметаш дека треба да пристапиме кон истите?
Сепак е најважно да се смени начинот на размислување налуѓето. Точно е дека тоа може да дојде од горе како директива од државата, ама како што знаеме и гледаме кај нас тоа не функционира. Дури и да имаме закон против пушењето тој не се почитува. Но, тоа може да дојде и од bottom up. Ако направиме еден пример и покажеме едно семејство како одржливо живее без да плаќа за струја и греење, тогаш и другите ќе го земат тој пример. Обично се пристапува од двете страни.
- Дали овие промени треба да се крајно ригорозни? Дали нашите структури од иднината треба да се базираат на аскетизам и минимална потрошувачка на материјали и простор, како некои капсули за живеење?
Austerity или одземање на квалитетите не е решение. Точно е дека во периодот после Втората светска војна се правеле станови кои повеќе личат на кутии ама тоа е бидејќи скоро цела Европа била разрушена од бомбардирања и требало во многу краток период да се обезбедат основни услови за живеење. Е сега кога ги имаме тие основи услови за живеење тогаш луѓето бараат повеќе. Да бидат пооригинални и да не живеат сите во ист тип на куќи. Ваквиот пристап, кој сега Bjarke Ingels Group: BIG го прават и се вика hedonistic sustainability – да не биде sustainability одземање на квалитети туку додавање на квалитети.
Изложба „My Sunshine” – Милано, 2010
Изложба „Барајќи го невозможното” – Скопје, 2016
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Архитектура и уметност / МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот / Никола Узуновски / роденден марх