РАЗГОВОРИ ЗА КАСАРНА- АРХРИД

На 17.09.2022 во 18 часот беше одржан настанот под име ,,Разговори за Касарна’’ во просториите на Касарна Хаб во Охрид.

На почетокот на настанот беше претставен АРХРИД како стручен колектив преку краток осврт на главните цели и плановите за идно дејствување. Во продолжение следуваше презентација на академски истражувачки трудови и изложба на наодите, при што истите се однесуваат на вредностите и потенцијалите на локацијата на некогашната касарна ,,Михајло Апостолски’’ во Охрид.
Објектите и структурите како остатоци од минатото и прашањата за нивниот третман еволуираат заедно со општеството и денес се есенцијален дел од обврските на современиот архитект. Охридската касарна како значаен остаток на архитектонската продукција од 20 век, е простор за за чијшто развој во текот на годините постојат различни непродуктивни дискусии, пред се предводени од индивидуални профитабилни тенденции, наместо сеопфатно решение со јавниот интерес во преден план. Како една од најголемите зелени површини на градот, таа претставува актуелна и сензитивна тема која бара исцрпна архитектонска и урбанистичка анализа и ја поставува потребата од креирање на компаративни решенија за истата – организација на архитектонско-урбанистички конкурс.

 

 

Идејата на ,,Разговори за Касарна’’ беше да се поттикнат критички размислувања, дискусии и заклучоци помеѓу архитектонската сцена и заедницата, кои би резултирале со создавање на правци за нејзиниот иден развој. Преку анализата на архитектонските и урбанистичките вредности , но и можностите за адаптација на ваквиот навидум нефункционален опфат на градот, би се реализирало зараснување на урбаното ткаење. Клучните постулати кои произлегоа од ова истражување се: приоритет на РЕУПОТРЕБА, зачувување на ЗЕЛЕНИЛО, организација на КОНКУРС, како ставови врз кои би се темелел третманот на овој дел од градот, како негов стратешки значаен фрагмент. Со трансформацијата на површините на касарната треба да се стреми кон наоѓање компромис меѓу потребата за урбанизација, комерцијализација, заштита на наследството и јавниот интерес.

 

 

 

Начинот на кој живееме денес радикално се променил и се променува, па истовремено со него се менува и архитектурата и урбанизмот. Идентификацијата со одредено место и припадноста во одреден колектив се фундаментални прашања кои треба да ги решаваме во ваквиот свет на промени. Местата кои веќе постојат, веќе се изградени и се дел од колективната меморија се обединувачки елементи на сегашноста и минатото, а преку процесот на трансформација се докажува дека истите можат да се прилагодат на иднината.

За крај, свое обраќање имаше и претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија -проф. Д-р Мишко Ралев кој, освен што изрази поддршка за колективот во име на Асоцијацијата, даде и свој осврт за важноста од организација на квалитетни архитектонски и урбанистички конкурси преку споредба на досегашните практики во државава наспроти она што е веќе системски воспоставено и активно се применува во Европа, вклучувајќи ги и нашите соседни држави.

 

 

Во своето излагање тој најпрво го истакна значењето на архитектонската продукција создадена во социјалистичка Југославија како резултат на многубројни архитектонски конкурси. Потоа изрази сомнеж за моменталната состојба: „ Дали конкурсите се чудни експерименти за кои се нема ниту време, а ниту многу или ниту доволно пари. Со оглед на состојбите изгледа дека се е полесно без нив, а кога се организираат често пати немаат завршница, па така се чини дека повеќе се еден вид нужно зло, отколку демократска алатка за доаѓање до најдобрите решенија за напластените проблеми. Зашто често пати се тука само за да и се замачкаат очите на јавноста. Таквата немоќ на архитектонскиот конкурс придонесе тој да биде отфрлен од поголемиот дел на архитекти како непотребен и бескорисен, во услови на негова законска маргинализација“.

 

Според него, главниот проблем е лоциран во непостоењето на сериозна законска рамка во која ќе се поврзат архитектонскиот конкурс и процесот на јавна набавка за техничка документација. Токму за ова, повлекувајќи паралела со некои од соседните држави,  како чекор напред го посочи изготвениот предлог правилник за кој смета дека е сериозен документ кој што поскоро треба да биде донесен: „Ако во некои од соседните земји постојат правилници за конкурси и тие се почитуваат, кај нас ниту тоа го нема. Односно, составен е предлог „Правилник за начинот, содржината и спроведувањето на јавен конкурс за урбанистичко архитектонско решение“, но сепак се уште не е вграден во Законот за јавни набавки“.

 

 

 

 

Како заклучок на неговото излагање даде поттик да не се откажуваме од борбата за спроведување на архитектонски, урбанистички и други конкурси: „Преку нив ние се бориме за нашата професија, за нејзиниот квалитет кој директно влијае врз квалитетот на просторот“, додавајќи дека: „Институцијата Архитектонски и/или урбанистички конкурс е суштински вредна и неопходна за развој на архитектурата преку развој на самите творци – архитектите, а со тоа и за развој на урбаните средини и нивните жители“.

Собирањето, разработката и организацијата на истражувачкиот материјал ја изведе АРХРИД како стручен колектив на архитекти, а истите беа доведени до реализација под покровителство на Касарна Хаб. Автори и организатори на презентацијата и изложбата се: Стефан Жупан, Иво Лазароски, Стефан Назифовски, Димитар Поп-Стефанија, Филип Спасески, Емилија Стојаноска, Симона Чингоска.

 

 

АРХРИД изразува огромно задоволство и почит до сите кои го посетија настанот и ги ислушаа стручните ставови. Потсетување за оние кои не беа во можност да го сторат истото, изложбата ќе биде отворена за посета до 1.10.2022 во просториите на Касарна Хаб.

Поздрав и секое добро!