Надградувајќи го Разловци – Летна школа за архитектура / М. Петрова
22.06.2018 • Студентски проекти
Година: 2018
Семестар: VIII
Проектна задача: Истражувачка лабораторија за архитектура / Летна школа за архитектура
Предмет: Архитектонско студио 8.1
Автори: Марија Петрова
Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Саша Тасиќ, сор. Александар Петановски, сор. Гордан Петров и сор. Викторија Богданова
Локација: с. Разловци, општина Делчево
Задачата на Архитектонско студио 8.1 за оваа година претставуваше имплементација на летната школа за архитектура, како вид на истражувачка лабораторија, во рамки на селото Разловци, Делчевско. Воедно во ова село е сместен и Спомен домот на Разловечкото Востание од проф. Георги Константиновски, објект препознатлив по црвената боја на неговиот оклоп и дело од исклучителна вредност со афирмативен однос кон традиционалната градба на непосредната околина. Црвената боја симболично алудира на пролеанта крв на паднатите борци од Разловечкото Востание и истата ќе биде аплицирана на акцентирани елементи од овој проект како негова конотација со Спомен домот.
Програмата на школата е сместена дисперзно по една линиска конфигурација, кој во вид на неправилна оска продирира во сржта на селото низ густото ткиво од слободностоечки воедначени габарити со четориводни кровови. Оваа новоформирана оска ги поврзува двете целини од кои е сочинето селото – делото со куќите и помошните објекти (позитив) и делот со обработливото земјиште (негатив). Со ова поврзување му се овозможува на посетителот преку целата конфигурација целосно да го доживее амбиентот и атмосферата која владее во Разловци. На патеката попатно се издигнуваат три порозни вертикали кои со себе врзуваат дополнителни програми. Па така, во рамки на комплексот може да се каже дека постојат три типа на објекти во кои е лоцирана целата програма:
– ТИП 1 – Кули со станбена улога
– ТИП 2 – Платформи за работа
– ТИП 3 – Индивидуални кабини за престој и работа
Сл.2 – Ситуација на локација – Разловци, Делчевско
Сите три дела од проектот се разработени со користење на истите принципи на работа, поточно станува збор за објекти од времен карактер изработени од челична носива конструкција (цевчести профили кои се наддаваат со исти поврзни елементи) и обвивка од дрвена оплата во вид на даски која го преградува просторот од сите страни, соодветсвувајќи на летниот период на работа на школата.
Сл.3 – Конфигурација на ново решение
Сл.4 – Пресек низ целосна композиција
Со поставувањето на кулите на одредено меѓусебно растојание се отвора можноста за индивидуално активирање на поединечни делови од новопроектираната оска, поточно целата активност по потреба во одреден период би се локализирала во рамки на една одредена кула и нејзината врзна содржина. Кулите се организирани така што во секоја од нив на долните нивоа се сместени кујната и трпезарија од помал обем, а нагоре во двата правци се преплетуваат: отворени кровни тераси, кабини за спиење на две лица – од кои две заедно делат еден сервисен простор со бања и мала кујна и на крај се јавува заеднички простор во функција на видиковец. Во секоја кула е предвидена еднаква програма, но нивните висини варираат во однос на начинот на редењето и полнењето со елементите.
Сл.5 – Основи и пресек на објект тип 1 (кула)
Првата кула – сместена на највисока кота овозможува пристап со мост до планината од едната страна, а од другата страна со себе врзува платформи кои се предвидени за собир на сите учесници во школата.
Сл.6 – Аксонометрија на објект тип 1 (кула)
Втората кула со уште една мостовска врска ги врзува платформите за работа. Платформите се вкупно три на број и се прилагодени на постојните парцели, со што во суштина формираат вовиткување на континуирана лента преку обезбедување на простор за работа, амфитеатри, мостови и скали.
Сл. 7 – Основа на објект тип 2 (платформа)
Третата кула е сместена на работ на селото и е атрактор на мала заедница од воедначени индивидуални кабини за истражувачи на докотрски студии – за кои што во минимални просторни капацитети се сместени санитарии, простор за работа во вид на отворен чардак и дел за престој со спиење. Исто така оваа кула во долните нивоа овозможува транзиција на локалните жители преку пешачки мост до спротивниот брег со што оваа кула би била постојано активна низ текот на целата година.
Сл.8 – Основи на објект тип 3 (кабина)
Разновидната и расчленета содржина е вкрутена во траекторија од новоформираните платформи и постојната улична мрежа, за која се предвидува сезонско преобојување во црвена боја како чин на отпочнување на школата, но воедно сета композиција е врзана и со жичара која обезбедува брз транспорт и единствено доживување на Разловци.
Сл. 9 – Колаж
Идејата на овој начин на поставување на школата е воведувањето на активна жила во уличниот крвоток, по која барем за краток временски период од годината ќе струи живот низ селото Разловци.
Од студентот
Сл. 10 – Слика од макета и колаж
Автор на статија: Martina Shteriova
Архитектонско студио 8.1 / АФС / Летна школа за архитектура / Разловци / Студентски проект