Реакции за предлог планот за АЛУМИНА

Пред неколку дена, Општина Карпош го објави предлог Детален урбанистички план за АЛУМИНА,  паралелно со 3D визуелизација од проектот кој  се планира да се изведува на локацијата.

По истото имаше многу реакции од граѓанските здруженија, дел од професијата и секако од оние што се знаат по сите прашања на социјалните мрежи.

 

 

Најпрво за визуелизацијата – истата претставува еден современ градски простор во кој доминираат кули, меѓу кои и највисоката 35 катна деловна зграда. Останатите во просторот се со комбинирана намена, но доминантно домување. Партерот е целосно решен хортикултурно, со тревници, вертикално зеленило, слободен за пешаци, велосипедисти и рекреација. Целиот сообраќај е претставен подземно каде се организира паркирањето и комуникацијата меѓу објектите.  Архитектонски кулите се моделирани со каскадни поместувања на сегментите од 3,4 или повеќе катови, што претставува концепт кој изминативе децении е актуелен во светот.

 

 

Да бидеме реални Скопје не поседува високи деловни згради од ваков карактер, ниту станбен комплекс на кули кој излегува од рамките на тековниот блоковски концепт. Џевахир не можеме да го споредуваме со ова што го гледаме тука бидејќи, на таа парцела има буквално 0% зеленило. Очајно решение во партерот помеѓу кулите, без никакви јавни површини во делот на рекреацијата, спортот и пред се хоризонталното зеленило.

Визуелизацијата на Алумина сепак покажува еден поодмерен пристап, каде проветрувањето може да се случува помеѓу, целосно слободна површина со зеленило, кровно и зеленило на терасите. На прво око –  атрактивно за домашната архитектонска сцена но и понуда на пазарот.

 

Извор: Screenshot од извештајот објавен од Општина Карпош.

 

Но дали се знае во проектов и визуелизацијата, каде се останатите јавни дејности за новите граѓани – постои ли улилиште, градинка, здравствена установа предвидена или сето тоа е исто со знак прашалник? Колку жители ќе се вселат, дали сообраќајната мрежа без реализиран Јужен Булевар, без добар јавен превоз  ќе може  да го издржи овој товар?!

Сепак овој проект кој на повеќето им остави подобар впечаток , излезе дека е само една возможна варијанта, која може да е мамка за јавноста. Протекоа и други визуелизации и варијанти каде се истражуваат можностите кои ги дава предлог ДУП-от.

На страната на Infomax. mk се појави друга визуелизација, за која според прилогот на Телевизија 24 , како проектанти се појавуваат Rado Inzenering.

 

Извор:  Infomax. mk

 

Тука  делувањето е  во периметарот што до некаде претставува разбиено блоковско решение. Централно е предвидена концентрирана површина за парковско уредување, која опфаќа околу 50% од вкупната површина.  Концентрацијата на трите кули делува чудно композициски (поради урбанистичките налагања), додека другата самостојна кула на спротивниот агол остава подобар впечаток.  Станбената низа на северот од локацијата и нивната височина сериозно го загрозува дневното светло на индивидуалното домување одспротива.

 

Извор:  Infomax. mk

 

Според искажувањата на архитектот Пако Радовановиќ, инвеститорот предвидел и простор за градинка, пензионерски друштва и слични простори од корист на јавноста.

 

Предлог ДУП за Алумина

 

Сепак овие наши првични коментари се на основа на визуелизациите. Не ги знаеме деталите од проектот, ниту сме имале увид на истите во целост, па од тука не би се впуштиле во подетално коментирање на проектите.

Она кое нашите локални власти упорно не го разбираат,  е дека народот не им верува во поглед на ветувањата и урбанизмот.  Последната декада, после Скопје 2014та, дел од медиумите и еден добар дел од граѓаните се едуцираа и се повеќе ги следат тековите на планирањето и изградбата на градот. Од тука, многуте измами во минатото, како и тековниот начин на комуникација што се одвива со секоја општина ( со чест на ислучоците ) реакциите и стравовите се целосно легитимни.

 

Максималните габарити според „Борба за Влае“

 

Нешто слично се случи и со ДУП-от  за паркингот спроти Холидеј Ин, каде бевме нападнати за нашите истражувачки објави во поглед на максималните пропишани можности од планерите, од страна на авторите на проектот кој тековно се реализира, а во тој момент не беше сеуште познат за јавноста.  Никој не го коментираше проектот, бидејќи беше непознат во тој момент, додека се коментираше урбанизмот, како таа парцела беше укрупнета и зошто се игнорираше потребата од конкурс за таков простор. Требаше да се верува на ветувањата на инвеститорот, за што граѓаните сепак имаат основан сомнеж.

Сепак ова е малку поинаков пристап, бидејќи паралелно се презентира ДУП-от и предлог решенијата, што е до некаде позитивно како пристап, но тука не е завршена дебатата околу транспарентноста.

 

Максималните габарити според „Борба за Влае“

 

Повторно ја отвораме темата како се изработуваат урбанистичките планови во Македонија. За атрактивните парцели како оваа, Општината мора да бара од инвеститорот или организација на конкурс ( јавен или повикан) или разработка бар на неколку идејни решенија кои потоа ќе бидат транспаретно презентирани на граѓаните, што реално до некаде тоа и се случува во моментот.  За вакви локации во метрополите се организираат и референдуми за изјаснување. Па дури потоа откако ќе знаеме што сакаме како општина и граѓани,  идејниот проект го преточуваме во ДУП, каде нема да има простор за манипулации. Која од варијантите ќе се реализира, секој сака јасна слика а не одврзани раце на инвеститорот и се надеваме дека за тоа овој пат Општина Карпош ќе има слух.

Ваквите мега градежни површини за градба од една страна даваат проектантска слобода што не значи самото по себе ништо лошо, бидејќи остава простор за креативност, но истовремено е совршена манипулација преку бројки што е одлична можност за инвеститорите.

Во однос на бројките од ГУПот, кои апсолутно никоја општина не ги зема сериозно в предвид, мораме да знаеме дека она што на Скопје му се случува се линиските центри, каде и овој простор влегува. Таму можете слободно да делувате без усогласување со ГУПот на Град Скопје.

Многу работи треба да се менуваат, но со алатките со кои располагаме и видливоста на социјалните мрежи и медиуми, граѓаните сепак е тешко да бидат повеќе игнорирани како во минатото. Во борбата понекогаш недостасува реалност, се соочуваме со крајности, а трезвеноста треба да ја целиме.

Затоа да бидеме свесни дека просторот за манипулација и на нож дочекување секој предлог проект за изградба создава потенцијал за свет на фанатизам и утопија дека ќе живееме во зелен резерват… Живееме во градска урбана средина, не можеме да имаме став дека никогаш, ништо повеќе нема да се гради.  Развојот на овој простор треба сериозно да се набљудува, визуелизациите се добар почеток да се види идејата, но треба да се спремни и инвеститорот и проектантите дека можеби нешто треба да се редуцира од сето ова, како и тоа дека граѓаните не можат да очекуваат 100% зеленило.

Затоа одмерено и разумно во борбите!

Во продолжение доставуваме линкови од ставовите на „Борба за Влае“, каде граѓаните ги искажуваат своите ставови и легитимни стравови >>>

 

  1. Општ пост за планот – https://www.facebook.com/photo/?fbid=339882342126211&set=a.127501243364323
  2. ВИЗУЕЛИЗАЦИИ НЕ СЕ ДУП. ОПШТИНА КАРПОШ ЈА ЗАМАЈУВА ЈАВНОСТА СО НАЈМАЛКУ ЛОШИОТ ОД НАВОДНО 3 АРХИТЕКТОНСКИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ЛОКАЦИЈАТА, А СО ДУП-ОТ ДОЗВОЛУВА МНОГУ МНОГУ ПОВЕЌЕ. – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid0oqYUnkVDkCzpuKD59TH64cvwnXX6QnqrrZrgcZzzeUhN5M9nvsbsSp38gTyn2MYtl
  3. КАЈ АЛУМИНА СЕ ОДЗЕМА ОД ГРАДЕЖНИОТ ПРОСТОР НА ЖИТЕЛИТЕ ОД ТРОШНИТЕ БАРАКИ И СЕ ДОДАВА НА ПУЦКО ПЕТРОЛ. – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid0zTvbuNa7dKKAbWPLuf43eXiEeA7bfuPrxsYBgvNBdVgeBZUa9APKadNuavkHFZBdl
  4. ПРЕДЛОГ ДУП-ОТ ЗА АЛУМИНА ГИ НАДМИНУВА НУМЕРИЧКИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ГУП-ОТ ЗА СКОПЈЕ – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid0v6SxQyqCszwEBhSCC5zDwzadaSu3DQvKeHhpQmhYivzU57ZAanXW9vXmzFBDkNeCl
  5. ПРЕСЕЧЕН Е КОРИДОР СЕВЕР-ЈУГ ОД МЕГАБЛОКОТ КАЈ АЛУМИНА  – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid0Q47M9cnofy3mBW5T6vLrtKDymxRijf6ZnGsYvSKsQkpsisVfM5kwxiX5eANd4czLl
  6. ПОВТОРНО ОПШТИНА КАРПОШ ВО НОВ ПРЕДЛОГ ДУП ЈА ЗГОЛЕМУВА КАТНОСТА НА ОБЈЕКТ НА ПАЈТАШ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid0321pTQtfvm5FQyUNakuEYPvqRHxGZ31Xee7gJGLMBKYgznKwS6BqMg1MQe856shcl
  7. КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДААТ ЗГРАДИТЕ КАЈ АЛУМИНА СПОРЕДЕНО СО СОСЕДНИТЕ ЗГРАДИ ЏИНОВИ? – https://www.facebook.com/BorbaZaVlae/posts/pfbid035JGQ6Q5RKNxS9CfqjAdE6EHHr27bVpG1tbrwimR5JdS28fDHwzPGyoiv7kHC5XgZl

 

Доколку Општина Карпош и проектантите имаат дозвола за подетална презентација на проектите, нашата страна им стои на располагање истото да го објавиме низ текстуален и графички дел.