Ресторан Кермес / XIX век

Автор: Архитект Гаврило Томиќ

Автор на интервенции на архитектура: Михаил Дворников

Година на проектирање: 1919

Период на изградба:  70-ти години на XIX век

Намена: кафеана, природо-научен музеј, место за културни настани

Локација: Скопје, во Градскиот парк

Извори: kum.mk, novamakedonija.com.mk, parkovi.com.mk,

 

Денешната објава е посветена на легендарниот ресторан Кермес во градскиот парк во Скопје.

Дефиницијата на зборот Кермес според дигиталниот речник на македонски јазик е:
Забава што се приредува во природа, на отворено.
Англиски: kermis

Паркот Ислахане – денешен Градски Парк
Идадија – средно училиште

Кафеаната била изградена во 70-тите години од 19 век, кога скопската општина и скопскиот валија го формирале паркот „Ислахане“ (денешниот Градски парк). Во минатото пишувавме за Ислахана, објектот на Занаетчиското училиште, кое било изградено во 1869 година. Околу тој објект бил формиран парк, а подоцна до него, кон крајот на 19 век, била изградена и турската гимназија – Идадија, чии остатоци до денес се зачувани на просторот до бараките на Општина Центар.

Всушност, станува збор за кафеаната „Ислахана“ (подоцна „Кермес“), проектирана во 1919 година од архитектот Гаврило Томиќ, кој се вбројува меѓу првите градители по завршувањето на Првата светска војна. Во сутеренот на објектот бил сместен Музејот на препарирани животни. Интервенции на архитектурата по градењето на објектот вршел Михаил Дворников. Првобитните граници на Градскиот парк биле засадените пирамидални тополи, кои ја исцртувале границата на паркот околу ресторанот Кермес.

Објектот бил оштетен во земјотресот од 1963 година. На платото пред „Кермес“ биле приредувани и концерти од страна на Градскиот оркестар. Во 30-тите години од минатиот век, според Данило Коцевски, во кафеаната бил сместен дел од збирката на Природно-научниот музеј, кој бил основан од инвентивниот д-р Станко Караман. Во тоа време, тој претставувал еден вид музеј.

Приказните и сведоштвата за ресторанот ја опишуваат важноста на овој објект како пред се, една културна знаменитост која е нераздвојна од скопскиот живот. Освен како ресторан, тој се користел како место за културни настани. Данило Коцевски пишува за користењето на дворот на ресторанот за традиционалното празнување на Ѓурѓовден од страна на ромите, кои претходно го славеле овој празник на Калето кај Француските гробишта.

„Имено, тие (Ромите) масовно и со свој препознатлив и специфичен стил празнувале и се собирале во паркот „Идадија“, пред кафеаната „Кермес“. Тука, во таа прекрасна природа, жените во својата најубава носија, а мажите во елегантни костуми, бели кошули, вратоврски и фесови, ја искажувале својата голема дарба за музика, за песна и танц.“ – пишува Данило Коцевски.

Денес објектот не постои во својата изворна форма, иако во последните години во јавноста се проширија вести дека ресторанот ќе се обнови. Сепак градежни работи за неговото обновување не се отпочнати.

Реинтерпретацијата на локацијата на ресторанот Кермес беше тема на интегративното студио во IX семестар 2019/2020 на Архитектонскиот Факултет – Скопје при УКИМ. Ментори на студиото беа проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Саша Тасиќ, Александар Петановски, Гордан Петров, Марија Петрова. Неколку од студентските проекти ги објавивме и ви ги препорачуваме да ги погледнете во продолжение:
Кермес – автор: Никола Момироски
Кермес – автори: Никола Ѓоргоски, Дарко Христов
Кермес – автор: Александар Петровски

Извадок од документарниот филм „Досие Скопје“ каде се говори за Кермес: