Резбата во македонската куќа / каталог на изложбата во Музеј на Македонија

 

Наслов: Резбата во македонската куќа од XIX и почетокот на XX век

Главен и одговорен уредник: д-р. Елеонора Петрова

Автор на концепцијата, текстот за каталогот, изработка на цртежите и архитектонско – ликовно обликување на изложбата: Петар Намичев

Година на издавање : Скопје, 1998

Издавач: Музеј на Македонија

 

 

 

 

 

 

Книгата претставува каталог на истоимената изложба поставена во Музејот на Македонија во 1998г. На овој настан била изложена целата колекција на предмети од резба собрани од страна на Етнолошкиот оддел на музејот, кои се репродуцирани во оваа публикација преку низа прецизни цртежи на авторот Петар Намичев.

 

 

 

 

 

 

При обликувањето на традиционалните македонски куќи, финалната фаза на декорирање на нивниот ентериер претставувало еден посебен предизвик. Тука мајсторите имале простор за да ја изразат својата креативност и умешност, а сопствениците имале прилика да ја покажат својата економски моќ.

Впрочем, резбарството во профаната архитектура се развива паралелно со првата буржоазиска класа во Македонија, а го достигнува својот пик во втората половина на XIX век и почетокот на XX век.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Најпознатите резбари доаѓале од регионот на Река, или поточно селата Гари, Тресонче, Галичник, Лазарополе и др. Нивниот карактеристичен стил и високо мајсторство ја имаат создадено врвната Дебарска резбарска школа.

Но, мијачките резбарски тајфи работеле на целиот регион на Македонија, а и пошироко. Во каталог среќаваме предмети од Дебар, Кратово, Скопје, Охрид и Тетово. Тие се делови од ентериерното уредување на градските куќи кое се состоело од обработка на таванските површини, мусандрите, долапите и на низа други покуќнински предмети.

Публикацијата продолжува со концизен опис на карактеристиките на сите овие елементи и приложува низа детални репродукции.