Share SKOPJE 2023

На 10 Октомври 2023 се одржа форумот SHARE Скопје 2023 во малата сала на Филхармонијата на Република Северна Македонија. Комората како организација која целосно е посветена на континуиран професионален развој во инженерската сфера, го поддржа овој настан во форма на институционален партнер и овозможи повластена сума за своите членови архитекти и инженери. На тој начин директно се апострофираат заложбите на Управниот одбор на чело со Претседателката на Комората М-р Кристинка Чулак за фузирање на светските знаења и искуства заедно со посветено следење на современите тенденции во градежништвото.

На почетокот на настанот поздравна реч упатија: архитект Мартин Пановски, Претседател на SHARE Skopje Forum, основач на Радиус архитекти, архитект Масар Души – Претседател на Асоцијација на архитекти во Косово и архитект Мишко Ралев -Претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија. Публиката на форумот беше почестена со присуството на Неговата екселенција Хозе Луис Лозано Гарсија -Амбасадорот на Шпанија во Република Северна Македонија и Силвиу-Емануел Драгоицеа – Министер – советник во Амбасадата на Романија.

 

 

Првата сесија од форумот започна со архитект Методи Хаџи-Андов кој одржа предавање на тема „Адаптивна ре-употреба на напуштени згради“. Фокусот беше ставен на реставрацијата и подобрувањето на архитектонскиот интегритет на старите структури, како и на свеста на граѓанството да иницира промена во јавните простори. Понатаму, архитект Пако Радовановиќ зборуваше на темата „Лесно живеење“ преку примерите на проекти за станбени згради, како и примерот од портфолиото на компанијата „Радо инженеринг“, а тоа е луксузниот хотел со пет ѕвезди изграден на хрватското приморје.

Архитектката Маркела Меникоу – oсновач Markella Menikou Architects од Кипар одржа предавање под наслов „Инструменталноста на просторот: Тестирање на критериуми за изведба на типoлогија на приградска куќа“. За таа цел беа прикажани три објекти и тоа „Бетонска куќа“ во Ломасол, Кипар, „Атриумска куќа“ во Филотеа и „Доградба на куќа“ во Никозија, заедно со проектантскте методологии прилагодени на архетипот на приградска куќа произлезени од широката листа на стандарди за изведба.

Архитект Дејвид Гарсија, основач на DAWOffice во Шпанија го одржа предавањето под наслов: „Предизвици во проектирањето во Африка“. Како добитник на наградата „Ага Кан“ за 2022, акцентот тој го стави на дизајнот со силна посветеност кон одржливоста и холистичкиот развој. Беа посочени и стратегии за обезбедување долгорочни позитивни влијанија на заедниците, со користење на традиционални техники на градење и градење со земја.

Втората сесија започна со онлајн предавањето на специјалниот гостин Ренато Рици, основач на „Ренато Рици“ во Италија кој одржа презентација под наслов „Обезглавеното име“. Тој се осврна на кризата на архитектурата во нашето време и нераскинливиот однос помеѓу материјалното и нематеријалното. Го покажа својот однос на пристапување кон истражувањата, архитектурата и предавањата како целина, со обид да се обноват онтолошката и метафизичката смисла како тесно поврзани со поимањето на современата состојба во архитектурата. Професорот Ренато Рици како предавач на Универзитетот LUAV во Венеција има развиено една сложена професионална дејност која постојано ги комбинира теоријата и праксата.

 

 

Во продолжение архитект Бесијан Мехмети од Студиото БМА, одржа предавање на тема „Архитектура за живеење од мал до голем размер“. Преку презентација на шест станбени проекти, почнувајќи од мала приземна куќа и завршувајќи со висококатница, демонстрираше визија и идеи за домување во различни големини.

Архитект Арбер Шала од Косово, предаваше на тема “Како го обликуваме просторот! Од инспирација и влијание до конечна форма и материјали”. Преку објектите Linda Premium Residence “The Terraces” и хотелот Lakeside SPA & Conference се апострофираше изработката на уникатни дизајни, за урбано и архитектонско идентитетско препознавање, низ чисти геометриски форми со белата како доминантна боја. Марта Илиевска, архитект и сопственик на Формика Плус заедно со Нина Карангелеска-Тодоровска, асистент на Факултетот за архитектура и дизајн од Универзитетот Американ Колеџ во Скопје се претставија со темата „Откривање на архитектурата“. Примарниот фокус беше ставен на значењето на интерактивните проекти фокусирани на образованието за деца како алатка за подобар град, каде што улогата на архитектурата во градењето на идните генерации игра витална улога во изградената средина со цел да се создаде чувство за идентитет и место.
Архитект Патрик Мејерс, ко-основач Orange Architects од Холандија одржа предавање на тема „Одржливоста во урбаните станбени пејзажи“. Беа прикажани проектите Jonas и Floating Garden, кои нудат решенија за одржливо и висококвалитетно живеење во збиените градови на иднината. Таму луѓето не живеат само во стан, туку живеат во пријатна, уредена зграда со заеднички простории.

 

 

Реализацијата беше помогната и со учеството на Ledjia Cupi, директорот за маркетинг на фирмата Еверест со предавање на тема „Еверест – Изгради подобар свет со квалитетни алуминиумски профили“

Модератор на првата сесија беше архитект Марта Илиевска од Формика Плус, додека модератор на втора сесија беше архитект Елена Пазарџиевска Ристовска од Биро 60б.

 

Текстот и фотографиите се пренесени од изворот: КОАИ

 

Автор на статија:

/