Skopje Reckless -Towards dynamic habitat / Симоска

Архитект: Сара Симоска

Поет: Калиа Димитрова

Денес споделуваме еден несекојдневен начин на презентација на архитектонски концепт. Сара Симоска своите размисли  за Скопје, ги презентира низ макети и поезија на  Калиа Димитрова.
Се работи за  идеја  за можно решение на проблемот со забрзаното растење и густина на Скопје наспрема планината Водно. Симоска низ оваа презентација со читателите на МАРХ, несебично ги споделува и своите AutoCad file’s со цел да им бидат од помош на сите оние кои можеби ќе се надоврзат на оваа разработка или пак во сопствени индивидуални концепти поврзани со потегот на кој интервенира. Авторот не изненади со нејзиното вистинско разбирање на една од мисиите на нашата страна а тоа е споделување на информациите  и соработка, преку прикачување на дигиталните цртежи за кои се надева дека ќе им биде од корист и мотивација на сите идни истражувачи:
Меѓу другото авторот ќе истакне дека – „ Состојбата на нашиот град е во голем дел вина на недоволното споделување на информации помеѓу архитектите“ .

________________________________________________________________________

5:17

Водно почна

да ми паѓа на глава,

а по него и други

делови на градот

растен на хормони

тргнаа да ме згмечат.

утрински кафиња туѓи

по улици течат

од југ кон север

валкан веш еден тон

од еден крај до друг

лом во

Аеродром

Центар

Маџир маало

Дебар маало

-секој кат

сé повеќе боли,

се ронат тераси

темели се кршат,

дрва, сенки, реки

ни спомени нема,

и големо и мало

бега.

Јас: гола, боса

трчам во место.

Мојот свод

мојот град

мојот дом

лошо не ми мисли,

но секој ден се будам

од истоиот тој сон

-градот сака да се сруши

сиот врз нас угушени

во прашливо его.

Градот на грб го носам

стрелките стојат на 5:17

Модел кој го прикажува Градскиот ѕид и Градската кожа, веќе постоечка инфраструктурална линија која ја допира планината Водно, поминува низ густо населени населби, ја преминува реката Вардар. Градска кожа е линија на која сметам дека е важно да се работи и на која постојат точки (пасивни и активни фабрики) кои можат да станат нови центри на енергија за градот. Тие можат да ја олеснат преголемата изграденост на околните блокови и да внесат свежина со зеленило, јавни простори и различни активности.

Материјал балза

Размер 1:10000

НИКУЛЦИ

Јас сум скитник,

спијам под кровови

-прегратки чаршиски

од топли души

кои сеуште постојат

во темните дупки.

Јас сум солидарност,

полека излегувам

надвор е пролет

а јас кријам

цели букети под пазуви

и градини под нокти

ноќе ги садам

по ранетите улици.

јас сум кожата на градот,

влажна и еластична

можам да бидам дом

со дрвен под

полн фрижидер

и зелена тераса

зборлеста.

Ние сме никулци,

ќе никнеме на сонце

во градот убав

ќе никне и тој

ако повеќе го полеваме.

Макета од опфат фабрика треска

Материјал : бел картон, сив картон(скоро изградени згради) и балза(проект)

Размер 1:1000

 

Макета од една кула од предложениот проект

Материјал : сив картон

Размер: 1:200

 

 

Од процесот на изработка на макетата:

 

Линкот за симнување е активен 7 дена. Во случај на потреба од споделените дигитални цртежи вон рокот исконтактирајте не на официјалната  адреса contact@marh.mk

Ф.К