Skopje Resurgent / Програма за развој на Обединетите Нации

Наслов: Skopje Resurgent, The Story of a United Nations Special Fund Town Planning Project

Издавач: Обединети Нации

Година и место на издавање: 1970, Њу Јорк

Aвтори: Тимот на програмата за развој на ОН, напишана од Derek Senior

 

 

Публикацијата Skopje Resurgent е вeројатно највредната документација на планот за постземјотресна обнова на Скопје. Книгата ги сублимира сите аспекти од интернационалниот проект: самата катастрофа, финансирањето и организацијата на обновата, резултатите од анализите на експертите, како и новиот урбанистички план.

Четивото можеме да го наречеме и своевиден атлас на Скопје кој содржи исцрпни информации за целото градско подрачје. Ви презентираме извадоци, резиме и дигитална верзија од целосната публикација.

 

 

 

 

 

 

 

 

Книгата е поделена во седум поглавја кои ги разгледуваат сите фази од проектот по хронолошки редослед:

1. Земјотресот

2. Техничка помош

3. Проект за скопскиот урбанистички план

4. Регионално планирање

5. Дефинитивен урбанистички план

6. Градски центар

7. Имплементација

 

 

 

Содржина и предговор

 

 

 

Првата глава го разгледува самиот земјотрес, опишувајќи го редоследот на настани веднаш по катастрофата како и нејзиниот исход.

Во текстот има опис на степенот на штета и интересна споредба со претходната катастрофа од таков размер – уништувањето на Варшава за време на Втората светска војна.

 

 

 

 

 

 

Второто поглавје содржи опис на целата интернационлна помош која пристигнува во Скопје. Најпрво е презентиран начинот на организација во рамките на ОН, назначувањето на главниот директор на проектот – Ернест Вајзенман, и дефинирањето на низа активности кои целат кон тотална рехабилитација на градот и неговото население.

Дополнително читаме како целата заедница се соочила со прашањето дали градот воопшто треба да биде обновен и дали престолнината треба да ја задржи својата локација. По низа анализи, експертите воочуваат дека целата околна територија е трусно подрачје и нема попогодна локација за главниот глад. Дополнително, целиот дотогашен модерен развој во Македонија бил сконцентриран во Скопје, па започнување од ново би барало уште повеќе време и средства. Во нивниот заклучок, експертите ја поддржуваат обновата на градот ставајќи акцент на потребата за строги регулативи за градење во ваков регион со висока сеизмичка активност.

 

 

 

 

 

 

Третата глава го презентира проектот за изготвување на новиот урбанистички план за Скопје, неговата организација, структура на тимот и нивните улоги, дефинирани цели и задачи.

 

 

 

Диаграм на проектот за урбанистичкото планирање на Скопје

 

 

 

Делот „Регионално планирање“ ги содржи резултатите од анализите на Скопската Котлина. Експертите ги разгледуваат потенцијалите и границите на регионот, со цел да предвидат која е потребната големина на градот и како тој би требало да биде поделен на зони.

 

 

 

Физички карактеристики на субрегионот на Скопје

 

 

 

Следната глава „Дефинитивен урбанистички план“ содржи два дела :

 

А) Мастерплан

Тука ги среќаваме главните проблеми со кои се соочувале планерите и нивните решенија. Таков пример е позиционирањето на главната железничка станица, решавањето на сообраќајната мрежа и распределбата на станбените зони.

За повеќе информации за мастерпланот од 1965, повелете на следниот линк.

 

 

 

 

 

 

 

Овој дел содржи и низа аналитички мапи на различни теми: програмска распределба, развој на долгорочен план, градски центри, класификација на патишта, сообраќаен систем, зелени површини и др.

 

 

Индикации за развој на долгорочен план

 

 

 

Б) Поврзани студии

Овој дел ги содржи сите останати анализи:

– Мапирање на приградските зони, вклучувајќи ги и регионите на: Водно, Скопска Црна Гора, Треска, Катланово и пошироко;

– Социјалната анализа, која ја разгледува тогашната демографија и стандард на живеење;

– Анализата на скопската градежна индустрија;

– Анализата на секторот за транспорт;

– Излагањето на одделот за инфраструктура, кој дава многу насоки за водоснабдувањето и изворот Рашче;

 

 

 

Субурбана зона на Скопје, агрикултура: предложен развој

 

 

 

 

Шестото поглавје го разледува дизајнот на централното градско подрачје. Тука среќаваме многу информации за самиот конкурсот, опис на сите понудени решенија и процесот на создавање на финалната девета варијанта.

За овој конкурс МАРХ има подготвено посебна објава каде може да најдете уште повеќе детали.

 

 

 

Макета од конкурсното решение на Мишчевиќ и Венцлер

 

 

 

Последната глава се занимава со имплементација на урбанистичкиот план. Тука се наведува поделбата на надлежности и формирањето на нови тела за спроведување на планот. Среќаваме и  повеќе детали за изведбата на градската мрежа (патна и инфраструктурна) и големиот зафат наречен „Јужен Булевар“.

 

 

 

 

 

 

Крајот на книгата се состои од анекси кои содржат голем број на корисни информации:  имињата на сите учесници во проектот од македонските и странските тимови, низа извештаи од различни тела вклучувајќи го и тој на комисијата од конкурсот за дизајн на централното градско подрачје.

 

 

 

 

 

Анекс 1: Организација на работата и  листа на вработените

 

 

 

Во прилог може да ја погледнете целата публикација:

 

Skopje Resurgent: The Story… by Irina Grcheva on Scribd