Скулптури за живеење / Вангел Наумовски

Вангел Наумовски е македонски сликар со светско реноме.  Роден е во охридското село Скребатно 1922 година ( според друг извор 1924 година).

Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“.

 

Вангел Наумовски /  фото >>>

 

Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец“. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември“, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.

 

 

Тагата и солзите на Цар Самоил во целосен цут / 1968 година

 

Во 1970 година, тој изложува во  Галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали. Тој меѓудругото ќе истакне: „Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елемeнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“; – Од монографијата за Наумовски

 

Салвадор Дали на изложбата на Наумовски во Париз, 1970 год.

 

Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980.

 

Спирална Галаксија / 1981 год.

 

На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984“, a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал. Тој изложувал низ сите центри на модерната уметност како Парис, Рим, Лондон и Њујорк.

 

 

Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво.

Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид.

 

 —  —  —  —  —

 

Но како Вангел Наумовски го врзуваме со домашната архитектонска сцена?!  За него се вели дека се занимавал и со архитектура, скулптура, бил поет и музичар.

Во скулптурата тој препознал потенцијален простор за живеење и врз основа на таа инспирација проектира повеќе вакви објекти.

„Вангеловата раководна мисла е овалната основна линија на сите растенија, линија поникната од природата. Наедно тоа е линија којашто – според Вангела – во еден градежен стил, во пневматската архитектура наоѓа сестринска формула со која ја изразува својата солидарност со вегетацијата.“

 

Езерска Вила – модел и основа  / 1965 година

Лебедова Вила / 1966 година

 

 

 

 

Со цел да Ве запознаеме повеќе со неговите видувања на темата, приложуваме четиво посветено на Вангел Наумовски, под авторство на  Ото Бихајли – Мерин, издадено од  издавачката куќа „Култура“  во 1983 година.

Уживајте! 😉

 

Во објавата се користени изворите на:

додека четивото го приложи Стефан Жупан