СЛОБОДЕН ГРАДСКИ ПРОСТОР /Ивановски, Јовановски со соработниците
12.06.2018 • XXI век
Година: 2018
Автори: Дејан Ивановски, Филип Јовановски
Соработници: Сања Аврамовска, Валбона Фејза, Мирослав Пејовски
Фокус на овој архитектонски експеримент е препознавање и ослободување на заробен јавен простор на едно парче територија во централното градско подрачје во Скопје, Република Македонија и создавање на нов просторен концепт на тоа место кое со „проектот” СК2014 беше уништено.
Целокупниот изграден фонд во последните неколку години во центарот на градот Скопје (и целиот град воопшто), а особено помеѓу двата моста (Камениот мост и мостот Слобода) е изграден на јавен простор. Простор кој долго време беше наменет за плоштад/пешачка зона која формира целина со објектите кои гравитираат околу него. За жал со измените во Деталниот урбанистички план овој простор е третиран на погрешен начин.
На ова место се изградени пет нехумани габаритни структури и тоа: Археолошки музеј на Република Македонија заедно со Државниот архив на Република Македонија и Уставен суд на Република Македонија, Агенција за електронски комуникации (AEK), Колонада „Независна Македонија”, Јавно обвинителство на Република Македонија и Министерство за надворешни работи на Република Македонија.
Пешачката зона како дефинирано урбанистичко просторна целина ја сочинуваат деловите од градот изолирани од движењето на автомобили и е наменета исклучиво за пешачко движење и рекреација на луѓето. Овој дел од градот таков и треба да биде – јавен простор кој им припаѓа на луѓето.
Овој архитектонски експеримент е заклучок на еден процес на истражување кој преку систематско програмско-просторна содржинска анализа на овие објекти, изградени на кејот на Вардар, се обидува да го преиспита габаритот изграден за вметнување на содржина/програма која е втурната насилно во овие непропорционални и наивни габарити.
Овој предлог за репрограмирање на делови од приземјето и катовите на објектите претставува обид за нивно отворање (ослободување), зашто во моментот тие се затворени и недостапни за граѓаните, со што ќе се овозможи слободен пристап и користење на содржините (од страна на граѓаните).
Целиот процес на создавање на овој експеримент го сочинуваат следните четири клучни постапки:
#ОСЛОБОДУВАЊЕ на простор и содржина која е нефункционална во овие пет објекти, #ПОВРЗУВАЊЕ на ослободениот простор со локацијата преку вертикални и хоризонтални комуникации, #ПРОЧИСТУВАЊЕ на објектите од секаков вид на декорација, вклучувајќи ги и куполите кои со новите промени ја губат својата намена и #РЕПРОГРАМИРАЊЕ на ослободената содржина. Оваа последна постапка треба да се случи во понатамошниот развој на овој архитектонско истражувачки проект/процес кој во својата метода на работа предвидува активно учество/вклучување на повеќе важни чинители (од експерти до случајни минувачи) и корисници на градот.
Автор на статија: Filip Koneski