Soho coffee station / Бошковски

Локација: ул. Димо Наредникот 46/А Прилеп

Автор: Гаврил Бошкоски

Студио:  GVRL

Година: 2022

Фото / 2022/ : Гаврил Бошкоски

 

Soho coffee station е ново место во градот, во кое идејата беше да се креира ново уникатно визуелно искуство, и место ,,за гледање на како светот поминува’’.

За вакво искуство од есенцијално значење е просторот да биде подигнат над нивото на улицата, да има комоција за група на луѓе да можат да седат удобно, и прозорски отвори преку целата површина.

Со правилното проектирање и зонирање, овозможено е поставување на 17 позиции за седење во внатрешноста.

 

 

Основа 

 

 

Носечката идеја на проектот е инспирирана од процесот на мелење на кафе. Односно парчињата дрвен фурнир кои што се спуштени од плафонот, создаваат драматичен ефект во внатрешноста на просторот, кој исто така е забележителен и од надворешноста.  Инсталацијата е направена од неколку стотици парчиња фурнир. Помеѓу парчињата фурнир е сместено осветлување, кое креира илузија на сончеви зраци продирајќи помеѓу дрвја, допринесувајќи за топла и пријатна атмосфера.

 

 

Во крајниот резултат се измешани повеќе значајни концепти за крајниот резултат, како употребата на природни материјали од околината, и рециклирани материјали.

Концептот на локални материјали е интерпретиран преку подот, кој е целосно изработен од локален мермер ,,Сивец’’, со препознатливи сиви вени.

Рециклираната архитектура е интерпретирана преку кружните цевки од кои е изработен пултот.

 

 

Она што е карактеристично за овој простор, се атмосферите кои што ги има во текот на еден ден, односно огромната разлика која ја нуди просторот во утринските часови, а особено во вечерниот период.

 

 

Во централниот дел на просторот поставени се две фотељи Shell chair, кои постигнуваат ефект на леснотија со нивната форма налик на крило и заоблените криви нозе, кои ги пратат формите кои се провлекуваат низ ентериерот. Масите во ентериерот се скулптурално обликувани и со минимални димензии за да ги задоволат минималните потреби, истовремено не оптоварувајќи го просторот со нивната функција.

 

 

Новокреираното место е наменето пред сѐ, за млади, космополитски и слободоумни луѓе.