Станбено-деловен објект на Бриселска / Biro Brut

Проектант: Биро Брут (Методија Ѓорѓиев, Томе Димитриевски, Борјан Менкиноски)
Категорија: Станбено-деловен објект
Локација: Карпош, Скопје
Класа на Намена: А1
Катност: П+2+Пк
Бруто Површина: 597 m2
Нето Површина: 438 m2
Ефикасност: 0.73
Година: 2023
Соработници: Викас ДОО – Фаза Електрика; Дејан Ивановски – Фаза Статика; Андреа Глигуровска; Борис Стерјов – Фаза Водовод

 

ОПШТА ИДЕЈА

Секој град, населба или населено место го отелотворува духот на своите жители. Затоа, нашиот професионален пристап е посветен на создавање на иновативни архитектонски концепти кои остават особен печат во урбаното ткиво. Имајќи ја предвид неговата отвореност од сите страни, на објектот му дадовме карактеристичен скулптурален дизајн. Неговиот базис функционира како подлога на која се поставени архитектонските елементи. Освен отворите за прозорци, целата материјалност на зградата е само од два различни материјали, нагласувајќи ја едноставноста.

 

КОНТЕКСТ

Оваа зграда се наоѓа на аголна парцела во станбена населба во Скопје. Околината претежно содржи мешавина од двокатни семејни куќи и трикатни станбени згради.

 

 

ОРГАНИЗАЦИЈА

Објектот содржи три станбени единици по катовите и една комерцијална единица на приземјето. Стратешки поставеното скалишно јадро го максимизира природното осветлување и проветрување и истовремено ја подобрува организацијата на целиот кат. При влезот во станбените единици, жителите се пречекани со јасна поделба меѓу приватниот и јавниот простор во станот. Спалните соби се внимателно ориентирани кон мирниот двор, додека зоната со дневните простори е свртена кон улицата, нудејќи јужен поглед. Основата на станбените единици е внимателно проектирана, со акцент на кружно движење, максимално природно осветлување и беспрекорна функција на поединечните простории.

 

 

НАДВОРЕШНОСТ

Пристапот при проектирањето тежнее кон создавање на архитектонска композиција која е динамична, но сепак хармонична. Со лесно закосување на аглите на секој ѕид од фасадата, намерата е да се внесе живот во целата структура преку динамична игра на светлина и сенка. Во процесот на дизајн, забележлива е појавата на локални симетрии, кои ја подобруваат визуелната рамнотежа.

 

 

КОНСТРУКТИВЕН СИСТЕМ И МАТЕРИЈАЛИ

Примарната конструкција е од армиран бетон. Надворешните ѕидови се планирани да се изградат со 20см керамички блокови и 10см изолациски слој, нудејќи оптимална термичка ефикасност и економичност. Поголемиот дел од завршната обработка е прекриен со хоризонтален ритам на фасадна тула, а како контраст на тоа е појавата на слој од штуко обработка на приземјето и дел од поткровјето. Надворешниот изглед на објектот е дополнително збогатен со челичните огради на терасите.

 

 

РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТИ

Нашиот проектен процес се темели на детална разработка на сите поединечни елементи кои го сочинуваат проектот. Позади секој објект стои тим од стручни лица кои преку меѓусебна соработка придонесуваат за успешна реализација на објектите кои ги проектираме. Изведбените проекти овозможуваат подобро планирање на изведбениот процес, прецизна динамика на градежните активности, како и јасна анализа за економската исплатливост на објектот.