Старата болница во Ростуше – предлог за рехабилитација
24.10.2025 • ХХ век / I половина
Враќање на достоинството на еден споменик со длабока историска и емотивна вредност
(Старата болница во Ростуше, денес – сведоштво на едно друго време и народ)
Во срцето на Ростуше, опкружена со зелените падини на Маврово, стои тивок сведок на времето – Старата болница, објект кој повеќе од девет децении ја носи меморијата на еден систем, на едно време и на многу човечки судбини. Денес, таа претставува руина со голема културна, историска и емотивна вредност за локалното население, објект кој со години е оставен на забот на времето, но и симбол на надеж дека минатото може повторно да оживее.
Историски контекст
Основа на приземје и Основа на петта фасада
Старата болница во Ростуше е изградена во 1929 година, за време на Југославија, како дел од серија типски здравствени објекти подигнати во четири населени места како – Ростуше, Кратово, Македонски Брод и Вратница. Тие биле наменети за унапредување на здравствената заштита на населението во руралните средини. Во тоа време, болницата функционирала со болничко одделение на катот и амбулантно одделение на приземјето, обезбедувајќи грижа за жителите на целиот регион. Објектот бил во функција до 1980 година, по што постепено бил напуштен.
Архитектонски карактер
Фотографија превземена од порталот види вака
„Руините не се крај, туку тивок почеток на едно ново сеќавање.“
Иако е регистриран како споменик на културата, објектот денес се наоѓа во очајна состојба. Кровната конструкција е урната пред околу десет години, а околината долги години била запуштена, обрасната и претворена во импровизирано депониште. Сепак, старата болница и понатаму претставува симбол на колективното сеќавање – место каде што се родиле, лечеле и збогувале генерации жители од овој крај.
Локална иницијатива
Фотографии превземени од Центарот за современи уметности – Скопје (CAC – Contemporary Art Centar, Skopje)
Во 2019 година, Центарот за современи уметности – Скопје, во соработка со Здружението „Тритон“ од Ростуше, Националниот парк Маврово и Општина Маврово и Ростуше, спроведе иницијатива за уредување на просторот околу болницата. Проектот, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, имаше за цел да ја расчисти и направи достапна локацијата за посетители, трансформирајќи ја во јавен простор што потсетува и инспирира.
На фасадата на објектот беа поставени фотографии кои го прикажуваат некогашниот изглед и функционирање на болницата, а уметникот Адем Сулејмани создаде две дијарами со архитектонски контури и визии за нејзината некогашна форма, но поминаа шест години а состојбата останува иста.
Предлог-план за уредување
Визуелизација изработена од арх. Кристијан Арсовски
Новата визија за просторот има цел да го нагласи историскиот идентитет на објектот и истовремено да создаде место отворено за граѓаните и посетителите.Оваа интервенција не го менува карактерот на руината, туку ја претвора во жив симбол на паметење, дијалог и контемплација.
Предлогот предвидува:
- Уредување на дворот со пешачки патеки и традиционален мозаик од природен камен, инспириран од локалните орнаменти во Мавровскиот регион,
- Урбана опрема (места за одмор, паркинг за велосипеди) за да се поттикне престојот на посетителите,
- Организирање простор за изложби на отворено во внатрешноста на објектот каде би се прикажувале фотографии, приказни и предмети поврзани со болницата…
- Креирање на атмосфера за контемплација, без нарушување на постојната архитектонска форма.
- Поттик за изработка на проект за реставрација и адаптација на објектот, во согласност со принципите на одржлива архитектура.
Овој предлог не ја менува оригиналната структура – напротив, ја почитува нејзината руинирана убавина и ја гледа како отворање кон заедницата, место каде историјата и современоста се спојуваат во примамлив јавен простор.
Еколошки и одржлив пристап
Во процесот на уредување се предвидува користење на локални материјали и природни елементи (камен, дрво, вегетација), со минимални интервенции врз теренот. Целта е еколошка интеграција со природниот пејзаж на Националниот парк Маврово и почит кон автентичниот дух на местото.
Општествена и културна вредност
Рехабилитацијата на просторот може да послужи како туристичка и културна станица, каде ќе се прикажуваат информации за Ростуше и околните знаменитости (водопадот Дуф, црквата Успение на Пресвета Богородица, археолошките наоѓалишта како некрополата Дубје…).
Со поставување на информативни табли, мапи и мултимедијални содржини, просторот може да стане точка на собирање и запознавање со локалната историја и култура. Оваа интервенција има за цел да ја врати свеста за значењето на местото и да покрене јавната дискусија за негова иднина.
Во иднина, овој проект може да биде поттик за целосна реставрација и адаптација, со можност за трансформација во туристички центар, планинарски дом или угостителство со мал мотел, зависно од интересот и поддршката. За истото може да се организира и конкурс или работилница, за која МАРХ може да се понуди како организатор, доколку се најдат финансиски поддржувачи и покровители.
Простор кој заслужува ново опкружување
Старата болница во Ростуше не е само архитектонски објект, туку сведоштво за минатото и иднината на едно население. Нејзиното ревитализирање преку уредување на дворот е мал чекор кон нејзино оживување – потсетник дека архитектурата не е само материја, туку и меморија.
Да и се врати животот на оваа руина значи да се поддигне културата на цела заедница и да се покаже дека го цениме нашето културно наследство.
Извор на информации:
https://vidivaka.mk/celosno-propadnata-rostushkata-bolnica-stara-rechisi-100-godini/
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D0%BE%D1%81%D1%82%D1%83%D1%88%D0%B5
https://www.instagram.com/p/DJERZwnCQmn/
https://www.facebook.com/photo.php?fbid=3145998132337441&id=1499142857022985&set=a.1499143133689624
Објавата ја подготви: Кристијан Арсовски ( соработник на МАРХ)
Автор на статија: Filip Koneski
адаптација / Болница / Културно наследство / Потенцијал / Рехабилитација / Ростуше / рурален развој








