Старата скопска чаршија / Дојчиноски

Наслов: СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА

Автор: Д-р Киро Дојчиноски

Издава: Матица македонска

Главен уредник: Божин Павловски

Директор: Раде Силјан

Уредник: Антонио Б. Павловски

Превод на англиски: Здравко Шами

Ликовна-графичка обработка : Нико П. Този

Печат: „Просвета “ Куманово

Година: 1997

„Да се запознае Скопје не може брзо и одеднаш. Ќе ве излаже првиот впечаток. Брзањето само одмогнува. Запознавањето треба да тече постапно – низ овој град треба да се талка, лежерно и пополека. Во тоа талкање и запознавање мора да се тргне од значајните белези на градот, од нешто што е убаво и оригинално, од она што на други места го нема.
Старата скопска чаршија е еден од таквите белези. Таа претставува единствен фрагмент на комплексен и урбан настан од минатото. Со векови ја има улогата на неизбришлив жив документ за Скопје и за неговото движење, за неговиот растеж или стагнирање.“

Со овој пасус д-р Киро Дојчиноски го воведува читателот во монографијата за Старата скопска чаршија. Истата издадена во 1997 година претставува целосен историски социјален приказ на Старата скопска чаршија. Преку првите глави во книгата, читателот е поведен на еден вид прошетка низ чаршијата каде авторот ја претставува чаршијата и нејзината централна улога во градот Скопје. Посебен осврт е посветен на значајните објекти од верски карактер како и новите содржини кои чаршијата ги добива во втората половина на 20тиот век.

Вткаен низ целата публикација е еден вид на фото-есеј кој ја прикажува и документира Старата скопска чаршија и воедно го подржува текстуалниот дел на публикација.

Д-р Киро Дојчиноски ја завршува својата публикација неколку исечоци од патописци и хроничари на Скопската чаршија како Евлија Челебија, Данило Коцевски и др. и со поетите за Скопје и старата чаршија меѓу кои, Блаже Конески, Гане Тодоровски и др.

 

Повеќе за авторот


Д-р Киро Дојчиновски е роден на 19 август 1937 година во село Велмевци, Демирхисарско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал во Загреб, а докторирал на темата „Културното наследство на Македонија преку пишаниот збор“ во Сараево. Бил раководител на Македонска библиографија во НУБ „Св. Климент Охридски“, бил директор на Државниот архив на Македонија, бил Претседател на Дирекцијата за култура и уметност во град Скопје и бил пратеник во Собранието на Македонија (2002 – 2006).