Предлози до идните градоначалници / 5: СТОП ЗА ФАВЕЛИЗАЦИЈАТА!
13.10.2021 • Став
Градоначалниците бидејќи често доаѓаат од други струки, мораат константно да бидат упатувани во проблематиките од страна на професијата.
Постојано правдајќи се како не е нешто во нивни ингеренции, не ја разбираат често улогата – татко на градот. Тоа значи се што е проблем во вашата општина треба да ве засега, да иницирате промени, да свикувате дебати или лично да се советувате. Од тука лошите закони и правилници, не смеат да останат премолчени од страна на локалната власт.
Основен проблем на македонските градови, кои ги уништивме во изминатите 30 години, се легалните доградби и надградби на објектите за кои пишуваме скоро декада.
Секоја станбена единица своја приказна / 11 Октомври згради
Ваквите популистички мерки, еднакви на оние како 1 евро квадрат и легализацијата се сржта на сиромашното општество кое лесно се поткупува, а потоа државата ја чини многу поскапо во обратните процеси. Како на пример случајот со Расадник, каде луѓе со денационализација добија земјоделско земјиште, а сега општината вели дека правото на сопствениците да градат не смее да се оспори. Почитуваните сопственици, немаат градежно земјиште, туку од интерес на општината е истото да се урбанизира, па оттука нивната привилегија е злоупотребена и превртена во приказна на оштетените сопственици.
Колективното домување мора да биде построго дефинирано во законите, наметнувајќи правила на живеење кои нема да може да се заобиколат. Тоа значи дека станбената единица не е ваша куќа на 5тиот кат, туку е дел од објект во кој владеат услови за домување во интерес на заедничката слика.
Секоја станбена единица своја приказна / 11 Октомври згради
Во тој закон ( преку измена, дополна на постоечките регулативи или целосно нов закон ) мора да се утврдат мерки, со кои на постоечки станбени објекти нема да може да му се промени градежната линија со следни урбанистички планови, нема да може да се доградат тераси и балкони, ниту ќе можат самоиницијативно станарите да потпишат продажба на јавниот простор – како што се кровните тераси исклучително битни по многу точки.
Навиките мора да се променат! Мал ви е станот, не ви се допаѓа светлината, бојата на фасадата, не ви е потребен балконот – продадете го станот и најдете си друг по своја мерка. Фавелите кои ги создадовме, во многу наврати ги зборевме и тоа е нешто за кое мора да се избориме да застане, додека фелата и властите мора да направат стратегија за веќе уништените објекти кои се срам за ова општество!
Во редицата членови на овој закон, треба да се најдат сите интервенции, правила при промена на прозорците, задолжителното консултирање со авторот на објектот при целокупно реновирање на објектот или парцијално, дефинирање парични казни и деструктивни делувања доколку се прекршат истите итн.
Она што и без промена на законите најмалку можете да го направите е во порачаните урбанистички планови, да се забрани било какво интервенирање врз објектите кое започнува со „бетонирање“ на градежната линија – непроменлива по изведбата!
* * *
На темата имаме пишувано и претходно, за заинтересираните прочитајте повеќе:
- „Доградбите го деградираат градот“
-
„Скопје – Невидлив урбанизам“ – изложба на тимот на МАРХ
Автор на статија: Filip Koneski