„Street art & graffiti gallery – Skopje“

Настан: „Градот Убав“

Организатори: Младиниски културен центар, Град Скопје и  Градски Трговски Центар

Поддржувачи: CreArt/мрежа на 14 партнерски градови и институции (меѓу кои и Градот Скопје и МКЦ), на европското културно богатство и разноликост, чија цел е промоција на меѓународниот креативен сектор преку тренинзи, размени и изложби на визуелни артисти.

Иницијатор, идеја: Филип Конески

Учесници: Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски – Драш, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски – Страјк, Цветан Неделковски – Хром, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски – Флим, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Михаил Галевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими – Есием, Зоки Мише – Шума, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска.

Фотографии: Борис Јурмовски, Филип Куновски,  МКЦ, град Скопје, ГТЦ, Филип Конески

 

Годинава одбележуваме 55 години од  катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Овој настан често го поистоветуваме со носталгични чувства за стариот град, но овој пат сакаме да му дадеме поинакво значење на јубилејот во име на современиот град, славејќи 55 години од обновата на градот, 55 години – Ново Скопје. Тоа е градот на нашето секојдневие, кој поседува неспорен потенцијал, но недоволно истражен, ниту доволно препознаен.

Филип Куновски

Токму во објект, архитектонска икона на современото Скопје (Градскиот трговски центар), простор создаден од „преплетот“ на јавните површини, препознаваме дефинирана галерија на отворено ( потпорниот ѕид на подземната сообраќајница). Просторот е совршен за ваква намена, во „underground’ амбиент. Истата визуелно е достапна низ продорите од приземјето, а доволно скриена да генерира сопствен идентитет, не загрозувајќи го постоечкото (единствено надополнувајќи го).

Филип Куновски

Борис Јурмовски

Архитектонски галеријата е препознаена во  нишите, на потпорниот ѕид кон Жена парк, на кој паралелно е поставена сообраќајницата, автобуската постојка со тремот и дуќаните. Од средиштето на ГТЦ кон галеријата нормално пробиваат два продори, додека достапноста од приземјето и катовите е овозможено преку рампите на двата краја, овозможувајќи пристап и за инвалидизирани лица. Просторот како таков дозволува  циркулирачко разгледување на галеријата, спуштајќи се од едната рампа, разгледувајќи ја „изложбата“ во еден правец и повторно излегување од просторот преку другата рампа.

Филип Конески

Оваа интервенција со ништо не ја загрозува архитектурата на објектот, ниту се наметнува на околината, бидејќи се случува во сутеренот, не учествувајќи во силуетата.

„Уличната“ уметност ( street art & graffiti) e производ токму на луѓето кои најмногу го разбираат пулсот на јавните површини, препознавајќи ги како подлога за креација, изразување став, секојдневно живеење. Токму овие површини во ГТЦ, беа под закана да ги загубиме, бидејќи тогашните власти не гледаа потенцијал ниту вредност во овој симбол на Новото Скопје. Зачувувањето на објектот преку граѓанските иницијативи, инспирира да се преразмислат неговите неброени потенцијали, од каде се роди и идејата за оваа галерија.

МКЦ

Насекаде во светот уличната и графити културата се прифатени како сопствен правец на изразување и стил. Зависно од артистите и индивидуалните ставови, таа секако може да биде деградирачка, но апсолутно целата сцена да се прифати како таква е погрешно и неточно. Најголемиот дел од нив, творат на запуштени ѕидови, напуштени индустриски капацитети, потпорни ѕидови на автопатиштата или ги ставаат сопствените дела во контекст на објект, настан, дел од градот, што повеќе ги  карактеризира како „оживувачи“ на заборавените простори. Истата во современите општества е интегрирана во многу слични проекти. Овој проект го прави посебен, неговиот архитектонски контекст.

Марјан Димиќ

МКЦ

За изборот на учесниците одлучуваше комисија, која од 40тина пристигнати апликации на јавен конкурс, одбра 20+1, со различен естетски и стилски карактер. Домашните артисти заслужија простор на кој ќе добијат поголема видливост, а со тоа ќе бидат и афирмирани пред пошироката јавност.

МКЦ

Делата се работеа три дена, почнувајќи од 15 – 17 ти јуни, употребувајќи различни материјали и техники ( спреј, четка, стенсили, колаж). Случајните минувачи и заинтересираните имаа можност да го набљудуваат процесот и да поразговараат со артистите.

Сутеренскиот дел од ГТЦ, многумина(од помладите генерации) признаа дека никогаш не го ни посетиле, повеќето дуќани се затворени и парцијално функционира неговиот капацитет. Со ставањето на ова отворена „галерија“ како дополнителна функција, можно е  раздвижување на овој дел од објектот  што секако е од полза на сите.

Dj Drazi Drags / фото: Борис Јурмовски

Покрај споменатото, просторот со свеченото отворање, покажа потенцијал и за организирање настани од забавен карактер на отворено во центарот на градот, кој со својата позиција овозможува и поголема звучна изолација што е корисно за околината.

Борис Јурмовски

Идејата за отворената галерија во ГТЦ потекнува од 2015 година, а на истата и претходеа други две (нереализирани) – „Македонскиот Луксор“ – просторот под Железничката станица (вертикално исцртување на столбовите),

како и идејата за реализација на објект во околината на Музејот на современа уметност- Скопје, посветен на уличната уметност. Неговото функционирање би требало да биде во склоп на музејот, константно организирајќи во интервали исцртување од различни артисти, притоа архивирајќи ги соодветно делата.

Покрај овие простори и идеи,  Скопје поседува уште многу други потенцијални локации , кои не се наметнуваат на околината а кои може да добијат функција на вакви галерии на „урбаната“ уметност. Да се надеваме на Skopje street art & graffiti gallery vol.2 😉

 

П.С >>>  Огромна благодарност до тимот на МКЦ, на чело со Русе, кои целосно застанаа зад проектот, во коорганизација со Градскиот трговски центар и Градот Скопје.

Почит за укажаната можност!