Студентски дом „Гоце Делчев“ / Константиновски
21.10.2015 • ХХ век / II половина
Локација: бул.„ Митрополит Теодосиј Гологанов“ б.б Скопје
Автор: Георги Константиновски
Година на проектирање: 1969
Изведба: 1973
Извор: Георги Константиновски, фотографии: Yomadic, Марија Алтипармакова
Студентскиот дом „Гоце Делчев” е ремек дело на големиот македонски архитект Георги Константиновски.
Насоката на доцната модерна и постмодерна архитектура, денес препознаена како бруталистичка поради употребата на бетонот како конструктивно-естетска, ја прави оваа архитектура скулпторски вредна.
Монументалното здание, своевремено студентски дом со огромен капацитет е замисла за студентски стандарди според сите човечки удобности и доблести.
Домот е организиран во 4 блока со вкупно 1324 легла, организирани во неколку типа на соби.
Блоковите се распоредени на соодветно растојание, впишувајќи го симболот на бесконечност и формирајќи централен двор. Атриумот е парцијално отворен, притоа докрај дефиниран преку снажни мостовски конектори помеѓу високоите кули.
Во комплексот биле вклучени и рекреативните објекти, бина за свечености, бифе, занимални итн.
Единствен по многу работи, овој дом е вистинска гордост на македонската архитектура од храбрата постземјотресна обнова на Скопје.
Но, за македонската реалност да биде тврдокорна докрај оваа ретка реализација, денес се гуши во сопствениот заборав и пропаѓање поради несоодветно одржување.
Иако ветувањето дадено од властите ( реновирањето) се одвива навистина со слабо темпо, сепак ја поздравуваме неговата реализација и даваме апел за нејзиното успешно довршување.
Овие години, проф. Константиновски често беше присутен со предавањето за овој објект, неговата оригинална замисла, ревидираната реализација, концептот. Неговата неспоредлива архива реши да ја сподели и со marh.mk, дел од техничката документација за овој објект која е дел од оваа објава. Покрај нив, пристигнаа и фотографии од нашите читатели, а во блиска иднина најавуваме и официјална фотогалерија од МАРХ.
Автор на статија: marh